(ВИДЕО) Бевме „тајни“ муштерии во јавните катни гаражи – ниту изгледа, ниту мириса добро

January 18, 2023
5 mins read

Но, знаете, има еден проблем – уринирањето е домашна култура, не може ние да изигруваме дежурен полицаец и да ги маваме, вели Благојче Јаќимовиќ, помошник-директор на АД за стопанисување со деловен простор за состојбата со хигиената во катната гаража „Разловечко востание“

Во катната гаража „Судска палата“, пак, не работат лифтовите а токму на најгорниот кат има и најмногу места за паркирање за лица со инвалидитет. Актуелниот директор обвинува дека работата е утната уште при изградбата

Од 2014 до 2017 година, Владата, Градот Скопје и Општината Центар инвестираа 57 милиони евра во катни гаражи во главниот град. Беа потрошени пари на граѓаните за да се задоволи потребата од јавната услуга – паркирање во централното градско подрачје. Неколку години подоцна проверивме во каква состојба се три од вкупно шесте се уште нови објекти, но и во која мера ја исполнуваат функцијата за која беа изградени?

Катната гаража „Беко“, која првично го носеше името „Тодор Александров“, се наоѓа веднаш до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и Министерството за финансии. Ја изгради Град Скопје за 17,3 милиони евра, a со неа стопанисува Јавното претпријатие Градски паркинг.

Седум години од пуштањето во употреба, оваа гаража и понатаму има уникатен ескалатор кој кога би работел би ве одвел директно во бетонски ѕид. Шишињата, храната и пластиката расфрлани по самиот под, говорат дека ескалаторот се користи, но секако не за она за што бил предвиден.

На влезот на катната гаража која располага со 605 паркинг места стои знак кој би требало да ги покаже слободните капацитети на 8-те ката, но тој веќе подолго време не работи. По влезот, уште на првиот свиок што води кон горните нивоа, возачите се соочуваат и со првите потешкотии. Патот нагоре е кружен, тесен и стрмен што возењето го прави непрегледно, поради што возачите неретко ги оштетуваат возилата. Доказ се остатоците од боја и гребнатини на столбовите. На нивоата за паркирање, над секое паркинг место, има поставено светло кое означува дали местото е зафатено или празно, за возачите побрзо да наоѓаат слободни места. Но, во оваа катна гаража бојата на светлото секогаш не го означува статусот. Некаде свети црвено, а е празно, некаде, пак, под зелениот рефлектор стои паркиран автомобил.

Во нашата обиколка, на речиси секој спрат, забележавме дека местата обележани за лицата со попреченост се веќе зафатени од автомобили без налепница. А кога е гужва, возачи оставаат автомобилите и на места кои не се обележани за паркирање со што ги блокираат хидрантите и песокот кои се ставени за прва одбрана доколку избувне пожар во зградата. Катната гаража располага со 4 лифта кои работеа и со кои лесно се излегува и влегува во зградата. Но, објектот има само еден тоалет кој се наоѓа веднаш зад наплатниот пункт и кој делува како да останал во иста состојба од отворањето на гаражата.

Зошто овој објект кој е финансиран со народни пари се наоѓа во ваква состојба? И покрај неколкуте наши обиди, директорот на „Градски Паркинг“, Крсте Петревски не одговори на прашањата, со образложение дека е болен.

На речиси 900 метри од „Беко“, спроти Градскиот трговски центар, се наоѓа катната гаража „Разловечко востание“, која располага со 517 паркинг места. Изградбата чинеше 11 милиони евра, а со неа управува владиното Јавно претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор.

Првиот обид да паркираме во оваа гаража, при крајот на декември, беше неуспешен. Рампата беше спуштена, а машината не ни издаде карта за да го потврди нашето паркирање. При повторниот обид неколку дена подоцна, се повтори и истиот проблем.

Вработена: Не работи паркингот, не работи и паркингот со билети, до кога не знаеме ни откажа рампата и не знаеме кога ќе ја направат.

360 Степени: И пред некој ден бевме од тогаш трае или нов дефект?

Вработена: Не, не. Ја направиле, ама пак откажа нешто.

Третиот обид за паркирање во оваа гаража го направивме по празниците и конечно беше успешен. Внатре беше полно, па требаше да се возиме до највисоките катови за да најдеме место. Но, за разлика од гаражата „Беко“, овде не работеа лифтовите.

Граѓанин: Немале лифт човече, пешки по скали треба.

360 Степени: Скали дали има барем?

Граѓанин: Има скали – да, ама не знам дали имаат лифт,  на 9. спрат сме.

