(ВИДЕО) „Непобедливи“ дивоградби на „Пластичарска“: ДИГУ бара Центар да ја повтори постапката за рушење – Герасимовски ќе ги тужи на Управен

July 8, 2023
3 mins read

Една дивоградба на познатата скопска улица „Пластичарска“ стана популарна во јавноста, оти на неа мајсторите катадневно работат како мравки за да доведат до финална фаза објект изграден – без дозвола, на државно земјиште и за кој не се знае ниту кој е инвеститорот. Но, градоначалникот на Центар Горан Герасимовски, вели дека уште еден габаритен објект, на стотина метри подолу, истотака е дивоизграден. Двата не може да ги урне со месеци оти Државниот инспекторат за градежништво прво му ги зеде, а потоа и му ги поништи решенијата за уривање

Директорот на ДИГУ, Фатмир Арифи, во телефонска изјава за „360 степени“ негира каков било притисок за заштита на објектите, за кои и тој смета дека се диви и вети дека од ДИГУ написмено ќе ни одговорат зошто ги поништиле решенијата на Општина Центар. До објавување на текстот, одговорот не пристигна

Двете „непобедливи“ дивоградби

На само стотина метри оддалеченост една од друга, на т.н. „Пластичарска улица“ во Скопје, се извишени две дивоградби на државни парцели, за кои власта или не може – или не сака да го спроведе законот и да ги урне.

На Општина Центар двапати ѝ пропаѓаат акциите за рушење. Прво, бидејќи МВР не пушти полициска асистенција на терен, поради зголемениот обем на работа со дојавените бомби во училиштата, а вторпат, акцијата на Општината ја стопира Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ), од каде што кажаа дека по анонимни пријави на граѓани, ги зеле списите за предметите на увид, па ги држеа со месеци.

По вонредните инспекциски надзори, од ДИГУ на Центар им доставиле записник со кој наложиле да ја повторат постапката за рушење. Ова било повод, освен Владата, градоначалникот Горан Герасимовски да го извести и Јавното обвинителството за текот на предметите и нивното стопирање, а најавува тужба и до Управен суд.

„Со записник до Општината бараат да се повтори постапката. Нивното образложение во записникот е дека нецелосно законски е направено решението за уривање. Со тоа нашите инспекциски и правни служби не се согласуваат во целост. И самото барање не оди дирекно преку записник, туку преку решение коешто треба да се достави од Министерството за транспорт и врски, а не од ДИГУ. Доставивме жалба за записникот и дополнително подготвуваме тужба до Управниот суд“,

вели Герасимовски за „360 степени“ и укажува дека не може со записник да се запре уривањето на дивоградбите, туку со решение.

Уривањето е скапо, а Центар повеќе од два месеца има резервирано пари за рушење на овие објекти, но поради пропаднатите акции, Општината ќе ги пренамени парите. Тоа, пак, не би значело дека ако се донесе поинаква одлука, објектите понатаму не би се уривале.

„Имаме огромни средства предвидени за уривање на овие два објекта, коишто овие неколку месеци додека се укочени предметите ни се резервирани средства. Општината донесе одлука со правниот тим да се одмрзнат средствата затоа што треба да ги потрошиме до септември, а во меѓувреме, доколку добиеме зелено светло за продолжување на постапката за уривање на овие две дивоградби, ние преку ребаланс ќе ги предвидиме повторно парите“,

кажа Герасимовски.

Дали политиката е штит за дивоградбите?

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, е кадар на владејачкиот СДСМ, а директорот на ДИГУ е Фатмир Арифи од коалициската ДУИ.

Арифи, во телефонска изјава за „360 степени“ негира каков било притисок за заштита на градбите, за кои и тој смета дека се диви и вети дека од ДИГУ написмено ќе одговорат зошто се поништени решенијата на општината. До објавувањето на текстот одговорот не пристигна.

Случајот со „непобедливите“ дивоградби на „Пластичарска“ стигна и до Владата. Откако ДИГУ ги зеде предметите од Општина Центар, премиерот Димитар Ковачевски во гостување на „360 степени“ на почетокот на јуни, кажа дека ако не се рушат, тој ќе повика обвинител.

„Ново одлагање ќе предизвика од мојот кабинет да биде повикан јавен обвинител за да ја провери целата постапка“,

кажа Ковачевски во „360 степени“, на 9 јуни.

Димитар Ковачевски, гостување во „360 степени“ (9 јуни 2023 г.)

Го прашавме и градоначалникот Герасимовски, како може луѓе од коалициски партии што ја делат власта, различно да гледат на дивоградбите, односно, дали евентуално коалицискиот партнер ДУИ го кочи СДСМ во постапувањето. Тој одбра во одговорот да биде резервиран.

„Не би навлегувал во тој дел, жалосно е што како општина бевме укочени да постапиме и жалосно е што веќе имаме дивоизградени објекти на терен… Не би ја мешал политиката и сум сигурен дека не би застанале политичките партии да бранат дивоградби. Не го оправдувам ова постапување од ДИГУ и затоа поднесуваме и жалби и тужби. Очекуваме што побрзо судовите да го дадат своето мислење и да продолжи постапката за рушење“,

вели Герасимовски за „360 степени“.

Една од дивоградбите е пред вселување, поглед од булеварот „Никола Карев“ (фото: „360 степени“)

За едниот објект дека се гради на диво на конкретната државна парцела среде Скопје, поточно на територија на Општина Центар, се знае од 2016 година. Тогашниот градоначалник Андреј Жерновски прво го затвори градилиштето, а откако работите продолжија, го сруши објектот. По неколкугодишно примирје, лани во декември повторно почна да се гради на истата локација.

И наместо да се урне, во негова близина никна уште еден.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

ПСЖ прави голема чистка – 12 фудбалери одат на продажба!

Следно

Шпанската крајно десничарска партија Вокс вети депортирање на мигрантите и затворање на џамиите

Latest from Blog

Денот на албанското знаме во Скопје се прослави рафално, во Приштина и Тирана, достоинствено

Во Македонија се случи еуфорична прослава на албанско знаме, каква што немаше ниту во Косово ниту во Албанија. Тамошните граѓани, Денот на албанското знаме го прославија достоинствено. Во Тирана по повод 112

Македонија со убедлив пораз од Шведска го започна ЕП за ракомтарки

Женската ракометна репрезентација на Македонија со убедлив пораз од Шведска го почна настапот на Европското првенство, загубивме со 28-18. Македонските ракометарки имаа добар старт на мечот, поведовме и со 3-1, следуваше серија

Хаџи Јанев: Девастација на целиот систем 30 години, сите доајени на политикава се однесувале несоодветно

Во однос на состојбата во скривниците и нивното одржување, вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 проговори и проф. Методи Хаџи Јанев. Тој вели дека има девастација на целиот сектор речиси
Go toTop