(ВИДЕО) Дискриминацијата на ЛГБТИ-луѓето скапо ја чини македонската економија

October 15, 2023
5 mins read

Проценките од Светска банка се дека земјава годишно губи околу 80 милиони американски долари, или 0,6 отсто од БДП, поради дискриминацијата на ЛГБТИ луѓето на работното место – 64 милиони загуба во плати кои ги остваруваат ЛГБТИ лицата, додека 17 милиони се фискални загуби

Бројките веројатно се уште поголеми, ако се земе предвид дека и во Извештајот на Светска банка е наведено дека тешко се доаѓа до ЛГБТИ луѓето

Бојан е измислено име, но во оваа сторија го користиме за вистинска личност родена 1988 година. Во личната карта на Бојан, кај ознаката „пол“ стои буквата „Ж“ – обележје за личност од женски пол. Но, Бојан одамна се чувствува како маж.

Не би ја раскажувале оваа приказна ако случајот на Бојан не завршил пред домашните институции. Тој бил вработен во трговска фирма, која за потребите на оваа сторија фиктивно ќе ја наречеме – пекарница. Пред газдата Бојан секогаш се декларирал како машко. И покрај тоа, газдата секогаш му се обраќал во женски род.

Во една прилика, сопственикот ја оставил својата малолетна шестгодишна ќерка на чување во пекарницата додека Бојан е на смена. Следува реконструкција на дел од разговорот меѓу Бојан и љубопитното девојче, според сведоштвото на Бојан пред невладината организација пред која првично го пријавил случајот.

ДЕВОЈЧЕ: Ти кога ќе пораснеш ќе бидеш баба или дедо?
БОЈАН: Од каде вакви прашања?!  
ДЕВОЈЧЕ: Добро, а баба или дедо?

Два дена по овој разговор, шестгодишното девојче повторно влегло во пекарницата додека Бојан бил на смена. Газдата, кој само до пред неколку дена имал доверба да ја остави ќерката на чување кај Бојан, сега го избркал девојчето. За Бојан целиот настан бил понижувачки, особено што газдата имал порака и за него.

СОПСТВЕНИК: Ти од утре (женска) кецела на работа или воопшто не се појавувај.
БОЈАН: Ама јас… не можам, сум кажал дека е исто како да носам здолниште. Може да испринтам маичка со лого на пекарницата? Ќе си ја платам.
СОПСТВЕНИК: Кецела или не се појавувај!
БОЈАН: Ама никој друг не носи.
СОПСТВЕНИК: Остави ги другите. Ти ќе носиш!    

Претставката за овој случај е една од ретките пријави на дискриминација на ЛГБТИ луѓето.

И нашиот случај, кој датира од 2021 година, го водел невладина организација – Коалицијата МАРГИНИ, која работи со маргинализираната ЛГБТИ заедница. Реагирале во име на Бојан до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

„Дури и Н.Н. (сопственик) да не сака да разговара со својата ќерка за овие прашања (родов идентитет) и да смета дека треба да ја ’заштити’ од Бојан, тоа треба да го стори со тоа што нема да му ја доверува на чување“,

се вели во претставката од Коалиција Маргини до Комисијата за заштита и спречување од дискриминација.

Два месеца подоцна, откако ги ислушала двете страни, Комисијата констатирала дискриминација.

„Тој се жалеше дека на неговото работно место, работодавачот го вознемирувал и дискриминирал врз основа на родов идентитет. Работодавачот го терал трансродовиот маж да носи униформа која е наменета за жени. Ќерката на работодавачот го вознемирувал во смисла што е, дали маж или жена, баба или дедо. Се обративме до потенцијалниот дискриминатор. Работодавачот ги негираше сите наоди, при што видовме дека трансродовото лице е избркано незаконски, без да биде поведена дисциплинска постапка или без укажување“,

објаснува во изјава за „360 Степени“, Исмаил Камбери од Комисија за заштита и спречување од дискриминација.