Покрај лифтовите на чии врати пишуваше дека не работат од безбедносни причини, во гаражата не функционираат и тоалетите кои се наоѓаат на приземјето. На подот и ходниците што водат кон скалите може да се забележат големи вирови вода кои се оформуваат по секој дожд.

Помошник-директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со деловен простор вели дека дел од проблемите се наследени од негрижата на претходните менаџерски тимови. Лифтовите се оставени без одржување две години, а за нехигиената, вели, голем удел имаат и граѓаните.

Се соочуваме со проблеми, да, како што велите и вие дека лифтовите не работат, тоа ќе го решиме. Услугата наша, чистење, значи секој месец се врши дезинфекција, не само чистење. Но, знаете, има еден проблем – уринирањето е домашна култура, не може ние да изигруваме дежурен полицаец и да ги маваме. Тоа се воспитува дома, детето се учи додека е мало дали треба да уринира или не“,

вели Благојче Јаќимовиќ.

Благојче Јаќимовиќ, помошник-директор на АД за стопанисување со деловен простор

Тендерите за лифтовите, тоалетите, како и за инсталација на нови надзорни камери се веќе објавени, а Јаќимовиќ очекува надминување на проблемите во најбрз можен рок, бидејќи претпријатието, според него, е должно да дава квалитетни услуги на граѓаните кои плаќаат за нив.

Последната гаража во која паркиравме беше „Судска палата“ – единствената со која стопанисува јавното претпријатие Паркинзи на општина Центар. Оваа гаража располага со 502 паркинг места, од кои 28 се резервирани за лица со посебни потреби. 8 од нив се на највисокиот кат и се неискористени затоа што доколку лицата со попреченост паркираат овде, не постои начин да стигнат до приземјето бидејќи лифтовите и во оваа гаража се надвор од употреба.

Освен покривот, може да се забележи дека речиси секој кат е руиниран, а одредени хидранти се хаварисани. Не очите, туку носот ви кажува дека не треба да влегувате во тоалетот кој се наоѓа на приземјето.

Во самиот објект, но од друг влез, се и канцелариите на претпријатието, чиј директор вели дека е свесен за проблемите со кој се соочуваат, но дека тие се наследени поради негрижата за чистотата и функционалноста низ годините наназад.

„Лифтот, кога била направена зградата, да кажам, е со квалитет кој е за помала фрекфентност, а катната гаража има поголема фреквентност на луѓе и, според моите сознанија, често имало проблеми и дефекти во однос на него и неговото одржување, навистина, било тешко“,

вели Душко Коцевски.

Коцевски се пожали дека хидрантите се честа мета на кражба на разбојници, но, вели, претпријатието ги лоцирало проблемите и во наредниот период е предвидено да се работи на нивно отстранување, иако не прецизираше кога точно би започнале со зафатите.

Душко Коцевски, директор на „Паркинзи на О. Центар“

Според одговорите од јавните претпријатија што управуваат со паркинг гаражите, барем на краток рок, се ќе остане по старо. За парите добивате покриено место за вашиот автомобил, но треба да сте подготвени да искачите и неколку ката скалила за да стигнете до него. Одење во тоалет планирајте на друго место.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Седница на Уставниот суд

Следно

Арсовска го разреши директорот на МКЦ, откако му ја врачи 13-ноемвриската награда

Latest from Blog

ЕУ донира шест еко-автобуси за скопјани, Арсовска вели владината најава за нови автобуси е задоцнета

Градоначалничката Данела Арсовска ја поздрави владината најава за набавка на стотина електрични автобуси. Сепак, таа оцени дека ваквата реакција е задоцнета. Арсовска повтори дека пред Советот на Градот постојано како точка на

Кадарот на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска не сака повеќе да биде мајка на Скопје

Актуелната градоначалничка на Скопје,Данела Арсовска, денеска се произнесе дека на претстојните локални избори нема да се кандидира за позицијата прв човек на главниот град. „Апсолутно не размислувам за нов мандат“, одговори на

Сиљановска Давкова го прими Венко Филипче, разменети мислења за политичките и безбедносните состојби

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими Венко Филипче, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и претседател на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието. На средбата беа разменети мислења за општествениот амбиент,

Што го налути Борисов за да не прифаќа да биде мандатар за состав на нова бугарска влада?

Политичката ситуација во Бугарија никако да се стабилизира. Најновите моменти со одбивањето на Борисов да е мандатар за нова влада, одат во правец на тоа дека нашиот источен сосед веројатно напролет ќе

Младите од земјава препознаваат корупција, но потребни им се насоки и програми за справување со ова зло

На проблемот со корупцијата мора да му се пристапува стратешки, но и со конкретни вештини за справување со овој проблем кој ги урива темелите на општеството. Младите кои планираат да се занимаваат
Go toTop