Оперската певица Злата Тошевска беше ѕвезда на отворањето на 51. Мајски оперски вечери на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ), во улогата на Абигаиле во операта „Набуко“ од Верди. Триесетгодишната Тошевска ги собра најголемите овации и честитки, со коментари дека е вистински погодок за оваа улога и освежување на македонската оперска сцена.
Тошевска дипломирала на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) во Скопје во класата на професорката Славица Петровска-Галиќ, а магистрирала во Пловдив, Бугарија во класата на Лилиа Илиева. Седум години е вработена во НОБ, како солист на средни улоги.
Токму затоа, вели, не ни размислувала дека некогаш ќе ја пее улогата на Абигаиле, која во оперските кругови важи за една од најтешките улоги, па дури има и податоци дека голем број певици ја избегнуваат или дури завршуваат кариерата со оваа улога, поради неуспех.
„Ова беше мој Еверест, еден убав врв што на толку млади години имав шанса да ја испеам оваа улога со толкав успех. Идејата за улогата ми ја даде нашиот првенец Ѓорѓи Цуцковски, затоа што тој веруваше во мене. Лани на Мајските оперски вечери ја пеев Лиу во ‘Турандот’, исто една од главните улоги, и разговарајќи што следно да земам да работам, тој ми ја вроди идејата да ја земам Абигаиле. Прво бев запрепастена од самата идеја, затоа што никогаш не ми ни дошло на идеја да ја пеам. Во музичките кругови, кога ќе се спомне Абигаиле, спаѓа како во посебна категорија и затоа многу често се случува да нема пејачи во Европа што можат да ја пејат, а пејачите што можат да ја пејат се многу дефицитарни. Многу ја откажуваат, најчесто затоа што ја пејат пејачи кои не се во тој гласовен фах“, вели Тошевска за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Така, почнала да работи со нејзинот ментор Михајло Арсенски, кој живее во Германија, интензивно се подготвувале , работеле фраза по фраза, тон по тон, направиле и некои менувања во техниката. Почнало да ѝ се допаѓа како сето тоа звучи и го замолила уметничкиот раководител на Операта Дејан Прошев да ја слушне.
„Дирекцијата има одлична пракса каде преку преслушувања и аудиции на помладите солисти и пејачи од хорот, ни дава шанса и можност да ги подготвиме улогите и со тоа нѐ ставаат на каст, секако доколку одговараме на вокалниот капацитет на зададената улога. Не значи дека ќе ги пееме веднаш, но ни се дава можност да ги работиме со корепетитор, темелно да ја научиме улогата, да ги следиме режиските проби и понатаму може, за година две, да настапиш со улогата. Уметничкиот раководител ми даде време да се подготвам, ја спремив главната арија на Абигаиле заедно со терцетот од првиот чин. Преку нив може да се чуе целиот вокалниот капацитет, музикалноста и личната интерпретација. Ме слушна, му се допадна, рече ‘Работи ја’, ме ставија на каст и така како почнавме да работиме, се направи една селекција да пејам јас на премиерата“, продолжува сопранистката.
Режисерот Ренато Бонајуто дошол во март, со него ја подготвиле улогата од секој аспект, актерски, како да размислува.
Улогата на Абигале , вели Тошевска, е млада, страствена, бунтовна, улога која што изискува и да си таков, за да го пренесеш тоа на публиката, мораш и да го почувствуваш. Самата партитура е така напишана, има многу осцилации, изискува врвна вокална техничка подготвеност и интерпретација.
„Јас сум многу благодарна што работевме и глума на Факултетот за драмски уметности (ФДУ). Ние сме актери кои пејат, затоа и операта е најкомплексно дело. Преку глумата, преку самото откривање на ликот, откриваш што треба да пееш. Ако си технички подготвен, гласовно ќе немаш никаков проблем, но кога веќе размислуваш за самиот лик, на тексот, на либретото, во еден текст сѐ се открива. Во оперските дела често се повторуваат зборови, не можеш два пати исто да кажеш ‘Те сакам’. Сакав од тој аспект актерски да навлезам во улогата и сметам дека и затоа имаше толкава реакција. Едноставно, сакав да се навратам во златните времиња на операта, на интерпретацијата на Марија Калас, која е мој идол“, кажа Тошевска.
Меѓу нејзините поголеми улоги се издвојуваат: Дона Елвира во „Дон Џовани”, Микаела во „Кармен” и Лиу во „Турандот“, а помали: Aнина во „Травијата”, Прва Дама во „Волшебната флејта” (адаптирана за деца), Џована во „Риголето“ и Кејт Пинкертон во „Мадам Батерфлај”. Имала и солистички концерти во Истанбул и Њујорк, а за пресвртница во кариерата го смета престојот како стипендист како најперспективен млад пејач на Институтот за оперско пеење во Трани. Од тоа искуство, добила агент за американскиот пазар. Има посетено преку 13 мастеркласови, а од магистратурата во Пловдив, има и диплома за педагогија.
„Јас сум човек кој цело време работи со ментор и мислам дека тоа и ми донесе многу големи успеси и може ќе ми ги отвори вратите за поголеми успеси. Сцената е оган: или ти ќе гориш или ти ќе ја запалиш. Гласот не простува лакомство, нема да ти прости ако бараш повеќе и затоа треба да си го знаеш твојот вокален капацитет и да знаеш до каде можеш да одиш“, вели Тошевска.
Б. НЕСТОРОСКА
ИЗВОР: sdk.mk