„Во моментов имаме мнозинство во Белград“, изјави денес српскиот претседател Александар Вучиќ во пресрет на утрешната конститутивна седница на Белградското собрание, но не ја исклучи можноста изборите да се повторат на градско ниво, јави дописникот на МИА од Белград.

-Колку што сум информиран, имаме мнозинство за Белград, но постои разлика, изјави Вучиќ во утринската програма на ТВ Прва.

Наведувајќи дека не знае дали за тоа ќе се расправа на утрешната седница, Вучиќ рече дека рокот за избор на нова власт, на претседател на градското собрание и на градоначалник на градот Белград е 3 или 4 март.

-Разговаравме за тоа. Милош (Вучевиќ), Ана (Брнабиќ) и (Александар) Шапиќ пред се. Разговаравме два-три пати. Морам да признаам дека немав време да се занимавам со тоа. Сакав да разговарам со (Бранимир) Несторовиќ, тие не го сакаат тоа и не се однесуваат – според мене – доволно одговорно, тука онака како што мислат тие дека е добро. И тоа е нивен избор, рече Вучиќ.

„Подобро да ја немаме власта, отколку таа да биде украдена“, нагласи Вучиќ и додаде дека има и други одборници, не само тие на Несторовиќ, кои би го поддржале мнозинство на СНС.

-Ние имаме легално мнозинство, не сосема и легитимно, ќе почекаме до 2 или 3 март да видиме дали ќе имаме легитимно мнозинство. Ако го немаме, ќе одиме на нови избори за град Белград, посочи Вучиќ.

Според резултатите од декемевриските избори за град Белград, коалицијата на СНС и СПС нема мнозиство за формирање на власт во градското собрание кои брои 110 одборници. И недостасуваат двајца одборници од останатите партии кои влегоа со свои изборни листи во собранието, а тоа се коалицијата Србија против насилството, коалицијата на Нов ДСС-ПОКС и движењето Ние-глас од народот на Бранимир Несторовиќ.

Вучиќ: Позицијата на Србија ќе биде потешка по смртта на Навални

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека позицијата на Белград во однос на Москва ќе биде потешка по смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални и дека ситуацијата треба да се гледа во контекст на рускиот напредок во Украина и претседателските избори во САД, но ја отфрли можноста за воведување санкции кон Русија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Смртта на Навални е „уште една искра“, а во Минхен видовме навивачки пристап, броење и сумирање како да се победи непријателот, а не долгорочен поглед на иднината, изјави Вучиќ за ТВ Прва по враќањето од Минхенска безбедносна конференција.

Вучиќ нагласи дека бил „ужасен“ кога ја слушнал веста за смртта на Навални, оценувајќи дека Србите сакаат да имаат „навивачки став“ и да прифаќаат се што им се допаѓа, а се друго да отфрлаат.

-Јас не сум истражен орган и не сум толку паметен како сите во светот кои секогаш знаат сè, кажа тој и додаде да „сега не се работи за притисок за воведување санкции кон Русија, луѓето знаат дека тоа не е можно“.

Вучиќ, коментирајќи го тоа што на Безбедносната конференција во Минхен со аплауз не ја поздравил сопругата на починатиот руски опозиционер Алексеј Навални, рече дека пред тоа Јулија Навални седела до него, но дека не знал која била таа.

-Да знаев за кого станува збор, ќе изразев сочувство, но можеби згрешив бидејќи таа веднаш рече дека не сака да и се изрази сочувство, додаде тој.

Европската унија по усвојувањето на резолуцијата за Србија, наведе Вучиќ, загуби 10 отсто од својата популарност во јавното мислење, и сега има 24 отсто од оние кои се за членство, а 26 отсто се против.

-Што направивте (ЕУ) слушајќи ги оние кои се малцинство (опозицијата) и кои не ја сакаат својата земја, а јас ќе се борам да ви ја подигнам популарноста, изјави тој.

Коментирајќи ја српската опозиција во контекст на усвојувањето на европската резолуција, рече дека поради нивната хајка, на Србија и е нанесена голема штета.