(ВИДЕО) Радост во Лабуништа по затворањето на уште два каменолома

June 14, 2023
4 mins read

Од некогашните шест концесии во околината на Лабуништа, активна останува уште само една – на фирмата „Илинден“ од Струга. Останатите пет беа раскинати поради различни прекршувања на концесиските договори утврдени преку инспекциски надзори

Петок е пазарен ден во струшкото село Лабуништа. Тоа само ја зголемува раздвиженоста во местото кога оџата ќе повика на петочната џума-намаз.

По молитвата во петокот, дел од жителите се упатија кон канцелариите на месната заедница. Тоа е пракса во Лабуништа за да се договорат што ќе прават за локалните проблеми.  

„Јас најпрво ќе почнам со еден голем проблем со кој се соочуваше Лабуништа, а тоа беше депонијата“,

вели Јасмин Ќазимоски, жител на Лабуништа.

Најважната вест, сепак, дојде подоцна на состанокот. Извојувана е нова победа против околните каменоломи.

„Почитувани граѓани на Лабуништа, првенствено би сакал да ви ја честитам победата. Ова беше голема победа. Ние, како Лабуништани, докажавме дека соединето и заедно можеме да постигнеме многу и успехот се постигнува само заедно“,

кажа Алија Ќазими.

Жителите, разбирливо, беа пресреќни. Каменломите околу селото на сите им го нарушуваа и мирот и животната средина.

„Се чувствувам многу добро, со голема радост ја дочекавме таа одлука на Владата. Значи, комплетно се затворија тие два каменоломи. Благодарни сме на државата што покажа слух кон населението и нашите барања од селото“,

вели жител на Лабуништа.

„Одевме на протести, протестиравме, се боревме за да имаме чиста природа. Многу сме среќни што се решија проблемите со каменоломите. Ние, како Лабуништани, заслужуваме да имаме чиста природа“,

додаде друг жител.

Жителите на Лабуништа одамна бараа затворање на каменоломите. Во 2019 година тие протестираа со месеци затоа што во еден момент околу селото работеа шест посебни фирми.

Концесиите за каменоломи, пак, ги доделиле министрите за економија Ваљон Сараќини и неговиот наследник Беким Незири, во периодот меѓу 2013 и 2015 година.

Последните години Лабуништани ја артикулираа иницијативата во правно појасна форма – преку еколошкото друштво „Натура лаб“.

„Не случајно се вклучивме во таа борба бидејќи уназад ако гледаме, години, години овој народ беше труен баш од тие каменоломи, баш од тие прашини, од тие минирањa. Борбата знаевме дека ќе биде тешка, но бевме убедени дека сме на правиот пат и дека ќе ја добиеме. Денеска можеме да кажеме дека баш тие каменоломи после таа долга борба успеавме да ги затвориме. Односно, од вчера веќе и во ‘Службен весник’ е објавено – тие каменоломи, односно концесите се одзедени“,

ни кажа Алим Салоски – претседател на еколошкото здружение „Натура Лаб“.

Одлуките за кои зборува Салоски се објавени во „Службен весник“ број 116 од 7 јуни 2023 година. Станува збор за две посебни постапки, за две концесии кои завршиле со еднострано раскинување на договорот за концесија.

Во собирањето на доказите кои доведоа до овој епилог, директно беше вклучен Алија Ќазими, жител на Лабуништа, активист на еколошкото здружение и магистер по правни науки.

„Кај еден од концесионерите се утврди дека истиот е излезен од концесиското поле, при што Државниот инспекторат истото го утврди, дека е излезен и концесионерот доброволно сам се повлече од договорот за концесија, односно поднесе барање за едностран раскин на договорот од негова страна. Што се однесува на другиот концесионер, истиот не само што имаше голем долг према државата и неплаќано придонеси за својата концесија, истиот својот договор го дал под закуп, односно бил закуподавец на самиот простор без претходно да прибави согласност од концедентот, односно Владата на Република Северна Македонија“,

вели Алија Ќазими.

Ќазими вели дека концесионерите имаат рок од 15 дена да ја отстранат механизацијата оттаму. Потоа, како здружение, ќе се борат просторот да се врати во првобитната состојба.

