Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ не бегаат од Преспанскиот договор, но не се откажуваат од само „Македонија“

May 13, 2024
5 mins read

Новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ, како партија која е извесно дека ќе ја предводи идната влада на Северна Македонија, сметаат дека имаат право да го користат само името „Македонија“ во јавните настапи.

Преспанскиот договор, со кој официјалното име на државата беше додадена „Северна“ е реалност и за партијата и за претседателката и за Радио Слободна Европа одговорија дека тие „нема да бегаат од тоа во официјалната употреба“.

Ова се ставовите на новата претседателка на државата и партијата која ја поддржа во трката за шеф на државата, ВМРО-ДПМНЕ, по реакциите од властите во Грција, Бугарија и Европска Унија (ЕУ) со потсетување да се почитуваат договорите што Скопје ги постигна со Атина и Софија.

Низата реакции од меѓународната заедница пристигнаа на македонска адреса откако Гордана Сиљановска Давкова во заклетвата дадена на 12 мај пред Собранието не го користеше новото уставно име – Република Северна Македонија. Пораката е дека од почитувањето на Договорот од Преспа постигнат со Грција во 2018, како и Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017, зависи и понатамошниот пат на земјава кон полноправно членство во ЕУ.

Сиљановска Давкова: Ќе се придржувам до официјалната примена на уставното име

„Во своите јавни настапи, македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име“, велат од кабинетот на Сиљановска Давкова.

Оттаму нагласуваат дека согласно Уставот, Сиљановска Давкова ја потпишала заклетвата со уставното име Република Северна Македонија.

„Македонските институции во последниве 5 години речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатерални обврски кои ги презеле кон земјата“, додаваат од кабинетот на Сиљановска Давкова.

ВМРО-ДПМНЕ: Ќе се однесуваме согласно Уставот и законите

Од ВМРО-ДПМНЕ за Радио Слободна Европа велат дека „внимателно ги следат реакциите“ и нагласуваат дека членството во НАТО и ЕУ е нивна стратешка цел и како идна влада ќе го почитуваат Уставот.

„Севкупната институционална комуникација како и самите институции кои се поврзани со имплементацијата на Преспанскиот договор се реалност и како идна влада имаме намера така и да се однесуваме, согласно Уставот и законите. Нема да дозволиме изолација на граѓаните поради стратешките грешки на владата на СДСМ/ДУИ кои за да го покријат криминалот и корупцијата потпишуваат катастрофални договори. Основно човеково право е при лична и колоквијална употреба да се користи Македонија и Македонски и тоа право ќе го задржиме“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за РСЕ.

Како идна влада, додаваат од партијата, имаме искрена намера да развиваме блиски и пријателски односи со сите соседи.

„Искрено сметаме на поддршката од нашите соседи во процесот на нашата интеграција кон ЕУ. Мора да отвориме ново поглавје во нашата историја на развој, просперитет, стабилност, одговорно однесување и напредок. Тоа го ветивме на изборите и до тоа ќе се држиме“, уверуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Потпишувањето на Преспанскиот договор го реши речиси тридеценискиот спор со Грција околу името на државата со што се одблокира патот до полноправно членство во ЕУ и НАТО. Северна Македонија денес е членка на Алијансата, но чека отворањето на кластерите во преговорите со Брисел. За тоа да се случи, потребно е да се направат уставни измени со кои бугарската и други заедници ќе се внесат во Преамбулата од Уставот.

Загрозување на евроинтеграциите и билатералните односи

Ако не се почитуваат договорите и Уставот, според кој, името на државата е Република Северна Македонија, експертите се согласни дека може да се доведе во прашање евроинтеграцијата.

Секоја изјава од политичарите и функционерите, вели аналитичарот Петар Арсовски, носи последици.

„Уставот не е самопослуга во супермаркет – ова ми се допаѓа ќе го почитувам, ова не ми се допаѓа и нема да го почитувам. И тоа новата претседателка Сиљановска Давкова го знае. Така што, сите такви изјави имаат последици. Јас мислам дека ќе имаат уште повеќе последици имајќи ја предвид историјата на ВМРО-ДПМНЕ со однесувањето со Грција и Бугарија“, вели Арсовски.

Според извршниот директор на Центарот за европски стратегии „Евротинк“, Димитар Николовски, најголемата опасност што може да ја донесе непочитувањето на договорите е да се изгуби добрата волја кај пријателите и стратешките партнери на Северна Македонија.

Тој потсетува дека по потпишувањето на Преспанскиот договор, Грција станала силен поддржувач на евроинтеграциите, но сега се ризикува овие добри односи да се нарушат. Како последица, Николовски го наведува и тоа што може да се изгуби и пристапот до европските пари.

„Секако, нашиот процес е заглавен заради недонесување на уставните промени, што им дава простор на новата влада да не инвестира многу во евроинтеграциите. Но, и покрај отсуството на преговорите за членство, можеме да трпиме закочување и застој во пристапноста до фондови и техничка помош, одлагање на отворањето на новиот граничен премин со Грција кај Маркова Нога, и општо губење на меѓународна поддршка“, вели Николовски за РСЕ.

