Повредени 25 припадници на КФОР во судирот со српските демонстранти во Звечан 

2 mins read

Командантот на мисијата на КФОР, генерал-мајор Анџело Микеле Ристуча рече дека неиспровоцираните напади врз единиците на НАТО се неприфатливи и дека КФОР ќе продолжи непристрасно да го исполнува својот мандат

Воената мисија на НАТО на Косово – КФОР вечерва соопшти дека 25 нејзини припадници се повредени во судирот со косовските Срби што денеска се случи пред општинската зграда во Звечан.  

Повредени мировници на КФОР во денешниот судир со српските демонстранти пред општинската зграда во Звечан на северот на Косово/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Единиците на КФОР беа распоредени во четирите општини на северот на Косово поради тензиите што избувнаа минатата недела откако новоизбраните градоначалници – етнички Албанци се обидоа да ги преземат функциите во општините во кои живее мнозинско српско население. 

„Неколку војници на италијанскиот и унгарскиот контингент на КФОР беа предмет на неиспровоцирани напади и се здобија со рани со скршеници и изгореници од експлозии на запаливи средства“,

соопшти КФОР. 

Повредените војници во моментов се наоѓаат под медицински надзор.  

Командантот на мисијата на КФОР, генерал-мајор Анџело Микеле Ристуча рече дека неиспровоцираните напади врз единиците на НАТО се неприфатливи и дека КФОР ќе продолжи непристрасно да го исполнува својот мандат. 

Припадниците на КФОР денеска попладне интервенираа пред општина Звечан, откако по повеќечасовни преговори и протести српските демонстранти одбија да пропуштат три блиндирани полициски возила по што дојде до конфликт во кој десетици лица од двете страни инволвирани во судирот беа повредени.   

Протести поради влегувањето на новите градоначалници денеска имаше и во општините Зубин Поток и Лепосавиќ, но разлика од Звечан, таму не дојде до инциденти. Граѓаните во овие две општини мирно се разотидоа, најавувајќи дека утре повторно ќе излезат на протести.  

Тензиите на северот на Косово добија на интензитет минатата недела откако градоначалниците кои беа избрани на изборите бојкотирани од Србите, влегоа во општинските згради за да ги преземат функциите, што доведе до судири на косовските безбедносни сили со српското население. 

За потсетување, локалните избори во четири општини на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан се одржаа на 23 април. Србите, кои се мнозинство, ги бојкотираа, па од над 45 000 граѓани со право на глас, излегоа само 1 567 гласачи или 3,47 отсто. Официјален Белград не ги признава резултатите од одржаните избори, за кои вели дека се антидемократски и нелегитимни. 

Со општините претходно управуваа градоначалници од Српска листа, најголемата партија на косовските Срби која ја има поддршката на официјален Белград.  

Но, тие во ноември минатата година поднесоа оставки во знак на незадоволство од одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на автомобилите со српски регистарски ознаки во таблички со ознака РКС (Република Косово). 

Меѓународната заедница ја осуди одлуката на Владата на Косово за преземање на функциите од страна на новите градоначалници и ги повика властите во Приштина на воздржаност. 

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Мицкоски: Од власта се поклонуваат пред канцеларии и кодошат по амбасади, јас и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ единствено се поклонуваме пред народот

Следно

Лилард: Мислев дека Ембид треба да биде МВП, но Џокер е неверојатен

Latest from Blog