СЕГА СМЕ СЕМЕЈСТВО МАКЕДОНИУМ, РЕКОА ДАНЦИТЕ ОД БЕНДОТ „ЕФТЕРКЛАНГ“ НА ОТВОРАЊЕТО НА СИНЕДЕЈС

July 12, 2024
1 min read

Филмскиот фестивал Синедејс синоќа во Скопје на отворањето на 23 издание постави нов рекорд во играње оро, кога повеќето од публиката се фатија да играат на крајот од концертот на данската група „Ефтеркланг“. Концертот следеше по документарецот „Ефтеркланг-Македониум бенд“ на Андреас Јонсен кој го отвори фестивалот.

Филмот, во кој скопскиот Младински културен центар (МКЦ) е копродуцент, всушност документира еден исклучителен процес на креативна соработка – тројцата членови на експерименталниот бенд од Копенхаген, Мадс Брауер, Каспер Клаусен и Расмус Столберг, лани во април дојдоа во Скопје со намера  една недела во МКЦ да соработуваат со локални музичари кои дотогаш не ги познавале, а песните што ќе ги создадат да ги изведат на концерт пред споменикот Македониум во Крушево, еден од најпознатите македонски објекти во светот.

Повеќето од публиката се фатија на оро на крајот од концертот на „Ефтеркланг Македониум бенд“. (Фото: СДК.МК)

Музичарите ќе ги најдат на оглас – пејачката Дина Јашари, пијанистката и поетеса Ива Дамјановски која свири на тамарин вокс, тапанарката Мартина Баракоска, гитаристот Јане Трајковски, Женскиот младински хор при МКЦ, музичарот на народни инструменти Стефче Стојковски и скулпторот и музичар Дејан Спасовиќ, а сè во организација на продуцентот од МКЦ Владица Младеновски-Грга.

Највозбудливото во таа една недела интезивна музичка соработка е како творечкиот процес ги зближува луѓето од различни култури, традиции и јазици, или ко што вели еден стих на Ива Дамјановски – „јазиците да се бакнат“.

„Беше просто неверојатно искуство, да твориш со тотални странци, а на крајот да се чувствуваш како да сте најблиски пријатели. Мислам дека секој треба да направи такво нешто бар еднаш во животот“, рече на концертот пејачот Каспер Клаусен.

А режисерот, данскиот документарист Јонсен додаде: „Ние сите сега сме семејство Македониум“.

Филмот, што е прва продукција на МКЦ, почна без никаква најава исто како и концертот што почна буквално по одјавната шпица, на сцена пред филмското платно. Енергијата на блискост и заедништво од творечкиот процес забележан во документарецот експлодираше на концертот на кој беа изведени песните што беа создадени во таа соработка.

Извонреден концепт што го донесе најдоброто отворање на Синедејс досега.

Синедејс денеска продолжува со проекции во паркот МКЦ, каде ќе играат „Добрите момци одат во рајот“ на романскиот автор Раду Поткоава (од 20.55ч) и „Палас“на Роман Полански (22.30). Во киното Фросина играат „Највредниот товар“ на Мишел Хазанавициус (19.30) и „Екскурзија“ (22.30), дебито на босанската режисерка Уна Гуњак. Во летното кино на Кинотеката од 21.30 е „Семето на светата смоква“ на иранскиот режисер Мохамад Расулоф. Филмот доби специјална награда годинава во Кан, каде Расулоф дојде откако пребега од Иран во Европа по пресудата за казна од осум години затвор за снимање филмови и за потпишување изјави.

М. КОСТОВА

ИЗВОР: sdk.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

ЦУК: Армискиот хеликоптер почна со гасење на пожарот на планината Серта, на локацијата се вклучени повеќе луѓе

Следно

Стигна селекторскиот повик за Јирген Клоп, одговорот е очекуван

Latest from Blog

Се запали галијата во реката Вардар во Скопје

Пожар вечерва ја зафати галијата кај Холидеј Ин која се наоѓа на реката Вардар во центарот на Скопје, јавува МИА. Интервенирано било со противпожарно возило, и нема опасност за проширување. Причинета е

Студентите во блокада ги повикаа граѓаните нс Србија на масовен прекин на работата до исполнување на нивните барањата

Студентите во блокада во Србија ги повикаа граѓаните да започнат масовен прекин на работата од 1 јули до исполнување на три барања. Барањата се – распишување вонредни парламентарни избори, распуштање на „собирот“

ФФМ и Ла Лига ќе градат долгорочно партнерство

Можностите за идна соработка, особено во делот на едукација и развој на млади тренери, ги разгледаа денеска на средба во Скопје претставници на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и шпанската Ла Лига.

Николоски: Голем е интересот за финансирање за изградба на брзата пруга на коридорот 10

Постои сериозен интерес од неколку огромни светски финансиски институции, за финансирање на изградба на брзата пруга на коридорот 10, истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. -Очекувам дека ќе има конкуренција

Мицкоски до Кос: Лидерската средба ЕУ-Западен Балкан признание за новата енергија со која Владата ги води реформите

Премиерот Христијан Мицкоски на средбата попладнево во Владата со еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос, ја истакнал определбата на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински
Go toTop