Рано утрово околу 5:40 часот се урнаа првите три ката од седумкатна станбено-деловна зграда во истанбулската населба Малтепе, предизвикувајќи масовна спасувачка акција и голема загриженост откако под урнатините се трага по преживеани.
Несреќата се случила на улицата Догу во населбата Џевизли, каде зградата изградена во 1987 година со приземје и шест ката и вкупно 12 станови изненадно попуштила на долните нивоа. За среќа, текстилната работилница лоцирана во приземјето во моментот на уривањето била празна.
Итна акција со над 200 спасувачи и кучиња трагачи
На лице место веднаш биле упатени десетици екипи на пожарникарската служба, полицијата, медицински тимови и специјалисти од турската управа за вонредни состојби (АФАД). Спасувачите прво ги евакуирале жителите од повисоките, неоштетени катови, по што со помош на специјално обучени кучиња трагачи започнало пребарувањето на урнатините.
Досега се спасени пет лица, меѓу кои и две деца, кои се пренесени во болница и според првичните информации не се во животна опасност. За време на тешката интервенција, лекарска помош му била укажана и на еден пожарникар на кој му се слошило.
Неизвесност за бројот на затрупани
Истанбулскиот гувернер Давут Ѓул изјави дека според официјалните пријави во зградата живееле 33 лица, додека во погодените четири стана на првите три ката биле пријавени 14 лица. Две лица не биле во Истанбул, пет се спасени, со четири лица е воспоставен контакт, додека продолжува неизвесната потрага по најмалку три до седум лица, при што бројката не е конечна поради можноста од присуство на гости.
Поради опасностите од целосно рушење на остатоците од објектот, ангажирани се над 175 пожарникари со 56 возила и 25 припадници на АФАД, додека околните згради се евакуирани од претпазливост, а за семејствата е обезбедено привремено хотелско сместување.
Министерството за внатрешни работи веднаш назначило двајца управни инспектори за да утврдат дали имало пропусти во легализацијата, градбата или подоцнежните измени на објектот.
Извор: vecer.mk


