Сања Божиновска – патот од професионална кариера до министерска премиера

July 26, 2024
11 mins read

Сања Божиновска е најнепознатото политичко име во јавноста во новата влада, но, не е непозната во енергетскиот сектор.

Соопштувајќи го владиниот состав, Христијан Мицкоски ја претстави Божиновска како „експерт во енергетиката со огромно работно искуство во најголемите компании од пазарот на енергетиката и економските системи“.

Но, во работниот век во енергетските компании во кои била дел од нив, државните институции им поднесувале пријави со сомнежи за малверзации и незаконско работење, но изостанал правен епилог.

Работен бекграунд на Сања Божиновска

  • Период: 2006-2011 година

„Езпада“ – Одговорна за стратегиски анализи, тргување и прекугранични активности во Северна Македонија, Србија, Косово, Бих, Албанија и др. „Езпада“ е со седиште во Швајцарија, а оперира и во Прага и Лондон.

Отворила и фирма во Северна Македонија. Во јануари 2008 година, РКЕ и издава на компанијата-ќерка „Езпада ДООЕЛ Скопје“ лиценца за вршење трговија со струја. На 29 декември 2022 година, македонската „Езпада“ побарала престанок на лиценцата за енергетска дејност, бидејќи донела одлука за ликвидација на фирмата.

  • Период: 2011 – 2014 година

„Руднап Груп“ – Извршен директор на сите компании во Централна и Источна Европа за трговија со електрична енергија и била одговорна за активности во С. Македонија, Србија, Бугарија и други земји од регионот.

Формирана е и компанија во земјава – „РУДНАП ДООЕЛ Скопје“ во мај 2008 година, а истата е избришана од Централниот регистар во февруари 2022 година.

  • Период: јули 2014 – мај 2018 година

„ЕНГ Сервице Траде“ – Коосновач и управител заедно со Оливер Несторовски.

Дејност – трговија со електрична енергија.

Пријави за незаконско работење

Македонските институции – Комисијата за заштита на конкуренцијата, Царинската управа и МЕПСО покренале три различни постапки за прекршување на законите и тоа за „Руднап ДООЕЛ Скопје“, фирма ќерка на српската „Руднап Груп“, каде Божиновска била нејзин извршен директор и за „ЕНГ Сервице Траде“, македонска фирма во која Божиновска била една од двајцата сопственици.

Пријавите се за картелско тргување со електрична енергија, даночно затајување, а државна институција и барала на нејзината компанија да врати долг од 700.000 евра.

Првата постапка датира од 2012 година, кога Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗД) отворила предмет, истражувајќи го работењето на четири компании кои тргуваат со електрична енергија на пазарот.

Сомнежите на Комисијата биле дека компаниите, „Езпада ДООЕЛ Скопје“, „Руднап ДООЕЛ Скопје“ потоа „ЕФТ Македонија“ – компанија основана од Кочо Анѓушев, која подоцна ја напушти како и „Ген-и Македонија“ и „Ген-и трговање ин продаја електричне енергије до.о.о Кршко“, формирале „картел со цел да ја диктираат цената на увозот на струја на тендерот на ЕЛЕМ спроведен во јануари истата 2012 година“.

Речиси две години од отворањето на предмет за случајот, односно во 2014 година, Комисијата за заштита на конкуренцијата утврдила дека овие компании се здружиле како „картел при јавни набавки“. Тие доставувале понуди за продажба на електрична енергија со цени и количини претходно одредени на начин кој им овозможувал да ги делат количините на електрична енергија која требало да се испорача на АД ЕЛЕМ.

Одлука на Комисија за заштита на конкуренцијата, извадок од годишен извештај за работата за 2014 година

Одлука на Комисија за заштита на конкуренцијата, извадок од годишен извештај за работата за 2014 година

Антимонополската комисија избројала дека „Руднап ДООЕЛ Скопје“, „Езпада ДООЕЛ Скопје“ и „ЕФТ“ во временскиот период од 28 октомври 2011 до 29 февруари 2012 направиле прекршоци во 11 наврати, додека „Ген-и Македонија“ во 4 наврати.

Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата на 21 октомври 2014 година донела решение со кое утврдила дека компаниите во повеќе наврати учествувале во „забрането усогласено однесување со кое се нарушува конкуренцијата на пазарот“. Со решението им била изречена и вкупно глоба од над 3.000.000 евра.

