Уличните кучиња го чинат градот 46 милиони денари, Лајка во рок од 6 месеци добива над 700 пријави за заловување

August 8, 2026
3 mins read

Речиси 46 милиони денари, односно околу 750 илјади евра, исплатиле градските власти во изминатата година, како оштета на граѓани каснати од бездомни кучиња. Само до 24 јуни годинава, јавното претпријатие Лајка, кое располага со 140 места за кучиња, примило 710 пријави од граѓани за заловување на бездомни кучиња. Стационарот иако располага со 140 места, моментално е дом на околу 180 кучиња благодарение на надворешни боксови кои се дополнително обезбедени за групно чување кучиња.

И покрај милионските исплати и напорите на ЈП Лајка, граѓаните и понатаму се жалат од групи бездомни кучиња во повеќе скопски населби.

Според процедурата на ЈП Лајка, граѓаните кои ќе забележат улично или агресивно куче треба да поднесат пријава преку веб-страницата на претпријатието, каде што е достапна посебна алатка за пријавување. По заловувањето, кучињата се носат во стационар, каде што поминуваат низ ветеринарен третман односно стерилизација, вакцинација против беснило, микрочипирање и обележување со ушна маркичка.

По завршување на третманот и проценката на однесувањето, тие повторно се враќаат на локацијата од која биле заловени. Исклучок се случаите кога има пријавено каснување поткрепено со медицинска документација. Во тие ситуации, кучето по заловувањето не се враќа на истата локација.

Од ЈП Лајка проблемот со големиот број улични кучиња го припишуваат и на неодговорното сопствеништво и неконтролирано размножување на домашните кучиња.

„Градот Скопје, како и секоја општина во државата, има обврска да спроведува мониторинг на уличната популација на кучињата. Последниот мониторинг беше спроведен во 2023 година, а во моментов се спроведува нов со методологија развиена од ICAM, кој е дел од WOAH. Мониторингот во 2023 година покажа дека на територијата на Град Скопје циркулираат околу 4.000 улични кучиња, од кои околу 48 отсто се стерилизирани. Истовремено, околу 18 отсто од кучињата затекнати на улица биле сопственички, но оставени без надзор. За споредба, во Скопје има околу 40.000 регистрирани сопственички кучиња, а само 9 отсто од нив се стерилизирани“, велат од ЈП Лајка.

До редакцијата на Мета.мк пристигнаа поплаки од граѓани за групи бездомни кучиња во различни делови на Скопје. Една од нив е од жителка на Тафталиџе, која тврди дека група кучиња со месеци престојува во нивната населба.

„Групата кучиња се појави минатата есен преку ноќ. Јасно беше дека се донесени од друга локација. Ниту едно од нив не ни беше познато, ниту имаше ушна маркичка. Меѓу нив имаше и мајки со малечки. Оставени беа на многу небезбедна локација, веднаш покрај фреквентна улица, поради што секој ден слушаме кочење на возила што се обидуваат да ги избегнат. Не е безбедно ниту за возачите ниту за кучињата“, вели таа.

Според неа, кучињата се агресивни кон минувачи кои шетаат домашни миленици, но и кон велосипедисти и луѓе на тротинети.

„Многупати се пријавени во Лајка и во Општина Карпош, но и понатаму се на истата локација. Одговорот што го добивме е дека ќе ги земат за да го поминат хуманиот третман, но дека не можат да ги задржат бидејќи капацитетите им се исполнети. Тоа не го решава проблемот, ниту за кучињата, ниту за граѓаните кои не можат да излезат од дома без страв“, додава таа.

Од ЈП „Лајка“ велат дека токму оваа група кучиња е идентификувана како приоритет за интервенција и дека според нивните теренски согледувања станува збор за кучиња кои не се автохтони за тоа подрачје.

„Нивното истовремено појавување како оформена група, како и фактот што ниту едно од нив претходно не било третирано, упатува на основано сомнение дека се дислоцирани од друга општина надвор од Град Скопје“, велат од претпријатието.

