(ВИДЕО) NMK наместо МК на знаците по главниот автопат во соседната држава која Македонците ја сметаат за најпријателска

November 26, 2023
3 mins read

Според Преспанскиот договор, кратенката NMK е предвидена само за регистарските таблички на возилата, а за сите други намени кодот на земјава останува МК и МКД

Од македонското МНР реагирале до МНР на Србија за несоодветната употреба на меѓународниот код за земјава и добиле уверување дека станува збор за ненамерен пропуст што ќе биде коригиран

Поминати се повеќе од пет години од 17 јуни 2018 година кога во селото Нивици, Скопје и Атина го потпишаа Преспанскиот договор.

Преговорите за името се водеа со меѓународно посредништво, но на крај двете страни стигнаа до решение во интензивна директна комуникација на владите на Заев и Ципрас.

Спогодбата имаше и сѐ уште има противници од двете страни на границата, а двете земји и натаму имаат неимплементирани одредби.

Но, попатно, намерно или ненамерно, се појавуваат и примери на погрешно спроведување на некои одредби од Договорот од Преспа.

Во Северна Македонија воочливи се сè повеќе возила со регистарски таблички на кои наместо доскорешниот код „МК“ сега стои кратенката „NMK“. 12 февруари 2024 година е крајниот рок за да се направи измената, согласно Преспанскиот договор.

Одредбите од договорот не се занимаваат со прашањето – дали треба да се стават целосно нови регистарски таблички или само налепница со „NMK“ врз „MK“. Но, јасно е дека „NMK“, што е кратенка од North Macedonia, односно Северна Македонија на англиски јазик, е предвидена само за регистарските таблички. Тоа јасно е наведено во Договорот од Преспа:

д) Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО).  

Но, додека „NMK“ допрва станува реалност на регистарските таблички на возилата во земјава, во една соседна држава кратенката веќе извесно време е стандард. Таа земја не е јужниот, туку северниот сосед – според многу анкети, најпријателската држава за етничките Македонци.

Иако не ѝ е местото таму, кратенката „NMK“ ја има насекаде по главниот патен коридор што ги поврзува Северна Македонија и Србија.

Патна сигнализација на автопатот Е-75 од Р.Србија кон Р. Северна Македонија

Станува збор за автопат со должина од близу 400 километри на кој на десетина знаци стои кратенката „NMK“ која е предвидена само за возилата регистрирани во Северна Македонија, наместо „MK“, која треба да важи за намени како – патна сигнализација.

Како се случило погрешното читање на Договорот од Преспа, но и кога тоа ќе биде исправено, прашавме во јавното претпријатие „Патишта на Србија“ (Путеви Србије). Не добивме одговор.

Се обративме и до македонското Министерство за надворешни работи. Директорката на Директоратот за билатерални односи со државите од Југоисточна Европа, Јадранка Чаушевска-Димов, вели дека веднаш по ратификацијата на Договорот од Преспа испратиле известување за промените до сите држави членки на Обединетите нации.

До Србија, во меѓувреме, испратени се и дополнителни дописи.

Амб. Јадранка Чаушевска-Димов, дир. на Дир. за билатерални односи со земјите од Југоисточна Европа

„По добиените сознанија за несоодветна употреба на меѓународниот код на нашата држава, конкретно врз вертикалната патна сигнализација на автопатот Е-75 на релација Белград – Скопје, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија веднаш по дипломатски пат реагираше до Министерството за надворешни работи на Република Србија за погрешната употреба на меѓународниот код. Оттаму добивме уверување дека станува збор за ненамерен пропуст на тамошните служби задолжени за поставување на патна сигнализација и, воедно, уверување дека истата ќе биде коригирана во најскоро време“,

вели Чаушевска-Димов.

Иако, како што објасниле од Белград, станува збор за ненамерен пропуст кој ќе се коригира во најскоро време, целата работа не останала само на една реакција. Ново потсетување имало минатата недела.

Разговарале министрите за транспорт и врски на двете држави.

„На последната средба на министрите за транспорт на двете држави, Бочварски и Весиќ, изминатиот петок, потврдено е дека станува збор за техничка грешка и истата ќе се погрижат да биде коригирана. Веруваме дека соседна Србија, со која негуваме одлични билатерални односи, ќе постапи по нашето барање, односно дека ќе ја коригира вертикалната сигнализација и ќе го постави правилниот меѓународен код за Република Северна Македонија, ‘МК’ односно ‘МКД’ и тоа час поскоро“,

појасни поранешната амбасадорка.

Досега најчестата грешка што ја прават институциите на трети земји, нивните лидери или медиуми е употребата на изведенките „северномакедонци“ или „северномакедонски“. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Франција, Емануел Макрон, се дел од светските лидери кои употребија таков термин, но и веднаш потоа се извинија за ненамерната грешка.

Во домашните медиуми, нема написи за вакви или слични грешки од српски политичари. Но, „северномакедонски“ не е реткост во медиумските изештаи во Србија, што  може да се подведе во категоријата ненамерни грешки.

Пример – Извадок од српски онлајн медиум

Сепак, немаше ништо случајно во употребата на терминот кога само неколку месеци по потпишувањето на Преспанскиот договор, тогашниот српски патријарх Иринеј му пиша на вселенскиот патријарх Вартоломеј – зошто не треба да се признае автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија.

Во писмото, кое интегрално беше објавено во Грција, за македонскиот јазик се говореше како за новоизмислен, заедно со црногорскиот и босанскиот. За српскиот патријарх, измислен беше и народот „Македонци“, или како што пишува во писмото – неиспилени „Северномакедонци“. Во меѓувреме, дојде нов патријарх во Србија кој ја смени плочата. Барем на јавна сцена.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Снегот и дождот предизвикаа дефекти на електро мрежата во повеќе села во општините Градско, Чашка и Велес

Следно

Бројот на Палестинци приведени на Западниот Брег од 7 октомври се искачи на 3.200

Latest from Blog

Гаши: Ќе се обидеме да ја смениме формулацијата 20 проценти за албанскиот јазик

Претседателот на Собранието, Африм Гаши вели дека „ќе се обидат да ја променат формулацијата  „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“ и истакнува дека тоа е прашање на

Новиот Управен одбор на АЕК ќе ја стопира одлуката за покачување на платите за 20 проценти, најави Мицкоски

Новото раководство, односно новиот Управен одбор на Агенцијата за електронски комуникации ќе ја стопира одлуката за покачување на расходите за бруто плати за 20 проценти во АЕК, истакна премиерот Христијан Мицкоски во

Јонуз за КУРИР: СДСМ со ваква постава не може ни на мали голчиња да го тепа ВМРО-ДПМНЕ, а камоли на избори

Со ваква постава СДСМ не може да го тепа ВМРО-ДПМНЕ на мали голчиња во фудбал, а камоли на избори. Вака аналитичарот Агим Јонуз за КУРИР го кометира новоизбраното раководство на опозициската СДСМ.

Над 1.300 камери ќе бидат поставени на улиците во Атина за да „ловат“ сообраќајни прекршоци

Преку безбедносни камери поставени на улиците во областа Атика, поширокиот регион на Атина, ќе се следат и ќе се „ловат“ сообраќајните прекршоци во грчката метропола, а планирано е воведување и на дигитален
Go toTop