Изречени глоби од Комисија за заштита на конкуренцијата

Изречени глоби од Комисија за заштита на конкуренцијата

Но, судски епилог и плаќање на казната во милионски износ на сметка на фирмите, меѓу кои и „Руднап ДООЕЛ Скопје“ сепак немало. Причина за тоа е што Управниот суд го потврдил решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата, но, во повисока инстанца, Вишиот управен суд го поништило решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

„Постапувајќи по пресудата на Вишиот управен суд, Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата на 20 јули 2017 година ја запре постапката“, одговорија за РСЕ од Антимонополската комисија за исходот од постапката.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска во изјава за РСЕ вели дека „Руднап Македонија“ била
компанија со свој управител и се водела како посебно правно лице. Таа тврди дека нејзината улога како извршен директор во „Руднап Груп“ со седиште во Белград, се состоела во предлагање на стратегии кои ги поднесувала на сопствениците. Таа отфрла директна поврзаност со секојдневното работење на „Руднап Македонија“, иако, во нејзината биографија доставена до Собранието, пишува дека „учествувала и во многубројни тендери, одговорна за финансиските операции во групацијата и за оперативните процедури и активности во Македонија“.

„Процес за картелско здружување навистина беше воден против четири компании и точно е дека комапнијата „Руднап Македонија“ беше казнета со парична казна од 89.000 денари, додека пак, друга компанија, чие име може да го дознаете беше казнета со казна од 120.000.000 денари. Сепак, она што е круцијално да се спомене е дека сите четири компании кои беа казнети заради картелско здружување поведоа соодветни постапки пред надлежните судски инстанци, истите ги добија во своја корист и случајот беше затворен“, одговори Божиновска за РСЕ.

Наплатена отштета, избегната кривична одговорност

Само неколку месеци подоцна, во ноември 2012 година, кај дел од компаниите за кои имаше обвинување дека се дел од картелски договор, тропнала и Царинската управа. Меѓутоа, со друга цел – инспекторите да направат споредбена анализа на количеството електрична енергија што ја поминала царината со бројките за увоз, извоз и количеството на струја кое поминало низ системот за време од 2010 до 2012 година.

Цариниците откриле големи нерегуларности при проверка на податоците и поднеле кривична пријава за затајување на данок во износ од 1,8 милиони евра.

Иако Царинската управа не ги сподели имињата на компаниите ни тогаш, а ни сега кога им побаравме информации за случајот, онлајн медиумот „Фактор“ во 2012 година напиша дека станува збор за македонската „Руднап“ , а другата фирма била „Ген-и Македонија“.

Од Царинската управа за РСЕ велат дека за овој предмет успеале да ги наплатат парите од четирите фирми.

„Ве известуваме дека покрај кривични постапки спроведени се и управни постапки, постапка за проверка на имотна состојба и со решение за присилна наплата блокирани се сметките на фирмите. Службата за присилна наплата по овој основ наплати 130 милиони денари (2,113,821 евра) по 39 решенија. Во однос на пресудите ќе Ве молиме да се обратите до Основно јавно обвинителство.“, одговорија од Царинската управа за РСЕ.

За подетални информации за конкретниот случај, министерката Сања Божиновска ни посочи да стапиме во контакт со одговорното лице во тоа време и нивниот правен застапник.

„Информациите со кои јас располагам се дека правните постапки кои ги водела Царинската управа во тој период биле отфрлени од страна на надлежните судски инстанци во Македонија и како резултат на тоа, случајот е целосно затворен. “, изјави Божиновска.

За случајот, и покрај наплатените пари од Царинската управа, изостанала кривичната одговорност.

Кривичниот суд во Скопје во 2016 година донел ослободителна пресуда за обвинетите од компанијата „Руднап“.

РСЕ успеа да ја пронајде пресудата од 2016 година, донесена од Кривичниот суд во Скопје кој донел ослободителна пресуда. Во неа, се ослободуваат од вина за царинска измама управителот Горан Чогеља и фирмата „Руднап ДООЕЛ Скопје“. Чогеља во 2018 година бил именуван како претседател на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.

