На конкурс за вработување на скопските стоматолошки клиники, од вкупно 25-мина што влегле во потесниот избор, стоматолизите Атанас Павлески и Владимир Бојаџиев биле прв и второпласиран на ранг-листата пред последниот дел од постапката – интервју со директорот. Биле изненадени кога во известувањето што го добиле по пошта меѓу осумтемина примени ги немало нивните имиња
Вработувањето и напредувањето во јавниот сектор по партиска линија, а не по заслуга и квалитет, е пракса што продолжува и покрај бројните критики, а и тешките последици со илјадници иселени од земјава. Тоа е загуба на огромен човечки потенцијал на кој треба да се базира напредокот. Или требаше да се базира. Зошто е така и има ли надеж дека нешто ќе се смени?
Дваесетина минути по полноќ на аеродромот во Скопје слета авион од Франкфурт. Со летот во земјава се врати и Атанас Павлески, стоматолог од Скопје кој работи во Луксембург.
„На секои две недели заминувам од државата, останувам таму две недели и потоа се враќам. Тоа е една рутина секој месец. Еве веќе една година сум со работна задача во Луксембург. Работам како доктор по стоматологија таму. Работа со пациенти, секојневни обврски, меѓу колегите сум добро прифатен, работам на покомплицирани случаи“,
вели Павлески.
Павлески дипломирал стоматологија на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистарски студии завршил во Франција, на унивезитет рангиран меѓу 150 најдобри во светот според Шангајската листа.
„На ‘Париз 5’ или Факултетот за дентална хирургија Монтруш имам постдипломски студии од областа на технологија на дентални материјали, а исто така и протетика, а на ‘Париз 7’ Ганансиер имам завршено високи студии од областа на орална хирургија и магистарски студии во комбинација со ‘Париз 7’ и ‘Париз 5’ од областа на клиничка специјализирана букална хирургија“,
додава тој.
Со вакво импресивно образование, знаења и вештини, престиж му било да се вработи на Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „Свети Пантелејмон“ во Скопје. Во септември 2018 година видел оглас во еден од дневните весници и решил да конкурира. Вкупно 25-мина влегле во потесниот избор, а Павлески бил прв на ранг-листата и единствен со 100 поени пред последниот дел од конкурсот – интервју со директорот. Во известувањето што го добил, на негово изненадување, меѓу примените на работа го немало неговото име.
„Во тоа известување чинам дека имаше осум кандидати, наведени имињата и немаше никакво образложение зошто сте одбиени“,
вели Павлески.
Биле примени третиот, петтиот, деветтиот, единаесеттиот, дванаесеттиот, тринаесеттиот, четиринаесеттиот, па дури и дваесет и првиот од ранг-листата.
Поднел жалба на која добил одговор од второстепена комисија во кој стоело дека директорот го употребил законското дискрециско право – при вработување да го има последниот збор.
„Само сакав да знам со кои квалификации се примени колегите што се одобрени за примање. Да видиме за што се работи, дали се почитуваат некои вредности, закони итн меѓутоа тоа не го добив“,
додава тој.
Павлески решил да не ја продолжува правната битка обесхрабрен од начинот на кој функционира македонскиот правен систем.
Но, решил да се бори вториот на ранг-листата на истиот конкурс, Владимир Бојаџиев, кој, исто така, не бил примен.
„Ако секој директор има дискреционо право кого да прими, зошто ги изложуваат кандидатите на оценка за тоа што имаат и колку имаат завршено, просеци и сите тие работи, зошто ги малтретираат со тестови, зошто ги малтретираат со усмени делови – тоа е сè стрес“,
вели Владимир Бојаџиев – специјалист по орална хирургија.
Бојаџиев, кој е специјалист по орална хирургија и работи приватно, е разочаран од решавачката улога на политичките партии при вработувањата.
„Најжалосно е партиското вработување баш во здравството. Здравството треба да се одвои од целово ова општество, зашто, сепак, секому му е потребна една професионална здравствена услуга, а не политичка услуга“,
додава Бојаџиев.
Бојаџиев го пријавил случајот во Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Тие ја анализирале документацијата и утврдиле дека меѓу вработените осуммина имало и такви кои немале ниту половина од бодовите на прво и второпласираниот пред интервјуто со директорот.
