„360 степени“ присуствуваше на теренски настани на владејачката и опозициската партија, во неделата на лидерската средба меѓу нивните шефови, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски
Клучните прашања за кои преговараат лидерите на партиите им ги поставивме на симпатизери на двете партии. Добивме и неочекувани одговори
Топол ден на градскиот плоштад во градот херој – Прилеп. Часот е речиси 18. Најверните симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ со знамиња в раце веќе некое време се седнати пред бината во исчекување на почетокот на партиската трибина. Темата е – решенијата што ги нуди опозициската партија на тема земјоделство.
За поголемиот број граѓани што „задоцниле“ нема место на столчињата и неколкуте клупи. Малку по 18 часот, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, заедно со домаќинот – градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, ја започна панел-дискусијата. Во публиката беа претежно повозрасни, столчињата пред бината беа резервирани за највисоките ешалони на партијата и за коалициските партнери, а на трибините беа сместени помлади симпатизери и членови на Унијата на млади сили. Имаше и малолетни, па и бебиња.
Со задоцнување од дваесетина минути, пристигна и лидерот Христијан Мицкоски, кој беше пречекан со аплаузи од публиката. Присутните го чекаа својот момент за да се поздрават со претседателот. Пред да започне говорниот дел се интонираше химната, а кај втората строфа посветена на Илинден и македонските револуционери, во првиот ред се протна постар човек кој во рацете носеше таписерија со ликот на Гоце Делчев.
Дали стануваше збор за пропуст на обезбедувањето – остана нејасно, но набрзо по појавувањето, непознатиот човек беше замолен да се повлече. Додека пратениците и експертите за земјоделство на сцена дискутираа за политиките на власта, ние тргнавме во обиколка да дознаеме какви се мислењата и ставовите на симпатизерите на најголемата опозициска партија за некои актуелни прашања во државата. Едногласни беа само за едно прашање – дали би поддржале коалиција со ДУИ доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на следните избори?
– Не сум јас за ДУИ, да ти кажам право. Нека слушне сиот народ, не сум бидејќи треба да бидеме Македонци соединети сите, да освоиме некоја влада.
– Мислам дека после 20 години се фаќаат корени, така што поарно е нешто да се измени, по мое.
– Нема потреба, тие не се потребни таму.
велат граѓаните.
На прашањето – дали Бугарите треба да влезат во Уставот, тема на која се одвива дебата на највисоко политичко ниво, симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ со кои разговаравме во Прилеп се со различни мислења.
Зошто да не? Бугарите си се Бугари, јас сум со бугарско државјанство, јас сум по ова (покажува бугарска лична карта) Бугарин, еве.
– Сметате дека се реални стравовите на политичките партии дека еве со внесот на Бугарите…?
И што? Ќе се помести земјава? Нема да се помести земјава, нека се внесат и Турци и сите што се во државава нека се внесат, ама лошо е што Албанциве ги внесоа со 25 или 30%, им дадоа права и фазла од нашите.
Да, но под овие услови не.
– Кои се овие услови?
Потценувачки услови
Не ми смета тоа, зошто и другиве народи се внесени во Уставот, Бугарите не е некој голем проблем тоа.
Ако се со чесна намера, нека бидат во Уставот, сите нека бидат, ама нека бидат со чесна намера.
Не сум за Бугарите да влезат.
– Зошто?
Па Бугари се, не се наши.
Свое видување за вметнувањето на Бугарите во Уставот имаше и еден симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ кој во родниот Прилеп се вратил по повеќе од 30 години живот во Австралија.
„Тоа е диктатура, тоа е голема диктатура што не постои во светот. Мене во Фиџи ме однесоа на еден остров, тоа го нема и во Зимбабве и во Тунгузија“,
изјави македонскиот иселеник.
По речиси еден час од неговото пристигнување, на бината пред споменикот на Крали Марко се појави Христијан Мицкоски. Во говорот се осврна на неколку точки – зајакнување на националното единство, погубните политики на Владата, уставните измени за внесувањето на Бугарите во Уставот, а Мицкоски испрати и порака до странските дипломати кои отворено го поддржуваат отворањето на македонскиот Устав.
„Кога ги предупредивме дека тоа што се обидуваат да го договорат за нас е неприфатливо и нема да го прифатиме, не игнорираа. Кога им нудевме решенија изминатите месеци наназад, господата од Брисел и меѓународната заедница не не поддржаа, епа овој народ не може повеќе да трпи. Овој народ гласно ќе зборува на следните парламентарни и претседателски избори каде што ќе победи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата“,
кажа Мицкоски.
Додека Мицкоски читаше од листот на говорница, паралелно, на спротивната страна, од телефон говорот го читаше и симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ во публиката. Забележавме дека тој е задолжен да ги насочува реакциите на публиката, како во оваа конкретна ситуација што ја улови нашата камера.
Со завршувањето на говорот на Мицкоски, започна пиротехничко шоу на младинците на партијата. Со ова се означи и крајот на двочасовната програма. Додека гореше последниот факел, платото брзо се празнеше. Со знамиња в раце, симпатизерите заминаа дома.
