Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека новите министри нема да донесат ништо ново, а со новиот коалициски партнер во Владата – Алијанса за Албанците, велат, само за кратко се продолжува мандатот на премиерот Ковачевски
Уште едно маратонско продолжение на собраниската седница за реконструкција на Владата е зад пратениците.
Дебата за избор на нови министри која започна синоќа по седницата за пратенички прашања траеше речиси до 2 часот по полноќ, а продолжение на седницата претседателот Талат Џафери закажа за денеска напладне.
Новите министри кои треба да се изберат се: Кренар Лога (Алијанса) – министер за правда; Фатмир Меџити (Алијанса) – министер за здравство; Азир Алиу (Алијанса) – министер за информатичко општество и администрација; и Каја Шукова (СДСМ) – министерка за животна средина и просторно планирање.
Премиерот Димитар Ковачевски на почетокот на дебата ја побара довербата од пратениците за, како што рече, да се формира постабилна, поуспешна, поефикасна и фокусирана Влада.
„За мене политиката не е математика. Политиката, ако е базирана на вредности, на принципи, на верба, на одговорност, значи многу повеќе од збир на пратеници и од збир и број на министри. Од самиот почеток реков дека нема да ги делам луѓето по полова, етничка, религиозна, или партиска линија! За мене или човекот е компетентен, работлив, чесен и одговорен, или не е. Тоа треба да се мери, вреднува и избира! Денешниот предлог е реконструкција, реконфигурација на Влада на Република Северна Македонија! Не е предлог на партии, не е предлог на етникуми, не е предлог на поединци. Тоа е предлог за целина. Не зборувам и нема да зборувам за дропки, за децимали, за баланси. Бидејќи, на крајот се бројат и мерат, резултатите и успесите. Тоа е најважно“,
рече Ковачевски.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, оценија дека новите министри нема да донесат ништо ново, а со новиот коалициски партнер во Владата – Алијанса за Албанците, велат, само за кратко се продолжува мандатот на премиерот Ковачевски.
„Со оваа реконструкција Димитар Ковачевски само за кратко си го продолжи седењето на премиерското столче и овозможува да се дореализираат криминалите кои власта веќе одамна ги има отпочнато. Како што кажа досегашниот министер за правда Тупанчевски, Ковачевски на Пазар 3 кој се одвивал во просториите на Илинденска, ги испазарил министерствата за правда, здравство, администрација, заменичките министерски места за земјоделие и одбрана“,
рече пратеничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ.
Пред да почне дебата за избор на нови министри, пратениците 10 дена дискутираа за разрешување на кадрите на Алтернатива, која реши да премине во опозиција. Гласањето за разрешување се одржа вчера околу пладне со што од министерските позиции заминаа досегашните министри за здравство – Беким Сали, за информатичко општество и администрација – Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора – Џемаил Чупи.
Откако ќе се исцрпи дебатата за предлогот за нови министри и тие ќе се изберат, пратениците ќе треба да продолжат со дебата за за разрешување на тројца заменик-министри од кои двајца се кадри на Алтернатива: Абдулшуќур Абедини – за земјоделство и Лулзим Алиу – за образование и наука. Третиот е заменикот за одбрана – Башким Хасани кој е дел од „огнената група“ во ДУИ.
Како последна точна на оваа седница, пак, е именување на заменици кои ќе ги пополнат нивните места. Според предлогот, Агим Нухиу, кој пред да биде заменик во Правда, беше и во МВР, повторно ќе седне во функционерска фотелја, но како заменик-министер за образование и наука.
Друите предлози за заменик-министри се: Тирон Јајага (Алијанса) – заменик-министер за одбрана; Вјолца Бериша (Алијанса) – заменик-министерка за земјоделство; Викторија Аврамовска-Мандиќ (СДСМ) – заменик-министерка за правда; и Маја Манолева (СДСМ) – заменик-министерка за здравство.
ИЗВОР: 360stepeni.mk