„Точно е дека во законот за здравствена заштита стои дека раководното лице има дискреционо право да изврши избор, ама вие можете да извршите избор од некои што се тука некаде со поените, па ви остава некаков впечаток некој повеќе, некој помалку, меѓутоа не може некој со 100 поени да не биде избран, а некој со 41 поен да биде избран. Пет Управни суда да ни ја оспорат одлуката, јас сум уверена дека таму имало чисто политичко влијание за вработување на тие лица“,
вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.
Антикорупциска побарала од тогашната директорка, не да го поништи огласот, туку само да ја преиспита одлуката откако ќе спроведе ново интервју со кандидатите, но наместо тоа, директорката ја дала Комисијата на Управен суд.
„Со образложение дека ние сме работеле по закон од 2019 година, а таа го вршела изборот во 2018, што по мене врска нема, меѓутоа тоа е тоа, Управниот суд си досуди како што си досуди, ја поништи нашата одлука и ја врати на почеток. Во меѓувреме, таа беше разрешена“,
додава Ивановска.
Во тоа време в.д. директорка била Амела Цана. Сега со Клиниката раководи Ариан Даци. „360 степени“ испрати прашања за овој случај до Клиниката, но одговор не добивме.
Млади лекари во Кочани јавно го кренаа гласот против партиските вработувања
Во Кочани неодамна јавно беше кренат гласот за можни нерегуларности при вработување повторно во јавното здравство. Двајцата млади доктори Стојан Лазаров и Андреј Коцев конкурирале на оглас за вработување во Итната помош каде требало да се примат шестмина лекари. Лазаров бил трет на ранг-листата, а Коцев шести.
„Логично е првите шест на ранг-листата да бидат примени бидејќи ниту се разликуваме по факултети од седмата и осмата кои наместо нас по одлуката на директорот се примени, ниту се разликуваме по факултет, ниту по стаж, по работно искуство – по ништо“,
вели Лазаров.
„Дискреционото право сметам дека треба да го искористи директорот ако сме ние со идентични поени, но бидејќи јас имам повеќе поени од моите колешки сметам дека не би требало тие да го заземат моето место“,
смета Коцев.
Лекарите се жалеле на второстепена комисија, но жалбата им била одбиена. За случајот се заинтересирал и народниот правобранител, а безуспешно се обидувале да стапат во контакт и со министерот за здравство.
„Секој втор млад лекар кој завршува, заминува од оваа држава. Дали треба и ние младите коишто сакаме овде да завршиме, поради такви директори кои го држат директорското место, да заминеме?“,
прашува Коцев.
„Ако овде нема работа, ќе заминеме во странство. Но, пред да заминеме сакаме да ја запознаеме јавноста и барем да направиме промени, ако не за нас, за генерациите по нас“,
додава Лазаров.
Директорот на кочанската болница Александар Серафимов целосно ги игнорираше прашањата испратени до болницата, а безуспешно се обидувавме да го добиеме и на неговиот телефон.
Потребни се законски измени
Потребна е промена во законодавството, вели експертот по управно право и администрација Константин Битраков.
„Треба ревизија на дискреционите овластувања, обемот на дискреционите овластувања при селекцијата на кандидати. За мене е во ред од тројца да се избере еден, па можеби едниот ќе има повеќе бодови, меѓутоа од 30 или 26-то место, не го знам случајот, е несериозно да се избере 26-тиот“,
смета Битраков.
Според Битраков, правните лекови при вработење пошироко во јавниот сектор не се делотворни.
„Оној што е незадоволен од одлуката за избор на кандидатот има право на жалба до Агенцијата за администрација. По таа жалба, ако му биде одбиена жалбата, кандидатот има право на граѓански спор кој може да трае долго време, кој се води како работен спор, а во меѓувреме овој што е селектиран кандидат веќе се вработува, се носи одлука што е извршна, почнува да работи на тоа работно место и се поставува легитимно прашање – што му останува на овој кој поднел граѓански спор“,
Затоа, Битраков смета дека е потребна реформа на соодветната легислатива, на што повикува и Европската комисија во својот последен годишен извештај за Северна Македонија.
„Северна Македонија треба да го усвои ревидираниот закон за административни службеници и законот за вработените во јавниот сектор и новиот закон за висока раководна служба, со цел да се обезбеди вработување засновано на заслуги и правични унапредувања и отпуштања на раководно ниво“,
стои во Извештај на ЕК за Северна Македонија за 2022 г.