Додека ВМРО-ДПМНЕ прави трибини на кои присуствуваат поголем број луѓе, пристапот на СДСМ е различен.
Теренските активности на социјалдемократите се прават во помали групи и најчесто во еден ден повеќе карвани посетуваат повеќе општини и повеќе население места во тие општини. Ние одлучивме да го посетиме карванот на „Рамо до рамо“ во Радовиш, град во кој локална власт е на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа да одиме и за Струмица. Во Радовиш беше потпретседателот на СДСМ, Перо Костадинов, а настанот се одржа на детско игралиште. Нетипично за ваков собир, далеку од центарот, во населба со куќи.
Нешто пред 18 часот започнаа да доаѓаат симпатизерите и функционерите. Откако беа поставени банерите во црвена боја на кои е испишано и мотото на активностите, пред насобраните започнаа обраќањата на препознатливите лица со црвени елеци.
„Без разлика што одлуките што беа носени можеби чинеа и го чинеа СДСМ личен рејтинг, во прашање се државните цели на државата и кој и да прашате сега во државата, вклучувајќи го и ВМРО-ДПМНЕ, која е стратешката цел на државата, тоа се нашите цели – интегрирање во НАТО што веќе и сме и да бидеме земја членка на ЕУ“,
изјави Костадинов.
Партиските лица во говорите се задржаа на неколку теми – деструктивното однесување на опозицијата на локално ниво, економската криза со која, според нив, властите успешно се справуваат, уставните измени… По говорите следуваа прашања од публиката.
„Дали водостопанството на Радовиш ќе се земе како и другите институции и ќе се однесе во Струмица или Штип?“,
гласеше прашањето на еден човек од публиката.
Насобраните граѓани продолжија со прашања што нив им значат на локално ниво, но и за иднината на централно ниво. На собирот присуствуваа 50-ина симпатизери на СДСМ. И овде имаше малолетни деца и бебешки колички. Во еден момент група деца со велосипеди сакаа да дојдат до игралиштето каде што веројатно најчесто се дружат, но брзо се предомислија откако ги видоа насобраните.
Пред да заминеме, поставивме неколку прашања до симпатизерите на СДСМ.
Мислите дека е прифатливо ДУИ да не биде дел од Владата или треба да остане?
– Мислам дека треба бидејќи тие се едни од чинителите на политичката структура во Македонија.
Па јас мислам дека сега добро им оди на СДСМ и ДУИ и треба да се заедно, тоа го мислам.
Вашето мислење за внесување на бугарскиот народ во Уставот, дали сте за или против?
– Па слушај, зошто има и други мислам дека треба и тие да се внесат внатре во Уставот.
Ако веќе се одлучиле, струката да го каже дека треба да се нека бидат, ако не, да не бидат.
Од Радовиш има помалку од половина час возење до Струмица, градот кој долги години е бастион на владејачката партија. И настанот во Струмица, како и во Радовиш, повеќе личеше на „маалска средба“ бидејќи се одржа во сокаче, пред поранешен штаб на СДСМ во една од месните заедници.
Од раководството на СДСМ присуствуваа директорот на Агенцијата за катастар Борис Тунџев и директорот на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор Боре Еркечов. Најавен беше и градоначалникот Костадин Костадинов, но тој не се појави.
„Во овие три години, во тој период кога се соочувавме со сериозни предизвици, Владата на СДСМ не заборави на граѓаните“,
изјави Тунџев.
И тука, како и во Радовиш, во фокус беше актуелната ситуација во земјата. На средбата беа присутни триесетина луѓе, заедно со партиските претставници. Бидејќи настанот се одржуваше на улица, честопати присутните мораа да се поместуваат бидејќи покрај нив поминуваа автомобили.
Се обидовме да ги прашаме присутните за став за неколку актуелни прашања, но наидовме на отпор. Ни требаа околу 30 минути за да убедиме двајца соговорници.
Сметам дека заедништвото треба да се постигне помеѓу македонските партии, опозицијата и позицијата мораат заеднички да ги разгледаат ставовите, да видат што е она што е подобро за сите нас.
Тоа национално единство требаше од многу порано, уште кога Зоран Заев им предлагаше ако победат да им дадат 10 пратеника и обратно, ама тогаш опозицијата не се согласи и затоа дојдовме до оваа ситуација.
Го поставивме и прашањето кое е жежок костен во општеството – дали се „за“ или „против“ внесување на Бугарите во Уставот.
Не ми смета зашто веќе сите сме вклучени и многу етникуми се внесени, па и тие ако фигурираат да влезат,
Ако можат да влезат Срби, Албанци и ред други, зошто да не и тие? Тоа ти е исто, само е политички.
Иако во воведните говори и власта и опозицијата не пропуштаа да споменат дека овие активности не се дел од некаква предизборна кампања бидејќи изборите, барем оние регуларните, би требало да се одржат следната година, сликата од терен кажува друго. Поучени од минатото изгледа дека и двете партии сега навреме го мобилизираат членството за што подобар резултат на следните избори, кога и да се одржат.
ИЗВОР: 360stepeni.mk