ТРИАТЛОНОТ „АЈРОНМЕН“ МИ ПОМОГНА ДА СЕ НАДМИНАМ СЕБЕСИ, ВЕЛИ ВИОЛИНИСТОТ СТЕФАН МИЛЕНКОВИЌ ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

4 mins read

Српскиот виолинист со светска кариера Стефан Миленковиќ на 20 септември ќе одржи концерт во Скопје и за првпат ќе свири со македонскиот камерен оркестар „Профундис“. Концертот ќе се одржи во Филхармонијата.

Миленковиќ, кого во поранешна Југославија го нарекуваа чудо од дете, ја почна кариерата на шест години, одржувајќи над 1.000 концерти пред да наполни 16 години. На 10 години настапи пред поранешниот претседател на САД Роналд Реган на Божиќниот концерт во Белата куќа, следната година свиреше за Михаил Горбачов во Белград, а на 14 години настапи пред папата Јован Павле Втори.

„Ова ми е првпат да настапувам со камерниот оркестар ‘Профундис’ и навистина едвај чекам да свирам со нив и со маестра Ѓурѓица Дашиќ. Слушнав за нивните врвни настапи и за нивната уметност и исклучително ми е драго што ќе соработувам со колеги кои имаат ентузијазам и енергија, квалитет и уметничка визија“, вели Миленковиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Додава дека освен регуларниот дел на програмата на кој се најавени дела од Чајковски, Паганини, Сен-Санс, Масне, Бацини и Сарасате, ќе има и изненадувања.

Миленковиќ има убави спомени за Македонија од дете, со родителите често летувале во Охрид пред 30 години.

„Во Македонија не доаѓав само како уметник, туку и на летување со родителите. Охрид е за мене мистичен и магичен. Но, генерално за мене Македонија се луѓето, енергијата, гостопримството, таа човечка топлина, храната, сето тоа заедно. А да не зборувам колку во Македонија има музика и таа една музичка култура која секогаш инспирира. Секогаш топло чувство“, вели Миленковиќ.

Миленковиќ со сопругата, гитаристката Горица Грозданиќ, и со синот Никола (Фото: А. Чизмиќ)

Во 2020, по 24 години во САД, тој решил да се врати во Србија и сега е професор по виолина на Академијата на уметности во Нови Сад. Со сопругата Горица Грозданиќ, која е гитаристка, истата година го добија синот Никола.

„Нашето враќање во Србија беше логика на еден животен тек. Искрено, ние сакавме да се вратиме во Европа и порано, но поради пандемијата тоа беше одложено. Во Америка поминав 24 години и потоа, сопругата и јас сакавме да се вратиме за да им бидеме поблиску на родителите и на семејствата. Размислувавме генерално за Европа, и секако меѓудругото и за Србија. Јас најмногу сакав да им се посветам на српските студенти и не само на нив, туку на студените во регионот, затоа што тоа ми беше еден убав предизвик кој носи многу сатисфакција. Исто така, сакав да ги намалам тие бројни и долги патувања, зашто во некој просек, пред ковидот бев околу 200 дена во годината на пат. Понекогаш во просек патував двапати месечно од Америка во Европа и така некои 20 години. И беше полесно логистички базата да ни е Европа, за да можам да ‘скокнам’ некаде на 2-3 дена, да отсвирам концерт и да се вратам дома. И не се покајав. Воопшто не гледам ни на животот ни на одлуките на тој начин, затоа што ние својот живот, својата визија и желби ги носиме во себе и не зависиме толку од некое опкружување. Во емотивна смисла е сепак полесно да си свој на своето и не гледам назад, и мислам дека тоа беше вистинска одлука“, ни рече Миленковиќ.

Вилинистот вели во кариерата сите имаме успони и падови, неверојатно убави и возвишени моменти. Но, има и моменти кога работите не одат како што сте ги планирале и многу е важно агилно да закрепнете од грешките.

„Мислам дека повеќето од луѓето воопшто не знаат колку одговорност бара животот на еден уметник и воопшто колку е тешко да си успешен во било што. А за да го одржите истиот пат, вие постојано треба да бидете подобри и подобри, не е доволно да бидете исти“, вели Миленковиќ.

Нов предизвик за него е проектот „Рок ел класико“, каде заедно со српскиот музичар, актер и писател Неле Карајлиќ и негиовиот бенд свират класични дела во рок аранжмани.

„Рок ел класико’ е еден многу забавен проект во кој уживавме од почеток до крај и соработката со Неле е едно континуирано доживување. Ние доаѓаме од два различни света, а Неле е еден успешен и искусен човек. Тој не е само глумец, само писател, само комичар, само музичар, тој е сето тоа. Целата таа соработка одблиску беше еден посебен процес кој ми беше многу драг и од кој многу научив. А таа некоја суштина на класиката и тие елементи на класиката, се слични или исти. Без оглед дали се работи за пократки или подолги дела, луѓето доаѓаат на концерти од слична причина, за да се опуштат, за да го заборават своето секојдневие, да уживаат во некоја приказна, да се забавуваат, да бидат трогнати, да ги препуштат емоциите. Дали е тоа рокенрол или класика, таа убавина на пораката која се изразува низ музика, таа е во суштина иста“, вели Миленковиќ.

Приватно, тој вели дека се ретки моментите кога не прави ништо. Горд е на триатлон трката „Ајронмен“ неодамна во Белград, на која учествувал по неколкумесечна подготовка.

За триатлон трката „Ајронмен“ која се одржа на 15 септември во Белград, Миленковиќ се подготвувал четири и пол месеци (Фото: Фејсбук)

„Ретко не правам ништо. Сакам активен живот, и одморите ми се активни на овој или на оној начин, дали е тоа спорт или некоја друга забавна активност. Сега, тоа е нашиот син, кој и тоа како бара време и внимание. Имам многу хобија, отсекогаш сум имал некои активности кои ми привлекувале внимание. Имаше тука сешто, од скејтборд, преку боречките вештини, па јогата, а исто така долго време играв и танго. А пред некој ден ја комплетирав и својата прва „Ајронмен“ трка. Тоа беше еден поголем проект за кој се подготвував добри четири и пол месеци. Со сите обврски, тоа ми беше најголем предизвик. И успеав да ја завршам за шест часа и 27 минути со сета фантастична организација во Белград. За жал, беше ужасно лошо време. Кога го започнувавме пливањето наутро беше девет степени, со постојан дожд и ветер, а тоа на велосипед беше страшно. Но, тоа е составен дел од животот. Луѓето кои се појавија тука од целиот свет, шеесетина земји, од нив некои 300-400 луѓе не ја ни почнаа трката поради временските услови. На крајот, сите ние тука доаѓаме од слични причини, да се тестираме, да се соочиме со нешто тешко и потоа тоа да го надминеме. И тоа ви дава неверојатна сила и самодоверба, да знаете дека можете да се потпрете на себеси, да ги поместите границите. Ете, толку од што работам кога ништо не работам. Јас кога не свирам или не патувам, тернирам или работам нешто друго, значи тоа го работам кога ништо не работам. Значи ова ‘ништо’ е уметноста“, вели Миленковиќ.

М. ЏАРОВСКА

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

На Денешен ден во кичевското село Подвис во 1943-та е отворено првото училиште на македонски јазик

Следно

Писателите на „ПРО-ЗА Балкан“: Наше е да предупредуваме дека живееме во дистопија

Latest from Blog