38 УМЕТНИЦИ НА 14. МЕЃУНАРОДНО БИЕНАЛЕ НА МЛАДИ ВО МСУ, ТЕМАТА Е „БУДЕЊА“

1 min read

„Будења“ (Awakenings) е темата на  на 14. Меѓународно биенале на млади уметници во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје, кое ќе се отвори в четврток, 6 април, во 20 часот.  Куратори на изложбата се Ива Димовски, Бојана Јанева и Никола Узуновски, кои велат дека годинашната тема „Будења“ ги потикнува младите уметници да ги изразат своите размислувања, дилеми, не/сигурност, не/согласувања и амбиции, на прагот пред нивното осамостојување и напуштањето на комфорната зона при соочувањето со личните и општествени промени

На изложбата учествуваат 38 млади уметници од земјава и од странство: Џем А (Германија), Ујхази Адриен (Унгарија, Србија), Шофу Вонг (Австралија), Милена Галици (Италија, Белгија), Габриеле Гандини (Италија), Елена Гелева (Р.С.Македонија), Ринор Даути (Косово), Надица Дојкоска (Македонија), Серхат Емрулаи (Македонија), Клелија Живковиќ (Македонија), Ана Јовановска (Македонија), Јован Јосифовски (Македонија), Аријана Кадиќ (Црна Гора), Јулија Кастелучи (Македонија), Лумтурие Крашники (Косово), Наџа Крачуновиќ (Србија), Герта Ксаферај (Албанија), Милан Кујунџиќ (Србија), Ана Лехбаумер (Австрија), Ана Ликар (Словенија), Јулија Манојловска (Македонија), Симона Манчева (Македонија), Николо Масини (Италија), Фатима Моалим (Шведска), Малина Монча (Романија), Сара Мускалу (Романија), Јана Николовска (Македонија), Жозефин Остлунд (Шведска), Чади Реда (Швајцарија), Ананда Серне (Норвешка), Ива Станковска (Македонија), Сара Танасковиќ (Србија), Игор Таневски (Македонија), Славица Танеска (Македонија), Мануел Този (Австрија), Ана Трајковска (Р.С.Македонија), Јируи Фанг (Италија) и Риџет Ферати (Македонија).

 

Инсталација на Аријана Кадиќ. (Фото: МСУ)

„Годинашната тема ‘Будења’ се осврнува кон процесите на соочување и мечтаење и има за цел да ги поттикне младите автори да ги изразат своите размислувања, не/сигурности, не/согласувања, не/задоволства, мечти и амбиции при соочувањето со личните и општествените промени. Темата на Биеналето има за цел да го истражи и претстави процесот и промената, дејството и почетокот – оттаму, будењата како одговор на прашањата: Како младите уметници кои излегуваат од границите на семејството и образовната институција се соочуваат со општествените проблеми и предизвици? Што прават младите кога ќе се разбудат во свет во кој не се заштитени како порано? Како сонуваат во свет кој по тригодишна изолација конечно ги отвора вратите за уметничко изразување и дејствување?. Напуштањето на комфорната зона при завршувањето на образованието или осамостојувањето од семејството, почетокот или промената на кариера или пак наметнатите околности, кои произлегоа од глобалната пандемија и рестрикциите, го носат во себе аспектот на двојството. Од една страна, нивното настанување е ограничувачко, а од друга, нивниот процес е ослободувачки.“, вели кураторскиот тим.

Изложбата се реализира со пари од Министерството за култура и со поддршка на Амбасадата на Кралството на Шведска во Скопје и Амбасадата на Италија во Скопје.

Б. НЕСТОРОСКА

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

Скопје станува гнасно и опасно место за живеење

Следно

Турската инфлација се намали во март

Latest from Blog