Додека Северна Македонија и целиот балкански регион се почесто е погоден од екстремни бури кои прават сериозни штети, граѓанските организации посочуваат дека државата сè уште нема амбициозни политики за климатска акција, а институциите не се доволно подготвени за примена на соодветни политики во пракса.
Така е и покрај тоа што метеоролозите предупредуваат дека невремињата и топлотните бранови се нова реалност. Само во последниве неколку недели силните невремиња во Тетово, Скопје но и други делови од земјата поплавуваа улици, домови, а ветровите корнеа кровови и дрвја.
Во Скопје паѓаа огради, дрвја и реклами паноа врз автомобили. Бурите зачестија од крајот на јуни, а некои денови имаше и повредени граѓани врз кои паднаа дрвја од силниот ветер.
Овие ненадејни промени на временските услови мора да бидат висок приоритет за Владата, велат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“.
„Влијанијата на климатските промени се во обем досега невидени. Нашата земја ги трпи последиците од климатските промени, но нема финансиски средства да се справи со штетите и загубите, затоа е исклучително ранлива на климатските промени. Наскоро ќе се соочиме со потопла и посушна клима, се очекуваат и екстремни бури кои ќе предизвикаат поплави“, велат од невладината „Еко свест“.
Катастрофи со огромни последици
Предизвиците од климатските промени се сè поголеми за земјите од Западен Балкан, вклучително Северна Македонија, како што наведува и Светската банка во извештај насловен „Преглед на климатски јавни финансии“.
Се вели дека природните опасности влијаат врз животите на луѓето, го попречуваат растот на економиите и ги оптоваруваат јавните финансии.
„Земјата за да се подготви за овие закани поврзани со климатските промени и да продолжи со пристапувањето во Европската унија треба да преземе низа реформи“, се вели во извештајот.
Организацијата наведува дека само во последните 20 години во Македонија имало 12 катастрофи поврзани со климатските промени кои погодиле 1,3 милиони луѓе.
Периодов не беше само Северна Македонија погодена од ненадејни невремиња додека имаше високи температури.
Во Инџија, во Србија, на 1 јули имаше невреме со ветрови со брзина од над 90 километри на час. Во Белград дождот поплавуваше улици, а ветерот корнеше дрвја.
Обилни врнежи имаше во цногорскиот главен град Подгорица на 2 јули, како и во Бар. Според извештаите, од бурите во Црна Гора имало две жртви – загина работник по пад на кран на градилиште, а во Тиват загина човек од удар од гром.
Метеролозите велат дека причина за ваквите појави е судир на северни и јужни воздушни струи.
„Тоа се појави на тие олујни ветрови кои не траат долго, но главно се поврзани со јадрото и за бурата“, вели Милица Ѓорѓевиќ за Радио Слободна Европа.
Слично беше во Босна и Хецеговина и другите земји, како и во Грција – каде дел од денот температурите се високи, а потоа доаѓаат силни невремиња.
Високи температури да ги сфатиме сериозно
Следниве денови, во текот на викендот, се очекува топло време со натпросечни температури и повремени локални дождови, според Хидрометеролошките заводи во регионот.
„Но мораме да сфатиме дека ова не се исти жештини како пред десет или 20 години, туку се последици на променетата клима“, изјави Ивана Воиновиќ – директорка на Центарот за климатски промени на Универзитетот Долна Горица во Црна Гора во поткастот „Зип“ на Радио Слободна Европа.
Таа додава дека и минатата година во Студија на Европската агенција за животна средина од Копенхаген проценила дека во текот на летните месеци следните години ќе има најмалку 60 денови кои ќе бидат опасни по здравјето за луѓето.
„Многу е важно сериозно да ги сфатиме предупредувањата да не излегуваме и да патувавме во тие најтопли часови од денот. Мораме да ги приспособиме условите за градење на нашите станбени објекти“, вели Воиновиќ.
Климатските политики да бидат приоритет
Важно е земјите да применат паметни фискални политики за апсорпција на загубите поврзани со климатските промени и на таков начин да го поддржат одржливиот економски развој, велат од Светската банка.
„Потребно е Северна Македонија брзо да воведе цена на емисии на јаглероден диоксид за да ги ограничи емисиите на стакленички гасови и да собере значителни приходи за државниот буџет, потенцијално 370 милиони евра годишни“ се вели во извештајот на Светска банка.
Климатските политики, како што наведуваат од „Еко свест“ мора да бидат висок приоритет за Владата бидејќи ги засегаат сите сектори на општеството.
Според нив, амбициозни климатски цели треба да се пресликаат во сите релевантни сектори, особено секторот енергетика кој најмногу придонесува за емисиите на стакленички гасови.
Од „Еко свест“ велат дека улогите на институциите треба да бидат јасно дефинирани во имплементацијата на мерките за климатска акција и да ги зголемат нивните административни капацитети, а клучно е да се обезбедат финансии.
Извор: Радио Слободна Европа