Во обвинението се наведува дека компанијата извршила увоз на
електрична енергија во 25 случаи без да поднесе увозни царински
декларации за дел од електричната енергија која не била опфатена со
извозни царински декларации. Обвинетите се теретеле дека дале лажни податоци за количината на увезената електрична енергија и ги довеле царинските службеници во заблуда бидејќи не ја декларирале реалната
количина на увезената електрична енергија и не го пресметале и платиле
вистинскиот износ на ДДВ. Со тоа обвинетите за електричната енергија не поднеле увозни царински декларации во количина од 417.551 mw’h и вредност од 20.686.762,оо евра.

Но, судот пресудил дека не е докажано дека е извршено кривичното дело царинска измама.

„Станува збор за увезена електрична енергија која не била пуштена во
слободен промет на територијата на РМ, туку за електрична енергија која
транзитирала преку територија на РМ и е пуштена во слободен промет во
други држави. Имајќи ги во предвид одредбите од Царинскиот
закон според кој стоката ставена во транзитна стока, односно стоката е
увезена заради извоз не подлежи на царински давачки, обвинетиот Г. Ч. и
обвинетото правно лице Р. ДООЕЛ по законот немале обврска да платат
давачки и даноци при увоз на електрична енергија“, пишува во пресудата.

Пресуда за компанијата „Руднап ДООЕЛ Скопје“

Пресуда за компанијата „Руднап ДООЕЛ Скопје“

Долг од 400.000 евра на наплата кај извршител

Во септември 2017 година, МЕПСО објави дека вкупниот долг кон нив како државна компанија за таа година изнесува 57 милиони денари или 926.829 евра.

Од него, најголемиот дел бил направен во првите три месеци од 2017 година, а 70 насто отпаѓал на компанијата „ЕНГ сервис Трејд“, чиј основач и еден од управителите била Сања Божиновска. Компанијата добила лиценца од Регулаторната комисија за енергетика на пазарот за снабдување со електрична енергија на први октомври 2014 година.

На прес конференција, тогашниот директор на МЕПСО Симон Шутиновски најави суспендирање на компанијата од пазарот како снабдувач на електрична енергија.

Нецели седум години подоцна, во јули 2024 година, РСЕ праша во МЕПСО – дали компанијата на Божиновска ги подмирила обврските кон државата и како завршил спорот со оглед на тоа дека фирмата веќе не постои како правен субјект. Но, МЕПСО не даде конкретен одговор дали ги наплатиле долговите од фирмата на Божиновска.

„Поради неисполнување на условите за учество на пазарот на електрична енергија по истекот на времената суспензија и ненавремено плаќање на долг за преземена електрична енергија, компанијата е суспендирана од пазарот на електрична енергија. Согласно законските и подзаконските акти кои се на располагање за наплата на заостанатите обврски, активирана е банкарска гаранција депонирана од „ЕНГ Сервис Трејд“, а доспеаните и неплатени фактури се директно дадени на извршување кај надлежен извршител“, одговорија од МЕПСО за РСЕ.

Ниту министерката Божиновска не одговори конкретно дали компанијата со која раководела се раздолжила кон државната МЕПСО. За својата поранешна компанија на која МЕПСО и поднел и кривична пријава, Божиновска вели дека била „одбиена и пријавата не била процесуирана“.

„Вреди да се присетиме дека тоа беше период во кој, за жал, многу компании и поединци се соочуваа со кривичен прогон заради, најразлични причини, губејќи го пристапот до македонскиот пазар, а за сметка на тоа, привилегирани и фаворизирани беа компании чии сопственици беа во пријателски врски со тогашната власт“, вели Божиновска.

Но, такви обвинувања своевремено имало и на сметка на компаниите „Руднап“ и „Езпада“. Стенографските белешки покажуваат дека во собраниската дебата за увозот на струја во 2011 година, опозицискиот пратеник Николче Ацевски посочува на нивна блискост со тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако видите кои фирми увезле, тоа се фирми „ЕВТ Скопје“, на пријателот на Груевски, поранешен заменик генерален директор на АД ЕЛЕМ на Македонија. Понатаму, фирмата „Руднап“ каде што работи, или главна е личноста која што ги водеше протестите со таканаречената невладина организација Светлина, против продажбата на ЕВН Македонија во 2006 година. Понатаму, тука се фирмите „Еспада Македонија“ и „Еспада Чешка “за кои што не треба ни да зборувам до кои се блиски, на сите ви е јасно. Значи, овие цифри покажуваат почитувани колеги пратеници од ВМРО ДПМНЕ нешто друго“, изјавил Ацевски во 2011 година.

