Суданските завојувани генерали се согласиле дa испратат свои претставници на преговори

1 min read

Сепак, претставник на Обединетите нации (ОН) во Судан, Волкер Пертес, предупредува дека сè уште постојат предизвици во одржувањето на преговорите и остварувањето на потенцијалниот прекин на огнот меѓу двете завојувани страни, кој изби на 15 април

Суданските завојувани генерали се согласија да испратат свои претставници на преговори, потенцијално во Саудиска Арабија, изјави Волкер Пертес – највисокиот претставник на Обединетите нации (ОН) во Судан за Асошиејтед прес. Доколку се случат, вели тој, преговорите првично ќе се фокусираат на одржлив прекин на огнот, кој би бил надгледуван од национални и меѓународни набљудувачи.

Сепак, Пертес предупредува дека сè уште постојат предизвици во одржувањето на преговорите и во остварувањето на потенцијалниот прекин на огнот меѓу двете завојувани страни.

Преговорите за одржлив прекин на борбите може да се одржат или во Саудиска Арабија или во Јужен Судан, рече тој, додавајќи дека на секоја страна ќе ѝ треба безбеден премин низ територијата на другата.

„Тоа е многу тешко во ситуација кога постои недостаток на доверба“,

вели претставникот на ОН во Судан.

Пертес предупреди и на голема хуманитарна криза бидејќи, како што вели, на луѓето им снемува храна и свежа вода во суданската престолнина Картум оти борбите ги оштетија водните системи.

„Вистинскиот прекин на огнот е од витално значење за да се добие пристап до жителите кои се заробени во нивните домови или се повредени. Ако не добиеме стабилен прекин на огнот, хуманитарната ситуација ќе биде уште полоша“,

додаде Пертес.

Доколку се случат, преговорите меѓу двете завојувани страни во Судан ќе бидат првиот голем напредок откако на 15 април во африканската земја избија борби меѓу суданската армија и паравоената група Сили за брза поддршка.

Во досегашните борби за превласт, според достапните информации, пријавени се повеќе од 500 загинати луѓе, но се проценува дека вистинскиот број на загинати и повредени се очекува да биде далеку поголем. 

Иако двете страни во неделата се обврзаа на 72-часовен хуматинарен прекин на огнот, во делови од Картум и неговиот соседен град Омдурман и денеска одекнале експлозии и пукотници.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Кристијано Роналдо се враќа во Реал Мадрид?

Следно

Инцидент во Скопје: Сообраќајка заврши со физичка пресметка и пуќање

Latest from Blog