(ВИДЕО) Скопјанец не може да си загради земјиште бидејќи соседите му ја уриваат оградата

5 mins read

Семејството Комненови, според документите од Катастарот и според судски пресуди, имаат право на две спорни парцели во скопски Бутел на кои соседите од околните куќи во последниве години пичнале да си ги паркираат возила, додека траел процесот на приватизација на земјиштетот. Минатата недела имаше асистенција и од интервентната полиција, па Комненови успеаја привремено да ги омеѓат парцелите, но „некој” ја урнал оградата и комшиите повторно ги ставаат возилата на земјиштето

Соседите тврдат дека тоа земјиште било на нивни предци, потоа било национализирано, а сега под нејасни околности успеало да заврши кај Комненови. Комненови, пак, тврдат дека земјиштето е нивно од прадедо, а реакцијата на соседите ја толкуваат низ етничка призма и притисок да иселат од маалото

Деветти ноември, 7 часот наутро. Наместо со будилниците, жителите во мирното маало на периферијата на скопски Бутел се разбудија со расправија меѓу две спротивставени групи.

Точното место на „судирот“ е Бутелска 29. Од една страна е семејството Комненови, кое според документите од Катастарот е сопственик на две парцели (2324/1 и 2325) со вкупна површина од 368 квадратни метри, кои во неколку наврати се обидуваат, но не можат да ги стават во владение.

Од друга страна се соседите, кои до скоро ја користеле парцелата за паркинг и кои тврдат дека парцелата била државно земјиште кое Комненов го откупиле на сомнителен начин. Помеѓу беше полицијата која постапуваше по правосилна судска пресуда во корист на семејството Комненов. Пресудата го задолжува скопското јавно претпријатие „Улици и патишта“ да ја врати парцелата во првобитна состојба, бидејќи градската фирма прва истурила тампон на местото и го направила паркинг.

Баш кога беше короната, носеа камиони, навечер се носени во 11-12 саат. Истурано е и искипувано и расфрлани, за да го попунат и да го користат како паркинг. Земјиштето е на прадедо ми, има историјат на движење на земјиштето“,

вели Ивица Комненов.

Катастарската книшка на „спорното“ земјиште

Наместо 79 година кога ми го земала Македонија, наместо да го врати на правите сопственици кои го користеле и што е нивно, они спротивно, го даваат на некое трето лице“,

рече Ремзи Бајрами.

Важноста на навидум минорниот настан се огледаше во фактот дека на лице место имаше 30 припадници на интервентната полиција, редовна полиција, багер кој чекаше зелено светло за да започне со ископ, како и две возила за влечна служба кои требаше да интервенираат доколку паркираните автомобили на „спорното“ земјиште не беа доброволно отстранети.

По речиси еден час од поставувањето на полицискиот кордон и откако паркираните автомобили доброволно беа преместени, семејството Комненов и геометрите добија дозвола да започнат со заградување на земјиштето, а багерот и работниците кои нестрпливо чекаа полицијата да ги смири тензиите со соседите, конечно се фатија за работа. Но, токму кога багерот почна да се движи, патот беше блокиран од жител на маалото.

Ниту по интервенцијата на еден од полицајците, човекот не сакаше да го ослободи патот за багерот. Откако тој беше отстранет, багерот конечно влезе на спорното земјиште и започна да копа.

Додека багерот работеше, соседите негодуваа, а од една од куќите беа фрлени камења кон полицијата што го крена степенот на ризик, по што полицајците ги заменија капите со шлемови.

Откако багерот заврши со ископот, на улицата се појави пик-ап кој носеше железни огради за да се загради земјиштето. Тоа повторно предизвика инцидент, а полицијата беше принудена со сила да ги отстрани комшиите од местото. Откако страстите се смирија, сопствениците продолжија со поставувањето на импровизираната ограда. Паралелно, екипи на „Телеком“ работеа на отстранување на поставената бандера на приватното земјиште, преку која 32 семејства добиваа интернет и други услуги.

Оградата беше поставена, а следно на ред беше бетонирањето. Но, во моментот кога камионот требаше да го истури бетонот, полицијата ја запре акцијата со изговор дека нивната работа била да обезбедат можност само за заградување на земјиштето, а не и да биде присутна кога сопственикот ќе бетонира. Со повлекувањето на интервентната полиција, одново се разгореа вербални расправии помеѓу соседите.

Ремзи Бајрами е еден од соседите на семејството Комненски кои излегоа за да го спречат оградувањето на земјиштето. Пред камерата тврдеше дека „спорното“ земјиште е нивно уште од четириесеттите години на минатиот век, но со процесот на национализација, тогашна Југославија им го одзема, а потоа со денационализацијата, сосетката Славица Комненова, без нивно знаење. го откупила од РМ.

