Наши или нивни? Добри или лоши? Чии се, какви се и за кого се? Ова се прашањата кои вообичаено доминираат и за кои вообичаено не може да се постигне конзенсус кога се зборува за личности и настани вградени во класичните национални истории на државите. Наместо за историските личности да се зборува изолирано од времето и настаните во кои се случувале и дејствувале и на нив да се гледа еднодимензионално, што е доминантен пристап во многу историографии, па и во македонската, Центарот за истражување на национализмот и културата прави обид да го промовира совремниот концепт на испреплетени истории
Во петминутно видео под наслов „Потрага по вистинската борба“ е опишан животот на овој контроверзен историски лик, чија надгробна плоча од Виена во февруари годинава беше донесена во Скопје. Краткиот филм за Тодор Паница беше на репертоарот од пет историски приказни раскажани во форма на мини-документарци, што неодамна се емитуваа во џебното кино на МКЦ. Темата, како што беше опишано и во објавата, ја отсликува дејноста на револуционерот како комплексна, повеќеслојна и како пример за историска испреплетеност на идеите и движењата на Балканот кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.
За целта на сторијата и предизвиците околу подготовката зборуваа историчарите Ивана Хаџиевска и Дарко Стојанов.
„Навикнати сме премногу често кога читаме нешто за историја или кога гледаме нешто за историја, веднаш мислиме дали е наш или нивни. Дали е добар или лош, дали е за каузата или не е за каузата и сл. Значи, такви нешта имаме во главите. Јас колку и да настапувам стручно и историски, пишувањето на историографијата не се случува во вакуум. Сите сме дел од некои процеси. Се обидував да се одвојам или правилно да доловам некои моменти, без јас самиот да западнам во тие некои стапици,“
потенцира историчарот и консултант за видеата, Дарко Стојанов.
Освен за Паница, на настанот беа прикажани кратки документарци за учителките Недела и Станислава, кои меѓу другото го сошиле знамето за Разловечкото востание, за списанието „Македонка“, за верскиот објект во Македонски Брод кој се користи и како црква и како џамија, а прикажана беше и биографијата на т.н. втор Хомер на Балканското распаќе, Григор Прличев.
Заедничка нишка во сите видеа е т.н. концепт на испреплетени истории за кои се залага Центарот за истражување на национализмот и културата – ЦИНИК.
„Овие се интересни затоа што се контроверзни и затоа што за националните будења, кај нас тоа најмногу се изучува баш преку таа национална парадигма. А како што можевте да видите приказните се многу комплексни. Значи, Григор Прличев се смета за еден од основоположниците на македонскиот литературен јазик и литература, меѓутоа тој работел и во други земји. И тоа е нешто што го пропуштаме да го имаме како историски факт, а не е тоа некоја загуба, туку напротив, го прави неговиот живот побогат,“
објаснува Јован Близнаковски од ЦИНИК.
Концептот на испреплетени истории најчесто е спротивставен со концептот на национални истории. Но, тоа не е доминантно така во светски рамки затоа што за истражувачите концептот на национални истории е застарен метод, вели Близнаковски.
„Веќе имаме тенденција кај историчарите во светот јасно да го користат овој метод со цел да покажат комплексна историска слика од причина што луѓето се заинтересирани за историски настани и да го прикажат како таков, а не се заинтересирани да придонесат во некоја национална кауза. Е сега во општествата, на пример, од цел Западен Балкан, не само од Македонија, имаме ситуации каде што научниците работат за буквално да докажат нешто во насока на националната кауза.“
додава Близнаковски.
Меѓу присутните на настанот беа истражувачи, професори и историчари кои го поддржуваат концептот на испреплетени истории. Не беа многу на број. Историчарот Петар Тодоров, кој покрај тоа што е дел од ЦИНИК е и член на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија, вели дека овој концепт придонесува да не се злоупотребуваат историските личности од почетокот на 20 век за еднострани и националистички цели.
„Во 19 век тие личности дејствуваат, живеат, се формираат како личности во еден империјален контекст. Во контекст кој е сосема различен од нашиот. Имаме една работа што често ние денеска тие историски личности кои имаат историска традиција и кај нас и во други општества, соседните општества, често тие личности денеска се гледаат низ една национална призма и нечесто, односно ретко го отсликуваат животот на таа личност во времето кога живеел. Како што реков и претходно, нема други истории освен испреплетени, односно споделени истории и тие личности се резултат, плод на своето време. Она што можеме ние да правиме е комплексноста и сложеноста на нивното време, на дејствувањето на тие личности како противтежа на нивна злоупотреба некогаш за националистички цели.“
вели Петар Тодоров, историчар и член на ЦИНИК.
Според Тодоров, концептот на испреплетени истории помага во релаксирање на односите и во други општествени гранки.
„Овој пристап, исто така, помага историјата да се ослободи од национализмот. И ослободувањето на историјата од национализмот и тие националистички пристапи се промовираат не само од политички партии, може да се спомнуваат од разни општествени групи, интересни групи. Може да помогне не само во релаксирање на односите со соседите туку и релаксирање внатре во општеството, на пример земете го силниот наратив кој се создава против овој „антиџендер“ што го нарекуваме наратив или за местото на жената во општеството.“
додава Тодоров.
Главниот консултант за петте историски приказни е историчарот Дарко Стојанов кој живее и работи во Виена. Според него, парадигмата за испреплетени истории не е секогаш во спротивност со националната, но често ги разбива националните митови.
„Кога ги земавме во предвид испреплетените истории одиме подалеку и подлабоко во комплексноста на нештата од минатото отколку што тоа го прави најчесто националната историја. Значи, разни категории на луѓе и групи од разни региони можат да се дел од истите феномени и кога на пример тој феномен го проучуваме, националната историја многу често прекинува до одредена точка. Или онаму каде што се државните граници или до каде што е националниот интерес и мислам дека често не ги доловува тие комплексности на феномените“,
посочува Стојанов.
Сепак имал и негативно искуство за поимање на овој концепт, а како пример ја посочува историската комисија со Бугарија во која и самиот беше член на почетоците.
„Што се однесува до Комисијата, барем во тоа време кога јас бев таму, мојот впечаток е дека од некои колеги таму од бугарската страна, дека немаше спремност и разбирање за парадигмата на испреплетените истории. Оние изјави што можевме тогаш да ги слушаме дека заедничка историја значи ист народ две држави, тоа се небулози. Нема никаква допирна точка со идејата за испреплетени, заеднички, вкрстени и било какви други истории“
вели Стојанов.
Во меѓународната наука концептот не е нов, вели Стојанов. Познат е под разни термини, на различни јазици, како „еntagled histories”, „shared histories“, transferred geschichte… Но, значењето е едно – да се прикаже комплексноста на настаните од минатото ослободена од интересот на современите политики.
ИЗВОР: 360stepeni.mk