Ново развлекување на уривањето на двете дивоградби на Пластичарска. Откако во очи на акција за рушење на објектите, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам ја одзема документацијата од Општина Центар и со записници посочи дека треба да се повтори целата постапка, Центар го тужеше ДИГУ на Управен суд, а Судот пресече – записници не се управни акти, оттаму и нема основа за управен спор. Сега Центар чека ДИГУ да се произнесе по нивниот приговор на записниците, а од ДИГУ пак, нема никаков абер
Во меѓувреме, од Обвинителството кое одамна расчисти дека во случајот е сторено кривично дело – бесправно градење, сега велат дека имаат сознанија и за можни сторители и дека продолжуваат да преземаат дејствија. И „360 степени“ ќе продолжи да го следи развојот на настаните
Додека едната од двете дивоградби на Пластичарска е во „статус кво“ позиција, на другата работите напредуваат. Фирмата „Муслим шоп“ од каде пред два месеца ни се претставија како кираџии кои не знаеле дека се вселуваат во дивоградба, сега, не само што не се иселени, туку уште позасилено се рекламираат – со лого и натпис со името на фирмата уште повисоко на предната и на една од страничните фасади на градбата.
На Пластичарска поминавме и денски. Објектот беше затворен, но приземјето е полно со производи.
Од „Муслим Шоп“ во септември кажаа дека не се сопственици на овој објект. Образложија дека се откажале од првичниот план за вселување, оти градбата не е легализирана, па не можеле да склучат договор за закуп. Но, фирмата се чини нема намера да го напушти објектот. Па ги прашавме, што ги премисли и дали во меѓувреме склучиле договор со некого за изнајмување на просторот. Одговор не добивме.
Потсетуваме, опстојувањето не само на оваа туку и на другата дивоградба до неа, е резултат на сплеткарење и одолговлекување од институциите. Општина Центар двапати организираше акциja за рушење, но тие пропаѓаа. Првиот пат МВР не испрати асистенција поради презафатеност со дојавите за бомби во училиштата. Вторпат, во очи на акција за уривање, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) ја одзема документацијата од Општина Центар. Од ДИГУ рекоа дека добиле претставка од граѓани, по што констатирале пропусти во постапката за носење на решението за уривање и со записник ја задолжиле Општина Центар да ја повтори целата процедура. Предметот заврши на Управен суд.
Општина Центар во јуни годинава со тужба пред Управниот суд ги спореше записниците на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам со кои, де факто, се саботираше акција за уривање на дивоградбите на „Пластичарска“. Но, Управниот суд со решение ја отфрли тужбата на Центар и појасни – записници не се управни акти, па оттаму и нема услови за управен спор.
„Судот наоѓа дека записниците не претставуваат конечен поединечен управен акт поради што, согласно цитираните законски одредби, Судот наоѓа дека не се исполнети законските услови за водење на управен спор“,
се вели во решението на Управниот суд.
Со решението на Управниот суд веќе се запознаени во Општина Центар. Дури и тврдат дека им оди во прилог.
„360°: Управниот суд вели дека записници не се управни акти, па оттаму нема основа да се води управен спор.
Токму така.
360°: Зарем вашиот тим не знаеше дека записници не се управни акти?
Знаеше.
360°: Епа зошто поднесовте тужба?
Имавме неколку состаноци и затоа е поднесено приговор и до Државниот иснпекторат, а воедно поднесовме тужба да видиме како ќе се произнесе и Судот. Судот го потврди тоа што и ние го тврдевме и заради тоа Општина Центар уште на 19 јуни има поднесено приговор до Инспекторатот на записниците на вонредниот инспекциски надзор. Дополнително, ние до ден-денеска немаме одговор од странa на Државниот иснпекторат на пдонесениот приговор.
360°: И што понатаму, сега дали, на пример, може да рушите на Пластичарска?
Ние во моментот чекаме, покрај решението што е донесено на Судот, чекаме од страна на Државниот иснпекторат и сакам да апелирам заради поефиаксно, економично и правично решавање на ова прашање, ДИГУ треба што поскоро да се произнесе од поднесените приговори од страна на Општината“,
кажа првиот човек на Општина Центар, Горан Герасимовски.
„360 степени“ имаше увид во приговорот на Центар до ДИГУ. Од Инспекторатот не одговорија на нашите прашања дали и кога ќе се произнеснат по приговорот и како ги коментираат обвинувањата на општината дека пробиле акција за уривање.
„360°: Господине Герасимовски, ова е одолговлекување. Дали вие имате притисоци да не се уриваат овие градби или да се одолговлекува случајов?
Не, немаме никакви притици. Од самиот почеток како Општина, нашите инспекциски служби навремено, соодветно искочија и постапија законски…
360°: Треба ли да се сомневаме дека сте координирани со Градежниот инспекторат, барем да се одолговлекува случајот додека не се умориме?
Тоа е многу лесно проверливо. Ние имавме една средба по мое барање во Министерството за транспорт за да најдеме решение на проблемот и на лавиринтот којшто се прави за неспроведување. Ние како Општина доколку не сме сакале да го спроведеме немаше јас да ги потпишам оние две решенија за уривање, немаше да спроведеме набавка на фирма која ќе го руши објектот…
360°: И што сега?
Сега чекаме произнесување од странa на ДИГУ.
360°: Повторно одолговлекување значи.
За да знаеме што да постапиме како општина.
360°: Хипотетички, ако никогаш не ви вратат одговор.
Па, ние ќе направиме притисок да добиеме одговор што побргу.
360°: Значи додека не се произнесе ДИГУ нема да рушите на терен. Што значи ова може да потрае додека не ви заврши мандатот?
Па, не верувам дека толку долго би траело…
360°: A, каков притисок може вие да направите за да се убрза постапката од нивна страна?
Ние можеме малце и политички да поразговараме во тој дел и да побараме помош. Дополнително, да доставиме уште еднаш и приговори и судското решение до ДИГУ и да побараме побрзо решавање на проблемот.
360°: Верувате дека ова е механизам што ќе ви помогне?
Па, можеби треба малку да се поразговара и на повисоко ниво, иако и претходно е разговарано.
360°: Очигледно, неуспешно.
Па, ние постапуваме прво по закон, политичкиот дел е политички, но законот е закон кој мора сите да го почитуваме“,
тврди Герасимовски.
Случајот одамна е стигнат до ушите на премиерот кој неколкупати застана зад одлуките на локалната власт во Центар.
„…Другите институции што треба да го санкционираат, исто така, треба да бидат на ниво на задачата. Доста беа попусти 30 години во оваа држава. Некој да се чувствува државата да му е мајка, а на некого да му е маќеа“,
кажа тој во септември годинава.
Обвинителството одамна расчисти дека во случајот сторено е кривично дело – бесправно градење. Сега оттаму велат дека има сознанија и за можни сторители на кривичното дело и дека продолжуваат да преземаат дејствија. И „360 степени“ ќе продолжи да го следи развојот на настаните.
ИЗВОР: 360stepeni.mk