Изјавата на Божиновска се коси со тврдењето на тогашниот директор на МЕПСО, Симон Шутиновски кој истакна дека „од вкупниот долг, најголемиот дел е направен во првите три месеци од 2017 година, а 70 насто отпаѓал на компанијата „ЕНГ сервис Трејд“. Според оваа изјава, временскиот период кога компанијата на Божиновска го направила долгот, а не го платила е за првите три месеци од 2017 година, кога на власт е се уште ВМРО-ДПМНЕ. Промената на власта дојде на почетокот на јуни 2017 година кога СДСМ на чело со Зоран Заев формираше влада, а суспензијата на фирмата на Божиновска од пазарот со електрична енергија се случи во септември 2017.

Изјавата на Божиновска алудира на политички мотиви против оние кои не биле блиски на тогашната власт на СДСМ и ДУИ. Во нејзината биографија не пишува дека некогаш била член на некоја политичка партија. Но Божиновска стана дел од Извршниот комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ годинава, откако беше избрана на седница на Централниот комитет на 31 јануари 2024 година.

За нецели осум месеци откако фирмата на Божиновска беше јавно опомената за нерегулирани обврски кон државната МЕПСО, се случуваат промени. Во мај 2018 година, Сања Божиновска излегува од „ЕНГ Сервис Трејд“, со што фирмата добива ново сопствеништво.

Се менува и името – од „ЕНГ Сервице Траде“ во „КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје“. Овие измени на компанијата ги евидентира и Регулаторната комисија за енергетика. На 19 ноември 2020 година, и РКЕ врши промена на одлуката за издавање лиценца, заменувајќи го старото име со новиот назив на фирмата.

На 15 февруари 2022 година, фирмата „КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје“ е избришана како правен субјект од Централниот регистар. Како причина се наведува дека основата за бришење е тоа што компанијата не поднела годишна даночна пријава за 2019 година.

Управител на фирми во други држави

Иако во биографијата на Сања Божиновска пишува дека била извршна директорка на сите компании во Централна и Источна Европа на „Руднап“, нејзиното име не се појавува како управител на интернационалнaта компанија која отворила своја фирма-ќерка во Северна Македонија. Инаку сопственик на компанијата „Руднап груп“ , за кои работела Божиновска, е српскиот тајкун Воин Лазаревиќ за кого се врзуваат и други афери во 2012 година.

За разлика од Северна Македонија, Божиновска фигурирала како управител на бугарската „Руднап Бугарија ЕООД“ во периодот од 23 март 2012 година, кога таа ја заменила Русинката Ана Живкова Китина, до 11 март 2014 година, по што Божиновска е заменета со Србинката Сандра Берберовиќ.

Во времето кога Божиновска била менаџер, компанијата имаше најдобар промет (повеќе од 130 милиони лева или 65.357.879 евра во 2012 година).

Таа имала и бугарско државјанство, но за македонските медиуми изјави дека не го пријавила пред да стане министерка затоа што се откажала од него. Но, таа има и чешко државјанство.

„Руднап Бугарија ЕООД“ е сè уште активна компанија која работи во енергетската област. И на бугарската и на македонската „Руднап ДООЕЛ Скопје“ (која веќе не постои) како краен сопственик е компанијата Алтериа Рисрч Лимитед (Altaria Research Limited) од Кипар. И оваа компанија е поврзана со контроверзни бизниси на Балканот на српскиот енергетски магнат Воин Лазаревиќ.

Божиновска: Немам никаков криминал во мојата кариера

Oсврнувајќи се на сите случаи поединечно за фирмите кои се поврзуваат со нејзиното име, а биле под истрага од македонските институции, министерката Сања Божиновска вели дека е „тендециозно да се говори дека била дел од група или пак дека самостојно вршела незаконски дејствија за време на нејзината кариера во приватниот сектор, без притоа да не се посочи ниту еден доказ, ниту едена пресуда против нејзе лично или пак, против компаниите во времето во кое ги управувала, а со кои би се поткрепиле овие тврдења“.

„Одговорно тврдам дека немам никаков криминал во мојата кариера, работам чесно и напорно во сегментот на енергетика каде има многу нечисти игри, а јас не сум дел од нив“, изјави Божиновска.

Таа уверува дека со чесна работа и со резултати многу брзо ќе покаже дека нема да отстапи од намерата да се стави ред во делот на енергетика во Македонија, област за која вели дека се играат „повеќе игри од која било друга област“.

