Три години пред трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани, сопственикот на продавницата за продажба и сервис на опрема за изнајмување за настани, озвучување и сценски ефекти Горан Игновски му продал на Панчо од ДНК куферче за далечинска активација на прскалки и осум прскалки набавени нелегално од пазар од Бугарија.
Тој на денешното рочиште за пожарот во Кочани сведочеше дека само тогаш имал комуникација со бендот ДНК. Објасни дека 100 порскалки од фирмата „Тропик“ лично ги донел од соседна Бугарија и истите биле повеќе за демонстрација отколку за продажба бидејќи, како што кажа не се исплатело. Во однос на прскалките кои го предизвикаа пожарот во Пулс, тврдеше дека не биле тие што им ги продал на ДНК.
Горан Игновски, сведок
За прскалките кои тогаш ги донесов од Бугарија немам материјален доказ за продажбите бидејќи немав документ дека се внесени во државата. Панчо ми се јави дека ќе прати човек да земе ако имам прскалки. Му кажав дека имам осум за внатрешна употреба. Ми се јави Буцо на телефон, дојде ги зема и толку. Му објаснив како се користат. Со прскалките кои се користеле таа вечер кога изби пожарот немам врска.
Игновски рече и дека има сознанија дека пред трагедијата во Кочани на настап во Гевгелија на групата ДНК во дискотеката „ДеФакто“, од прскалки им се запалиле звучници. Тој тврди дека од она што го видел на видеата од вечерта во „Пулс“, дометот на прскалките што се користеле бил премногу висок.
Горан Игновски, сведок
– Да користеле од два метри или метар и половина немало да има проблем. Такви има само на Бит пазар. Тоа што јас сум донел се прскалки од два метри за внатрешна употреба
Освен Горан денеска беа сослушани и двајца сведоци кои на барање на обвинителството сведочеја за работењето на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ . Сметководителката на агенцијата Кристина Конеска и вработениот шофер во ДБК кој работел и втора смена како обезбедување во средни училишта Трајче Димишковски и еден сведок вработена во дирекцијата за заштита и спасување.
Кристина во својот исказ кажа дека цела комуникација и била со сопственикот на агенцијата Јане, додека со Александар Нацев имала само комуникација по мејл и тоа најмногу за изработка на фактури за фирми. Според неа, не постоело никаква фактура ниту материјален документ помеѓу Рубикон и Пулс.
Димишковски во својот исказ како вработен во „Рубикон“ објасни дека после 16 март добил полномошно од Александар Нацев за да потпишува плати за вработените со цел да нема никаков застој.
Следното рочиште е закажано за четврток.
Извор: zurnal.mk