Од Министерството за информатичко општество и администрација велат дека законот за административни службеници и законот за вработените во јавниот сектор се во процедура на одобрување од Владата. Законот за висока раководна служба, пак, е кај работната група и се чека на негово финализирање.
Во одговорот до „360 степени“ од министерството велат дека и сегашното законско решение не му дава дискрециско право на функционерот при избор на кандидати, иако ова тврдење не го поткрепуваат со објаснување. За новите закони што се во владина процедура велат дека уште повеќе го унапредуваат меритократскиот начин на избор на кандидати. Овие закони, велат од министерството, се работени со експерти од Европската комисија при што се најдени решенија за проблемите кои се појавиле при досегашното нивно спроведување.
Дополнително, еден од условите што треба да ги исполни земјава за да може да го отвори првиот кластер во пристапните преговори со Европската Унија, е изработка на посебен патоказ за сеопфатна реформа на јавната администрација.
Партиските лидери декларативно се против партиски вработувања
За вработувањата во јавниот сектор ги прашавме лидерите на партиите кои со децении се на власт или на централно или на локално ниво.
360°: Вие сте премиер и лидер на најголемата владејачка партија па кажете кога конечно ќе престане праксата на партиски вработувања, а ќе почне да се почитува принципот на меритократија, односно вработување по образование, вештини и способности, а не по лобирање и партиска наклонетост?
„Прво, ако ги погледнете нашата законска регулатива и процедури токму тие овозможуваат меритократија и вработување на оние што се најдобри…“
360°: Но како ги мотивирате министрите, директорите и останатите функционири на болници, на јавни претпријатија да не вработуваат партиски кадри, туку соодветни кадри по меритократија?
„Да го спроведуваат законот и процедурите, тоа е единствениот начин најдобрите да бидат ангажирани. Секаде каде што има злоупотреби да бидат пријавени во надлежните органи“,
одговори Димитар Ковачевски – премиер и претседател на СДСМ.
„Не треба да има вработувања на партиска основа туку да се цени професионалноста, меритократијата.“
360°: Како ги мотивирате министрите, директорите на болници, на јавни претпријатија да не вработуваат партиски кадри туку да вработуваат квалитетни кадри?
„Ова е определба дека секој ден мора да се апелира до директорите, до извршната власт, да ја почитуваат меритократијата.“
рече Али Ахмети – претседател на ДУИ.
Прашањето до Христијан Мицкоски беше за градоначалниците и другите функционери во општините во кои ВМРО-ДПМНЕ е на власт.
„Нема некој посебен тренинг за тоа. Тоа се сè луѓе кои се свесни но и совесни луѓе и тие сакаат општините каде што тие управуваат и се градоначалници да одат напред. Само со мерит системот можеме да одиме напред и јас како човек доволно е оваа изјава што ја кажувам, а и во личните наши контакти секогаш инсистирам на мерит системот, никогаш не инстистирам на балансерот, бадинтерот или пак партиската книшка“,
вели Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
На ваквите одговори на политичарите, претседателката на Антикорупциската комисија коментира:
„Кај нас владее едно мислење дека имаме борба за власт, дека политичките партии кои ќе ја добијат власта треба да постават висока раководна структура која ќе си бира свои партиски војници за понатаму да работат во институциите, што по мене е тотално погрешно. Политичките партии нека се борат да дојдат на власт, тие треба да овозможат начини, мерки и критериуми за функционирање на мерит системот, тие треба, ако сакаат да бидат успешни, да им отворат пат на професионалците, оти само професионалците можат да ја извадат оваа земја од оваа состојба“,
вели Ивановска.
За стоматологот Атанас Павлески за миг поминаа двете недели со сопругата и двете деца во Македонија. Од скопскиот аеродром ќе се качи на летот за Франкфурт, од каде им се враќа на двонеделните работни обврски во Луксембург.
„Си ја сакам државата, Македонија, во моментов не планирам да заминам целосно, меѓутоа, како што спомнав, самите работни обврски и ангажманот што ги имам со одредени фирми не би можел да ги извршувам во Македонија, така што, заради тој момент, мојот напредок и воопшто модернизација во стоматологијата, мојот професионален ангажман моментално е надвор, меѓутоа дали комплетно ќе заминеме сите, зависи од многу фактори, а еден е општите случувања во нашата држава“,
вели Павлески.
ИЗВОР: 360stepeni.mk