„Во овој контекст, потенцирам дека нема да дозволам ниту да се монтираат случаи и процеси за било кој, кој чесно и одговорно делува во областа на енергетиката. Свесна сум дека некому ова му пречи, но, повторувам дека мене нема воопшто да ми пречи да ставам крај на кражбите“, вели Божиновска.

Таа сега раководи со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, кое сеуште нема ниту физички објект од каде ќе функционира, ниту пак вработени.

Во изминатиот период, објаснува Божиновска, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е регистрирано како институција во Централениот регистар, паралелно се изготвувала систематизацијата на работните места, се разговарало со надлежните за просторот каде ќе биде сместено министерството, се дефинирале буџетските потреби. Божиновска очекува во следните неколку недели новото министерство да стане функционално.

Станови во Србија, Шпанија и Португалија и фирма во Чешка

На два дена пред истекот на законскиот рок, Божиновска го поднесе анкетниот лист до Државната комисија за спречување на корупцијата, давајќи на увид на јавноста колку заработила во приватниот сектор.

Од недвижен имот, лична сопственост на Сања Божиновска се шест станови од кои два во Скопје, два во Шпанија и по еден во Србија и Португалија.

Инфографика - Пријавен имот на министерката Сања Божиновска до ДКСК

Инфографика – Пријавен имот на министерката Сања Божиновска до ДКСК

Од недвижен имот пријавила и две земјоделски парцели во кумановското село Скачковце, како и помошни простории од 402 квадратни метри во скопски Центар кои во 2012 година ги купила за еден денар.

Божиновска поседува банкарски сметки – една дома и четири во странство. Македонската трансакциска сметка и служи за плата и заштеди, а странските имаат различни намени. Двете девизни сметки во Шпанија и Португалија ги користи за да наплаќа закупнина од становите што ги издава. За едната девизна сметка во Чешка во правниот основ за стекнување пишува „бонуси“, додека другата е трансакциска за исплата на плати. Во Чешка, Божиновска поседува и компанија „Sustainable Services с.р.о.“.

Министерката пријавила и еден автомобил во Чешка марка „Нисан инфинити 30“, купен во 2013 година. Во делот на подвижен имот кој не подлежи на регистрација во земјата, Божиновска навела сопственост на три автомобили во вкупна вредност од нецели три милиони денари или 47,967 евра.

Инаку во нејзината биографија е наведено дека од 2018 година работи како независен експерт за енергетика, но нема јавно никакви детали за нејзините активности, ниту пак Божиновска одговори на ова прашање на Слободна Европа.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Турскиот министер Бајрактар: Новиот член на турската енергетска флота ќе започне со работа во Црното Море во 2026 година

Следно

Руска хакерска група објави информации за повеќе од 3.200 странски платеници

Latest from Blog

„Храбар и решителен“, Зоран Заев се најде во мемоарите на Ангела Меркел

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ја претстави својата книга „Слобода: Мемоари 1954-2021“, дело кое повторно го привлече вниманието на светската јавност. Во книгата, Меркел пишува за својот приватен и професионален живот, ставајќи

Зоран Заев е единствениот политичар од Балкан што Меркел го споменува во нејзините мемоари

„На Западен Балкан, единствениот (жив) политичар кој Меркел го споменува во своите мемоари е Зоран Заев, кого таа го нарекува ‘храбар и решителен’, објави Михаел Мартенс, прославениот новинар на Франкфуртер Алгемајне Цајтунг

Николоски: Невозможно е да се комуницира со Бугарија за отворените прашања, техничката влада нема легитимитет да преговара

Македонија ги промовира своите позиции – уставни измени со одложено дејство пред земји кои се главни играчи на европската политичка сцена и тоа е многу важно за нас, истакна заменик претседателот на

Нетанјаху ќе го достави договорот за прекин на огнот со Либан на одобрување пред кабинетот за безбедност

ЕРУСАЛИМ (АА) – Израелскиот премиер Бенјамин Нетатајаху изјави дека до кабинетот ќе го претстави нацрт-договорот за прекин на огнот со Либан, известува Анадолу. Нетанјаху објави видео-порака во која истакна дека времетраењето на

Мицкоски ќе присуствува на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски утре ќе присуствува на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ Македонија во Општина Охрид. Третата фаза на инвестициски циклус на КОСТАЛ Македонија
Go toTop