Ако веќе она е во право, ако треба да се затворат 32 куќи за само она да живее, не е проблем. Она имала пари да го купи, ние немаме пари 32 куќи да го купиме нашето земјиште на кое од 43-та сме се преселиле, од Брест сме дошле тука. Ние не сме имале пари, а таа имала да го откупи нашето земјиште, она што е мое. Ова е стварно, не знам, еве досега беа полицајци ко да имало убиство, па убиство да беше толку полиција не треба да се викне“,

вели Ремзи Бајрами.

Според Бајрами, тие се подготвени да го прифатат и денешниот епилог, ако тоа на лице место го потврдат сите надлежни служби.

Нека дојдат од Катастар, нека дојде геодетска, нека дојде од финансии, нека го запишат. Ако веќе она е во право, ако треба да се затворат 32 куќи за она да живее, не е проблем“,

кажа Бајрами.

Ремзи Бајрами

Кога се направи нов обид бетонирањето на оградата да продолжи, на терен дојде инспектор од Општината Бутел и ги запре градежни работи, бидејќи локалната власт немала издадено дозвола за такво нешто. Тоа предизвика сатисфакција кај насобраните соседи.

Откако страстите се смирија, го побаравме синот на сопственичката на земјиштето, Ивица Комненов. Тој вели дека проблемот почнал на 1 мај 2019 година, кога од „Улици и патишта“ првпат ставиле тампон на парцелата.

„Нашето земјиште е пониско за половина метар од улицата. Мајка ми ми се јави, дојдов, застана мајка ми пред камион, не дозволуваше камионот да отиде се дур не дојде полиција. Дојде полиција, за да на направи записник. Направен е записник, нема налог за тампонот што е донесен“,

вели Ивица Комненов.

Според Комненов, постапувањето тампон продолжило во уште неколку наврати во доцни часови, по што парцелите се претвориле во паркинг. Но, како што пишува во имотните листови, двете парцели се приватизирани по 1 мај 2019 година, односно со Решение од 22 октомври 2019 година, кое станало правосилно во август 2021 година.

„Земјиштето е на прадедо ми. Има историјат на движење на земјиштето коешто мајка ми го приватизира. Во имотен лист, кога се приватизира земјиште, дур не се приватизира стои на РМ. Но, во прибелешка стои, треба да стои, дека има поднесено барање за приватизација. Сето тоа, викаат комшиите, дека може да го користат и они бидејќи е на РМ. Зошто можеме ние, можеле и тие“,

вели Ивица Комненов.

Ивица Комненов

Историјатот на сателитски снимки за местото не се доволно јасни за да се види дали порано имало ограда околу парцелата. Но, доволно е јасно дека до 2018 година, немало паркирање на „спорната“ парцела, барем не во обемот како во последниве две-три години.

Комненов на сето тоа гледа и низ етничка призма – како притисок да се исели.

2019 г. ни се скршени прозорите на куќата, мавано е со камења по керамиди, кршени ни се керамидите. 2021 има и записник, фрлен ни е и молотов коктел. Тоа се притисоци за да се отселиме, на мајка ми чичкото го иселија така“,

вели Ивица Комненов.

Соседите имаат поинаква перспектива.

Ние сме комшии за цел живот, не сме за еден ден. Ама ова нема понашање, нема пристап. Утре ќе речат, било што и да се деси, одма ќе речат на национална база. Е, да не речам сега Албанците или Македонците или Србите, или овој или оној. Еве, само нека ги тргнат овие, да не ги тргаме ние. Тука е тоа проблем“,

изјави Бајрами.

Фото: 15.11.2023 г.

Откако заврши се, Комненов не ја тргнаа поставената ограда. Но, некој друг ја турнал, а освен тоа, повеќе нема ни трага од копањето на багерот кое беше со цел да се обележи границата на земјиштето. На „спорната“ парцела, пак, соседите повторно ги паркираат автомобилите. Оградата и железаријата се откорнати и фрлени покрај дворот на Комненови.

Случајот е пријавен во полиција. Сега следува процес на чекање дозвола за поставување ограда и, можеби повторно, полициска асистенција за таа да биде поставена.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Како се почитува законот за облигациони односи? – Здруженија: Извршителите продолжуваат да ги крадат граѓаните

Следно

Лебедев: Русите своите непријатели не ги сметаат за живи, мислат дека државата е толку голема и моќна што никој нема да ѝ се опира

Latest from Blog