Заменик-претседателот на Судскиот совет со „креативно“ толкување на разрешувањето на претседателката: Сè што не е забрането е дозволено

April 29, 2023
3 mins read

Во врска со прашањето за разрешувањето, заменик-претседателот на Судскиот совет вели дека има орган кој може да утврди дали одлуката на Советот е законска или не, односно Уставниот суд и ја упатува Дамева да поднесе иницијатива

Заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми, кој го иницира разрешувањето на претседателката на Советот, Весна Дамева, во интервју за „Порталб“ вели дека се согласува со правните експерти дека со Законот за Судскиот совет не е предвидено разрешување на претседателот на ова тело. Сепак, во своето толкување на ова прашање, за кое првпат јавно го изнесува својот став, вели: „сè што не е забрането со Устав и закон е дозволено“.  

Седница на Судскиот совет/Фото: „360 степени“

„Нека излезе секој професор, кој било експерт, нека каже кој член од законот е прекршен. Јас, искрено, се согласувам со она што го кажаа дека ова прашање треба да се регулира. Во закон не е предвидено како се разрешува и дали може да се разреши претседател на Судски совет, но сè што не е забрането со устав и со закон е дозволено“,  

вели Адеми.

Весна Дамева во средата на контроверзен начин беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет, што предизвика бран реакции од експерти и невладини организации, кои, меѓу другото, посочија дека ниту во Законот за Судскиот совет ниту во Деловникот, кој ја уредува работата на ова тело, не е предвидена процедура за разрешување претседател. „За“ разрешување на Дамева гласаа седуммина членови на Советот, иако за избор на претседател се неопходни најмалку осум гласа во телото со 15 члена.

Толкувајќи го Законот, Адеми вели дека Судскиот совет одлуките ги носи со мнозинство гласови, па така било и со разрешувањето на Дамева.  

„Во Советот имавме мнозинство и беше гласано 7 спрема 5. Советот брои 13 члена, плус два члена без право на глас, но Законот се однесува на 13 члена кои имаат право на глас, значи седум е мнозинството во секоја одлука на Судскиот совет, доколку со закон не е предвидена друга процедура“,

вели заменик-претседателот на Судскиот совет.  

Според него, со Законот е регулирана само процедурата за избор на претседател која налага дека тој мора да биде избран со осум гласа.  

„Значи, претседател се избира со осуммина гласови, но со Законот не е регулирано со колку се разрешува и тука е правната дупка. Никаде не пишува дека ако те избираат со осум гласа и те разрешуваат со осум гласа. Добро би било комисијата за реформи во Министерството за правда да го регулира ова прашање“,  

вели Адеми.

Адеми не се согласува со експертите кои сметаат дека Дамева не можела да биде разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет без претходно да биде разрешена од член на Советот, по претходно спроведена соодветна дисциплинска постапка, за што, исто така, е потребно мнозинство од осум гласа.

 „Експертите погрешно толкуваат… Таму пишува дека со осум гласа се разрешува (од член на Судскиот совет), но Весна Дамева не е разрешена од функцијата член на Судскиот совет, таа продолжува да биде член, таа е разрешена од функцијата претседател“,

вели заменик-претседателот на Судскиот совет.  

На крајот од одговорот на прашањето околу законитоста на разрешувањето на Дамева, заменик-претседателот на Судскиот совет вели дека има орган кој утврдува дали одлуките на Советот се законски или не, а тоа е Уставниот суд. 

„Дамева нека покрене иницијатива пред Уставниот суд дека одлуката е незаконска и противуставна, па потоа Уставниот суд нека утврди дали е незаконска“,  

вели Адеми.

Дали разрешувањето било незаконско, Адеми одбегна да одговори во четвртокот кога беше закажана седница за избор на нов претседател на Судскиот совет, но се одложи и беше презакажана за 2 мај. На прашањата на новинарите, кои му ги посочија и реакциите, тој неколкупати одговараше дека има институции кои можат да утврдат дали е законски или незаконски разрешувањето.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска преку објава на социјалните мрежи изрази очекување од надлежните институции да покренат постапки во врска со последните случувања во Судскиот совет.  

За вицепремиерката е поразително тоа што наместо да се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството, што е една од основните функции на Судскиот совет, оттаму се манифестира прекршување на процедурите и постапките во самото работење на Советот, што беше констатирано и од набљудувачите од граѓанскиот сектор.

Доцентот по уставно право на Правниот факултет при УКИМ, Денис Прешова, сугерира дека пратениците во Законодавниот дом би требало веднаш да иницираат постапка за интерпелација, особено во најмала рака, против сегашната и поранешната претседателка на Судскиот совет и сегашниот заменик-претседател, имајќи предвид дека главни протагонисти во последните случувања во Советот се членовите од редот на „истакнатите“ избрани од Собранието. Прешова во објавата на Фејсбук вели дека притоа треба да се испитаат сите наводи за разни влијанија врз Советот на кои во повеќе наврати упатуваат токму овие членови и да се оцени нивната досегашна работа.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Расфрлените мртви тела на подот во загрепската болница можно е да се подметната сцена – вели градоначалникот Томашевиќ

Следно

САД: Убил пет соседи откако му побарале да престане да пука во дворот за да заспијат бебе

Latest from Blog

Под истрага е директорот на Светскиот економски форум поради поврзаност со педофилот Епштајн

Организаторот на самитот во Давос, со седиште во Женева, изјави дека ги испитува информациите од Министерството за правда на САД кои покажуваат дека Бренде имал три деловни вечери со Епштајн и комуницирал

Како бремените жени станаа мета на дезинформации за вакцините

Додека институциите често покажуваат недоволна иницијатива и слаб одговор на проблемите, јавниот дискурс во земјата станува сè повеќе изложен на родови дезинформации кои ја потценуваат сериозноста на насилството врз жените, ги замаглуваат

Божиновска: Македонија го забрзува патот кон европскиот енергетски пазар

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го презентираше напредокот на Реформската агенда пред амбасадорите на Европската Унија. На средбата се акцентираше на праведна енергетска транзиција, интеграција во европскиот енергетски пазар и

Меџити: „Цветан Димов“ ќе стане современ булевар во општина Чаир

Оваа година се очекува да започнат работите на улицата „Цветан Димов“ во Чаир, една од најпроблематичните сообраќајни артерии во Скопје, каде секојдневно се забележува хаос. Проектот доби зелено светло во Советот на
Go toTop