Поранешниот тренер на Барселона, Кике Сетиен, призна дека периодот на „Камп Ноу“ бил еден од најтешките во неговата професионална кариера. Во интервју тој откри дека не успеал да го покаже вистинскиот карактер ниту да ги воспостави односите со фудбалерите што ги имал во другите клубови.
„Не бев свој во Барселона. Или не успеав, или не знаев како да го направам тоа. Кога ги гледам фотографиите од тој период, не се препознавам“, изјави Сетиен.
Тој потсети дека во Барселона пристигнал од Бетис, каде што, и покрај повиците за негова оставка, имал одлична атмосфера во соблекувалната.
Сетиен нагласи дека никогаш не зажалил што ја прифатил понудата од каталонскиот гигант, а откри и колку долго го следел Лионел Меси.
„Еднаш му кажав на Меси: 14 години од животот ги поминав чекајќи ги натпреварите на Барселона за да можам да те гледам како играш“, раскажа тој.
Шпанскиот стратег откри и дека непосредно пред понудата од Барселона бил блиску до договор со египетски клуб. Сепак, кога преговорите се одолжиле, добил неочекуван повик од каталонскиот клуб.
„Ми се јавија и ми рекоа: Подготви се и качи се во авионот, вечерва ќе потпишеш договор со Барселона“, откри Сетиен.
Извор: sportmanija.mk