ВМРО-ДПМНЕ во изборната кампања настапуваше дека може да се издејствува промена на преговарачката рамка за да нема други условувања од Бугарија по вметнувањето на Бугарите во Уставот. За Преспанскиот договор, пак, партијата и претходно го споделуваше ставот дека тој е реалност, но нејзините претставници не ја користеа придавката „Северна“.

Како нивна претседателска кандидатка, Сиљановска Давкова во својата изборна програма наведе дека во обраќања до јавноста нема да користи „Северна“ и оти Преспанскиот договор бил донесен „со кршење на националното право и е спорен во рамките на меѓународното право, посебно во врска со правото на самоопределување, принципот на еднаквост на државите и мешањето во внатрешните работи на суверена држава“.

Патот на Скопје кон ЕУ зависи од почитување на договорите

Последната од реакциите дојде од американската амбасада во Скопје. Оттаму посочија дека остануваат посветени на Договорот од Преспа и на евроатланските интеграции на земјава, а откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжат да ја зајакнуваат важноста на почитување на меѓународните договори.

Првата реакција за неупотребата на уставното име, дојде веднаш по самата инаугурација на новата претставка. Кога Сиљановска Давкова во заклетвата пред пратениците кажа само „Македонија“ без „Република“ и без „Северна“, грчката амбасадорка во Скопје, Софија Филипиду, демонстративно ја напушти собраниската галерија каде беше дипломатскиот кор во земјава.

Меѓу првите реагираше и претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, која откако честиташе, во нова објава на мрежата Икс порача дека „за Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“.

Реагираа и од Службата за надворешни работи на ЕУ (ЕЕАС) наведувајќи дека жалат поради фактот што новата претседателка не го употреби уставното име.

Од Грција и Бугарија стигнаа повеќе реакции. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис оцени дека одлуката на Сиљановска Давкова да го користи само името Македонија е „нелегална, недозволива и провокативна“ и претставува прекршување на Договорот од Преспа.

Секој чекор на Скопје кон Европа, меѓу другото, зависи и од употребата на уставното име, порача Мицотакис, кој потсети дека и неговата партија Нова демократија како опозиција гласала против Договорот, но сега како Влада го почитуваат „грчкиот потпис на меѓународен договор, обврзувачки за земјата“.

Од Бугарија, која се наоѓа во предизборен процес, реагираа и претседателот Румен Радев и техничкиот премиер Димитар Главчев. Во нивните ставови нагласуваат дека Бугарија постојано и јасно го кажува ставот оти договорите мора строго да се спроведуваат и оти се убедени дека европската перспектива на Република Северна Македонија целосно зависи од имплементација на меѓународните договори.

ВМРО-ДПМНЕ, која вели дека не бега од реалноста со Преспанскиот договор, периодов води разговори со албанската опозициска коалиција „Вреди“ за формирање на идната влада. Потенцијалниот коалициски партнер на изборите настапуваше со став дека мора да се почитуваат меѓународните договори, како и дека се залагаат да се случат уставни измени за вметнување на Бугарите во првите шест месеци од новата влада.

Законските рокови налагаат дека нова влада Северна Македонија треба да добие до крајот на јуни, иако дел од очекувањата се дека договор може да падне и порано.

Преспанскиот договор Атина и Скопје, потпишан на 17 јуни 2018 година, беше постигнат од владите предводени од поранешните премиери на Грција и Северна Македонија, Алексис Ципрас од Сириза и Зоран Заев од СДСМ. Потписите ги ставија тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Договорот за добрососедство со Бугарија, пак, се потпиша на 1 август 2017 од страна на поранешните премиер Зоран Заев и Бојко Борисов.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Во Косово досега попишани над 1,42 милиони лица, дел од Србите „се двоумат“

Следно

Законодавниот дом: Свечената изјава пред Собранието е потпишана онака како што ја прочита претседателот на Собранието

Latest from Blog

Македонија со скок на новата ФИФА ранг-листа

Македонската фудбалска репрезентација забележа скок од две места на ФИФА ранг-листата. Во моментов сме на 67. место на ФИФА листата, со вкупно 1,368 поени. Ова е највисоката позиција на Македонија на ФИФА

Индија: Авиокомпаниите добија речиси 1.000 лажни предупредувања за бомби оваа година

ЊУ ДЕЛХИ (АА) – Речиси 1.000 лажни закани за бомби беа испратени до авиокомпаниите во Индија оваа година, известува Анадолу. Индискиот министер за цивилно воздухопловство Мурлидар Мохол објави дека добиле 122 лажни

Ласовска: Да ги фрлиме белите ракавици, да се објават јавно оние луѓе кои го попречуваат владеењето на правото

Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, на седницата посветена за пратенички прашања, постави две прашања, од кои првото се однесуваше кон претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и второто до министерот за

Британец доби кривична пријава за „компјутерска измама“

СВР Штип поднесе кривична пријава против K.K.K. од Обединетото Кралство Велика Британија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „компјутерска измама“. Пријавениот, на 22.02.2022 преку е-маил порака до правно лице

Сиљановска Давкова: Ако дозволиме ветото да опстои, дури и најуспешните во чекорењето пред крајот можат да се соочат со него

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска од Подгорица, каде е во официјална посета коментирајќи ја вчерашната изјава на новоизбраната еврокомесарка за проширување Марта Кос истакна дека и забележува на дикцијата во однос на
Go toTop