Студентите не се задоволни од негрижата од страна на Министерството за образование и наука (МОН) и непочитување на законските рокови за исплата на средствата за субвенциониран студентски оброк и стипендија.
Студентскиот отпор најави дека студентите ќе излезат на протести и ќе блокираат булевари низ главниот град, ако МОН не ги исполни ветувањата кон нив.
– Постојано се доцни со исплата на Субвенциониран студентски оброк. Според законот МОН е задолжен на секој 1-ви од новиот месец да исплаќа средства (околу 2.500 денари) за претходниот месец, студентите минатата недела ги примија средствата за Јануари.
Студентите кои се прв пат прифатени за стипендија немаат видено ниту денар, иако минатата година со исплата се почна во месец Ноември, а сега завлегуваме во месец Март.
Реконструкцијата на студентските домови иако најавувана за 2023та година сè уште не е започната и нема никаков рок кога би требало да заврши, од МОН велат 2025та, можеби во исто време со зградите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и ФИНКИ.
Преговорите во однос на новиот закон за студентски оброк се одвиваат комплетно нетранспарентно и нема никакви официјални информации во однос на тоа како би се одвивала зголемената исплата од неверојатни 140 денари на дневно ниво, иако моменталниот начин на исплата на средства е на сила до 15 март, велат од Студентски отпор.
ИЗВОР: skopjeinfo.mk