За проблемите со пренесувањето на изборните резултати од завчерашните претседателски избори во Венецуела, јавниот обвинител во земјата Тарек Вилијам Сааб го впери прстот во хакери кои наводно го извршиле нападот од Северна Македонија.
Хакерите, како што вели тој, работеле под инструкции на опозициските лидери Марија Корина Мачадо и Лестер Толедо кои се обиделе да ги изманипулираат изборните податоците кои ги добивал Националниот изборен совет.
Претседателската битка во оваа земја се води меѓу 61 годишниот поранешен возач на автобус и министер за надворешни работи Николас Мадуро кој од граѓаните бара трет мандат и опозицискиот Едмундо Гонзалес Урутија. И двајцата во јавност тврдеа дека победиле на тензичните избори викендов, по што следуваа и насилни протести со приведени демонстранти.
Македонските институции внимателни
Откако венецуелскиот обвинител на прес конференција обвини дека хакерскиот напад дошол од Северна Македонија, македонскиот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски одговори дека „станува збор за социјалистички режим којшто со години лиферува информации, често непоткрепени со докази и обвинува засегнати страни и држави коишто немаат одговорност во таквите случаи“.
Тој се надева освен коментарите кои што излегоа во јавноста, од венецуелската власт ќе има и соодветни докази за наводно вмешување на граѓани или институции од Северна Македонија.
„Внимателно го следиме процесот. Министерството не е истражен орган, но ќе се заложиме за тоа никој да не биде обвинуван во државата без да има соодветни докази за тоа и да не бидеме вмешувани во внатреполитички битки на еден авторитарен режим којшто постои со години во таа држава и неговиот однос кон опозицијата во таа држава“ одговори на новинарско прашање Андоновски, по состанокот со работната група за изработка на сајбер-стратегија.
До објавувањето на овој текст, од македонското Министерство за надворешни работи не одговорија на прашањето дали Венецуела испратила некаква претставка или барање за меѓународна помош при евентуална кривична истрага.
Од Министерството за правда велат дека Венецуела може да побара правна помош повикувајќи се Конвенцијата за транснационален и организиран криминал, доколку елементите на наводното кривично дело можат да се подведат под одредбите на оваа конвенција.
„Во секој друг случај единствен начин е принципот на реципроцитет. Во тој случај барањата одат преку Министерството за надворешни работи“, велат од македонското министерство за правда.
Клучни прашања за наводниот хакерски напад
Венецуелскиот обвинител Генералот Сааб на прес конференцијата обвини дека извршениот сајбер напад врз автоматизираниот систем за гласање во земјата успеал да го забави процесот на броење гласови за време по завршувањето на изборниот процес. Тој не даде повеќе детали, ниту докази за тоа како е утврдено дека нападот дошол од Северна Македонија.
Со оглед на тоа што обвинувањето на македонската адреса пристигна веднаш по вчерашните претседателски избори во Венецуела, македонските експерти за информациска безбедност велат дека ако, навистина имало хакерски напад за кој нема јасни докази, се наметнуваат две прашања, како утврдиле дека изворот на нападот е македонски и дали е тоа крајната адреса од каде што дошол нападот ?
Инженерот за информациска безбедност Божидар Спировски вели дека ако навистина имало напад, начинот за да се идентификуваат хакерите е преку траги од ИТ комуникациски пакети кои одат по интернет мрежа, кои ќе имаат своја изворна ИП адреса.
Тој објаснува дека таа адреса може да се лоцира по држави, но клучно е прашањето дали е тоа вистинскиот извор на нападот. Својот став го објаснува со податокот дека денеска е, како што вели, прилично лесно да се купи адреса на хакиран компјутер во кој било агол на светот, затоа што тоа се продава на темната страна (дарк веб) на интернетот.
Дури и ако имало напад, можно сценарио би било веќе хакирани приватни компјутери да бидат “изнајмени” на криминалец кој седи во некоја друга држава.
„Дали некој само продал ИП адреси од хакирани комјутери во Македонија кои ќе бидат видени во некаков напад е сосема возможно, дури и многу повеќе реално отколку навистина хакерите да седат во Македонија. Мислам не се до толку „слепци“ нашите хакери да се претстават со своите ИП адреси, сигурно се попаметни од тоа“, објаснува Спировски.
Изборен процес во една држава трае долго, со фиксни датуми и термини. Ова му дава на хакерот огромно време да се подготви, испланира доволно слоеви на изолација, автоматизација и контрола за да остане невидлив и неговиот напад да не биде блокиран со неколку ИП адреси, објаснува тој.
Но, забележува дека сето ова може да се третира на ниво на шпекулација, затоа нема конкретни информации за тоа како е извршен наводниот напад. Спировски се прашува зарем е возможно некој хакер при извршување на напад да го стори тоа само со веб адреса од една држава која лесно би се лоцирала?
„Дали тоа докажува дека тие се од Македонија?Апсолутно не! Може да укаже само дека имало некакви компјутери кои се во Македонија, дали тие биле хакирани компјутери, дали биле само ВПН тунел, дали навистина позади нив стоел некој човек кој имал некакви инструкции е комплетна шпекулација“, објаснува Спировски.
Ова е прв пат Северна Македонија да се најде во наслови на светските медиуми поврзано со избори во друга држава. Пред осум години во светските и домашните медиуми Северна Македонија стана популарна по велешани кои беа обвинети дека создаваат на лажни вести за време на претседателската кампања во САД, во која победи Доналд Трамп.
Во меѓувреме, во Венецуела изборните резултати предизвикаа масовни и насилни протести при што се приведени десетици демонстранти. Додека сомневања во официјалните резултати изразија и САД и низа латиноамерикански држави, на Мадуро му честитаа, меѓу другите, Кина, Русија и Куба.
Извор: Радио Слободна Европа