И покрај позитивниот исход пред Антидискриминациска, Бојан никогаш не дочекал судска разрешница.

„Во изминативе 10 години во Коалиција Маргини документирани се четири случаи на дискриминација во вработувањето и пристапот при вработување. Во два од овие случаи лицата побарале правна помош. Во еден случај, трансородово лице е дискриминирано од Агенција за вработување. ЛГБТИ луѓето не се отворени за својата сексуална ориентација. Едно лице за да пријави дискриминација треба да биде отворено за својата сексуална ориентација“,

вели Драгана Дрндаревска од „Маргини“.

Но, токму односот на институциите и генерално на општеството ја држи ЛГБТИ заедницата затворена пред државата. Тоа не значи дека проблем не постои, туку дека опстојува атмосфера на негово туркање под тепих.

„Имаме целосно клима во државата, на отфрлање и голема стигма, отфрлање на овие луѓе, кои во изминатиот период само се зголемува.Така што си ставен во позиција да молчиш или да лажеш, што создава дополнителен стрес. Учествуваме во нов закон за вознемирување на работно место, меѓутоа стагнира. Интервениравме и во законот за родова еднаквост, но и тука работата стагнира“,

дополнува таа.

Дискриминација на ЛГБТИ луѓето при вработување, како и нивните откажувања од работните позиции, предизвикуваат големи лични загуби. Но, таа дискриминација предизвикува и загуби за државата, иако за тоа речиси воопшто не се зборува.

Северна Македонија е првата земја во која Светската банка спроведе истражување од ваков тип, а го објави неодамна.

Проценките се дека земјава годишно губи околу 80 милиони американски долари, или 0,5 отсто од БДП, поради дискриминацијата на ЛГБТИ луѓето на работното место. 64 милиони се загуба во плати кои ги остваруваат ЛГБТИ лицата, додека 17 милиони се фискални загуби.

Овие бројки веројатно се уште поголеми, ако се земе предвид дека и во Извештајот на Светска банка е наведено дека тешко се доаѓа до ЛГБТИ луѓето.

„Во случајот на Северна Македонија немаме проценка за вкупното ЛГБТИ население, така што моравме да се потпреме на релевантни, солидни истражувања направени во регионот, во Европа и во светот. И излеговме со проценка која сметаме дека е најточна. Погледнавме во истражувањето направено за обемот на припадници, некаде тие бројки се поголеми, некаде помали и ги отстранивме екстремните бројки кои покажуваа многу големи проценти или многу мали и дојдовме до просек од 8%. Најдобрата претпоставка“,

вели за „360 Степени“, Клифтон Кортез од Светска банка.

Но, дали претпоставените 8 отсто од населението кои се потенцијално погодени, се доволно за да предизвикаат промени за кои многу поголем процент можеби ќе има отпор? Кортез вели „да“, затоа што политичарите секогаш се заинтересирани да зборуваат за економијата.

„Не секој во парламентот ќе има ист став за еднаквоста на половите, но многумина од нив би разговарале за она што е проблем за Владата, буџетот т.е. приходите и расходите. Така би разговарале за родовата дискриминација бидејќи влијае на БДП, на буџетот. Исто е за секој маргиналзирана заедница, вклучувајќи ги и ЛГБТИ луѓето. Можеби нема секогаш да се договорат за политиките, за еднакви права на ЛГБТ луѓето, но веројатно би сакале да преземат мерки за нешто што и наштетува на економијата“,

дополнува Кортез.

Од сите припадници на ЛГБТИ заедницата, Извештајот покажува дека со најголема дискриминација се соочуваат бисексуалците како и трансродовите лица. Оваа маргиналзирана група, процентуално, има поголема стапка на невработеност од останатото население во државата.

Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска во разговор со „360 Степени“, потенцира дека македонскиот Закон за спречување и заштита од дискриминација е пообемен во заштитата дури и од европското законодавство, дека ги штити и ЛГБТИ лицата во работниот однос. Таа потсетува и на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација која укажува дека ЛГБТИ луѓето не смеат да бидат дискриминирани по однос на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

„Законот за работни односи е устав во работното законодавство. Факт е дека се работи неколку години, но се работи преку дијалог помеѓу социјалните партнери. Вклучени се и работодавачите и синдикатите и Владата. Законот е во финална фаза. Јас верувам дека до крајот на годината, ќе биде влезен во владина процедура па оттаму во собраниска процедура“,

вели министерката.

Сепак, многу поголем проблем во земјава е носењето на Законот за матична евиденција. Тој требаше да им даде право и на оние лица кои не го промениле физички полот, да можат родово да се изјаснуваат поинаку.

Владата го повлече тој предлог-закон уште пред година и половина. Според министерката, причината е „за да го доработат со засегнатите страни“.

„Законот за матична евиденција, каде беше предвидено правното признавање на родот е повлечен од Владата за да се доуреди за да има одредени заштитни механизми. Вие сакајќи да обезбедите права на одредена заедница во државата, наместо да му го овозможите, можете да му го ускратите тоа право. Или да се донесе до вулгаризација самото законско решение. Од тие причини беше повлечен законот. За да го доработиме заедно со засегнатите страни и за да може лицето на кое му е неопходен овој закон, да го искористи ова право“,

потенцира Тренчевска во разговорот за „360 Степени“.

Според Тренчевска, за новите измените на Законот за матична евиденција ќе треба да се почека до крајот на годинава. Тоа значи дека и ЛГБТИ+ лицата пак се во состојба на чекање – и за правото да изјаснат поинаков род и за дополнителна заштита на нивните работнички права.

Министерката, сепак, на помош ги повикува и граѓанските организации да бидат поактивни во комуникацијата со стопанските комори, со организација на работодавачи во форма на обуки и на кампањи за покренување на јавната свест за ЛГБТИ лицата.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Саудискиот престолонаследник: Неопходно е почитувањето на меѓународното хуманитарно право во Газа

Следно

Неделковски на твитер: Овие од ОН што ја избраа Данела за претседател на форумот на градоначалници, сигурно не биле во тек со имплементации на најмодерната технологија во градскиот превоз

Latest from Blog

Барселона во финалето на Суперкупот го декласира Реал Мадрид

Барселона го освои рекордниот 15. трофеј во шпанскиот Суперкуп, откако убедливо го совлада големиот ривал Реал Мадрид во спектакуларното финале во Џеда. „Ел Класико“ одиграно во Саудиска Арабија, на стадионот „Крал Абдула“,

„Моето најдлабоко сочувство оди до оние кои претрпеле непоправливи загуби“: Давкова за разорните пожари во Лос Анџелес

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вели со длабока загриженост ги следи вестите за разорните пожари што беснеат во Лос Анџелес. „Моите мисли се со сите кои се погодени од оваа трагедија, со семејствата

Поради неспособноста на Трипуновски нема откуп на оризот – СДСМ предлага 2 мерки како решенија

Власта ги остави на цедило оризопроизводителите. Неспособноста на Цветан Трипуновски создаде криза со откупот на оризот и оризовата арпа.  Од 28.000 тони откупени се околу 6.000 тони или едвај околу 20% од

Ракометарите со минимална победа во последната проверка пред СП

Машката ракометна репрезентација на Македонија ги заврши подготовките за настапот на Светското првенство (СП) кое се игра овој јануари со победа. Нашиот национален тим во последниот контролен дуел победи против Зеленортски Острови

Излезни анкети: Милановиќ убедливо го победи Приморац на изборите

Досегашниот претседател на Хрватска Зоран Милановиќ (СДП) освои 77,86 проценти, а Драган Приморац, поддржан од владејачката ХДЗ, Татковинското движење и неколку помали партии 22,14 отсто од гласовите на денешниот втор круг од
Go toTop