Првите косовски граѓани тргнаа на патување во европските земји без виза

2 mins read

ПРИШТИНА (АА) – Граѓаните на Косово од денес ќе можат без визи да патуваат во европските земји од Шенген зоната, а Владата на Косово организираше тридневно патување во Виена за 50 граѓани од различни заедници, добитници на награда во рамките на квизот за Европската Унија, јавува Анадолу.

Групата граѓани од Меѓународниот аеродром „Адем Јашари“, недалеку од Приштина, ја испрати премиерот на Косово, Албин Курти и вицепремиерката, воедно и министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Гервала.

Две млади девојки, другарки, едната од Приштина, а другата од Грачаница, Лидија Фазлиу и Милица Маринковиќ, заедно патуваат за Виена. Милица освоила патување во квизот и ја поканила Лидија да ѝ се придружи.

„Тоа значи многу, сега можеме да патуваме без визи каде сакаме. Ова е мое прво патување, па се надевам дека ќе има уште“, рече Милица.

„Задоволство е што имаме можност да бидеме први што патуваме без визи. Се надевам дека ќе имаме повеќе можности да одиме во странство и да се враќаме во Косово“, истакна Лидија.

Адхурим Бајрами од Витина во изјава за Анадолу рече дека и претходно патувал во земјите од Шенген зоната, но со многу големи бирократски процедури за добивање виза. Тој оцени дека генерално оваа одлука е многу добра и дека е олеснување за сите граѓани кои сакаат да патуваат.

„За последната виза што ја вадев потрошив 320 евра, а сега со тие пари можам да платам билет или да покријам половина од патните трошоци“, рече Бајрами.

Премиерот Курти и министерката Гервала им честитаа и ги поздравија првите граѓани кои отпатуваа групно, без визи во главниот град на Австрија.

Курти рече дека на полноќ стапила на сила одлуката за либерализација на визите „со што е елиминирана долгогодишната неправда направена кон Косово“.

„Предолго чекавме, бевме лишени од многу можности, затоа овој ден е важен. Се отстранува голема неправда и се добива важно право, правото на безвизно патување во Шенген зоната. Истовремено, се зајакнува и пасошот на нашата Република, со кој нашите граѓани сега ќе можат без визи да патуваат во уште 32 земји. Зајакнувањето на нашите патни исправи, покрај секојдневните бенефиции, го зајакнува нашиот идентитет и достоинство како земја на меѓународната сцена“, нагласи Курти.

Вицепремиерката Гервала истакна дека сите знаат колку пари се потрошени на процедурите и колку се чекало пред амбасадите за да се добијат визи.

„Нема веќе непотребна бирократија. Ќе имате можност да ги посетите членовите на вашите семејства во земјите од Шенген зоната, да се опуштите, но не само приватни посети, туку и косовските компании ќе имаат можност да го прошират своето поле на работа, да донесат подобри и поодржливи инвестиции во Косово. Студентите и младите ќе имаат можност не само да истражуваат нови можности за нови студии и квалификации, туку и да уживаат во природата, уметноста, културата, спортот и друго“, нагласи Гервала.

За патување без визи потребни се биометриски пасоши, информации за целта на патувањето, доказ за престој, како што е резервација на хотел или детали за местото на престој, детали за патувањето, вклучително и резервација за повратен билет, доколку се патува со автомобил, потребна е документација за возилото и доказ дека патникот има доволно финансиски средства.

Косово долги години беше единствената земја од Западен Балкан што немаше визна либерализација.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Претходно

„И тоа се исполни“: Министерот Меџити се кладел дека првото дете родено во 2024 ќе биде машко

Следно

Традиционалниот Новогодишен концерт на Виенската филхармонија под диригентската палка на маестро Кристијан Тилеман во Златната сала на Музикферајн во Виена

Latest from Blog