„’Натура лаб’ продолжува да презема иницијатива врз основа на тоа за враќање во првобитна состојба на самото концесиското поле на двете концесиски места, иако се веќе драстично уништени, можеме да речеме дури уништени, бидејќи оттаму се експлоатирани количини во големи размери. Но, ќе се потрудиме барем онака од далеку да изгледа природата да се врати во некоја нормала“,

рече тој.

Отстранувањето на каменоломите има значење за сите жители на Лабуништа, но особено за семејствата што живеат најблиску до нив.

Кога во 2019 година правевме репортажа за истиот проблем, животот на семејството Алиески веќе беше сериозно нарушен. Сега го посетивме пак, откако ја доби веста за одлуките во „Службениот весник“.

„Од денеска се спасивме од каменоломите, нема да ги има од денеска каменоломите.

-Шуќур, ќе се спасиме, да можеме да седиме овде, ни е страв овде да седиме, да спиеме, куќата е направена. Кога ќе пукне онаму, се плашат децата, бегаат, се кријат, каде да одиме. Аир да видите што ги тргнавте да не се ондека, да можеме да си живееме убаво во куќата. Децата коски имаат оставено да го направат и испукана куќата целата“,

коментираше семејството.

Решат Алиески, исто така жител на Лабуништа, им се заблагодари на сите што придонесоа за затворање на каменоломите. И тој е среќен за децата, но и затоа што нема да мора постојано да ја поправа куќата.

„Благодарение сега што нема да имам пукнатини на куќава, што нема, на пример, ќерамидите да се кршат, нонстоп ги менувам. Тоа ми е, и најдобро е што ќе можам да спијам на раат, да не се плашам во сонот дека утре ќе минираат, децата ќе ги разбудат, ќе ги уплашат, и морав да ги преселам децата оттука, да ги однесам во старата куќа. Тоа ми е најбитно, што можам да си легнам на раат“,

кажа тој.

Од некогашните шест концесии во околината на Лабуништа, активна останува уште само една – на фирмата „Илинден“ од Струга. Останатите пет беа раскинати поради различни прекршувања на концесиските договори утврдени преку инспекциски надзори.

„За концесијата на локалитетот ‘Стрижак’, доделена на ‘Илинден’ Струга, во тек е вршењето на инспекцискиот надзор согласно укажувањата од пресудата на Управен суд, со која предметот е вратен на повторно разгледување и одлучување“,

велат од Министерството за економија.

Како што кажува и ставот на економија, фирмата „Илинден“ досега успеваше да ја одбрани својата концесија. Тие беа и единствените што пред три и пол години, кога известувавме на темава, одговорија на нашите прашања. Уште тогаш тврдеа дека ниту минираат ниту, пак, воздушната линија од 6 километри до селото значи дека се блиску до Лабуништа.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Изложбата „ФеминаV.S.Фемининологија“- соработка помеѓу ДЛУМ и ХУЛУЛУК од Загреб

Следно

САД: Доналд Трамп се изјасни дека не е крив во случајот со доверливите документи

Latest from Blog

Е.Пелистер поразен од Веспрем

Ракометарите на Е. Пелистер го доживеаја и шестиот пораз во деветтиот натпревар од Лигата на шампионите, овој пат со 33-26 (20-11) на гостувањето против унгарски Веспрем. Уште по првото полувреме беше јасно

Ирански генерал загина во судирите меѓу режимот на Асад и антирежимските групи во Алепо и Идлиб

Бригадниот генерал Кејумерс Пурхашими, еден од командантите на Армијата на иранската револуционерна гарда, загинал во нападот што го изврши сириската опозиција на западниот дел на Алепо, известува Анадолу. Според веста на иранската

Сиљановска Давкова се сретна со претседателот на Собранието на Црна Гора

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на официјалната посета на Црна Гора, денеска во Подгорица оствари средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрија Мандиќ. На средбата беше изразено задоволство од

Стојановски: Приватните превозници го прифатија предлогот на советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, цената за километар да биде 100 денари!

Мартин Стојановски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, денеска истакна дека приватните превозници го прифатиле предлогот на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, а цената за километар ќе биде 100

Брисел: Креативните решенија мора да бидат усогласени со заклучоците на Советот

Работиме на изнаоѓање решение за Северна Македонија да оди напред во втората фаза од преговорите со ЕУ. Не сакаме Северна Македонија да биде оставена назад. Сепак, креативните решенија мора да бидат усогласени
Go toTop