Со слично искуство се соочил и граѓанин од Ѓорче Петров, кој студира во странство и моментално води постапка за надомест на штета поради каснување од куче.

„Неколку дена пред Нова година се враќав дома и пред влезот на зградата ме пречекаа шест кучиња. И претходно повеќепати ми се имаат пуштено и лаеле по мене, па очекував дека, како и другите пати, само ќе лаат. Но овојпат ми се стрчаа, ме заобиколија и почнаа да рипаат по мене. Обично имам точак или ранец за да се одбранам, ама тогаш бев без ништо. Најголемото куче, кое и претходно повеќепати ме има нападнато, ме касна за ногата. Инстинктивно го удрив и успеав да се пробијам и да влезам во зградата“, раскажува тој.

Истата вечер заминал во Државна болница на преглед.

„Во последните неколку години доаѓам во Скопје на пократки периоди и секојпат кога се враќам има се повеќе кучиња и речиси секојпат сум нападнат. Секоја вечер кога се враќам дома морам психички да се подготвам и да очекувам дека повторно ќе бидам нападнат од кучиња,“ вели тој.

Од ЈП Лајка, во текот на минатата година биле заловени околу 1.000 кучиња, од кои 850 биле стерилизирани. Останатите биле сопственички кучиња, случаи на откажано сопствеништво или кучиња повторно заловени поради загубена ушна маркичка.

Град Скопје не одговори на нашите прашања поврзани со темата.

На почетокот на оваа година беше најавено дека Град Скопје ќе инвестира 30 милиони денари за проширување на капацитетите на ЈП Лајка, „со цел трајно и системско решавање“ на проблемот со бездомните кучиња но до тогаш, Град Скопје продолжува да исплаќа милионски суми за надомест на штета поради напади од бездомни кучиња.

Извор: zurnal.mk

VERO marketi

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

„И Здравје и работа“: Рударството паѓа, инвестициите стојат – државата мора да го ослободи развојниот потенцијал на Македонија

Следно

Шпанија воведе гранични контроли за патниците од Италија откако Мелони го отфрли ултиматумот на Мадрид

Latest from Blog

Шпанија воведе гранични контроли за патниците од Италија откако Мелони го отфрли ултиматумот на Мадрид

Контрамерките, кои започнаа на полноќ и ќе траат еден месец, следуваат една недела откако италија воведе слични ограничувања по приливот на десетици илјади мигранти од мароко во шпанската енклава Сеута. Шпанија вчера

„И Здравје и работа“: Рударството паѓа, инвестициите стојат – државата мора да го ослободи развојниот потенцијал на Македонија

Најновите податоци на Државниот завод за статистика се уште едно сериозно предупредување дека македонското рударство не смее повеќе да биде оставено на маргините на економскиот развој. Додека вкупното индустриско производство во јуни

Претседателот на Баерн со критика другите тимови од Бундеслигата

ФОТО: FC Bayern Munich/fb Претседателот на Баерн Минхен, Херберт Хајнер, ги критикуваше клубовите од Бундеслигата дека не прават доволно за да ја промовираат лигата во странство преку странски турнеи. 72-годишникот зборуваше на

НА ПОВИДОК Е ДОГОВОР ЗА ОРМУНСКИОТ ТЕСНЕЦ – Американски функционер : Се отвара клучниот воден пат и се обновува извозот на нафта

На повидок е договор за Ормунскиот Теснец, кој наскоро би можел да овозможи повторно отворање на овој клучен воден пат и да го обнови извозот на нафта, прекинат за време на петмесечната

Aктивни се два пожари, четири се изгаснати

Центарот за управување со кризи извести дека денеска до 13 часот, регистрирани се вкупно шест пожари на отворен простор, од кои активни се два, а четири пожари се изгаснати. Активни: Општина Арачиново:
Go toTop