Политичарите најмногу користат Фејсбук, помалку Твитер и Инстаграм, а речиси сите се затворени за коментари, покажува анализата на ИДУЕП

4 mins read

Според анализата, од вкупно 120 пратеници 115 биле присутни на најмалку еден социјален медиум во 2022 година. Претседателот Стево Пендаровски во целост бил онлајн, додека Владата ја заврши минатата година со 20 од вкупно 21 министер кои биле онлајн на најмалку еден социјален медиум. Бројот на активни градоначалници на социјалните медиуми останува непроменет во однос на 2021 година и изнесува 80 од вкупно 81

Минатата година политичарите и јавните институции биле присутни на социјалните медиуми, но како да забораваат дека нивното активно присуство е важен сегмент од транспарентноста и отчетноста кои се нераскинлив дел од принципот на добро управување. Ова го покажува редовната годишна анализа на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).

Според анализата, од вкупно 120 пратеници 115 биле присутни на најмалку еден социјален медиум во 2022 година. Претседателот Стево Пендаровски во целост бил онлајн, додека Владата ја заврши минатата година со 20 од вкупно 21 министер кои биле онлајн на најмалку еден социјален медиум. Бројот на активни градоначалници на социјалните медиуми останува непроменет во однос на 2021 година и изнесува 80 од вкупно 81.

Во анализата се оценува дека изложувањето на властите и институциите на коментарите, критиките и мислењата на граѓаните преку ваквите дигитални алатки треба сериозно да се земе како уште еден фактор за тоа дали тие се вистински подготвени да се справат со корупцијата, клиентелизмот и одлучувањето само во тесни партиски кругови.

„Властите и политичарите и на централно и на локално ниво веќе втора година зборуваат колку многу се залагаат за дигиталната трансформација на општеството. Меѓутоа, во овој сегмент на можност за дигитална комуникација со граѓаните и медиумите и нудење на квалитетни и брзи онлајн услуги во голема мера потфрлија. Сведочиме на еднонасочна комуникација, пад на институциите како активни корисници на дигиталните алатки, а за квалитетот на содржините не може да стане збор бидејќи тие во огромен број се претворени во класични политички гласила каде речиси целиот фокус е ставен на политичарите и нивните агенди, наместо на потребите на граѓаните“,

вели Бојан Кордалов, комуниколог и автор на оваа Анализа изработена за потребите на ИДУЕП.

Пендаровски активен на сите мрежи, народните избраници главно на Фејсбук

За Претседателот на државата, анализата покажува дека и во 2022 година, како и претходните три, претседателот бил истовремено присутен со своја официјална веб-страница, како и редовни онлајн активности и активно присуство на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.

Вкупно 115 од 120 пратеници во Собранието биле активни на Фејсбук во 2022 година. На Твитер лани биле активни 18, а Инстаграм меѓу пратениците и пратеничките користеле вкупно 35.

Споредено со претходните години, се додава во анализата, Собранието бележи видлив напредок на својата нова веб-страница која нуди поедноставна прегледност и можност за одредена директна комуникација со пратениците и пратеничките. Но, останува неисполнета препораката дадена пред повеќе од пет години од страна на ИДУЕП, а се однесува на поставување на директни линкови до официјалните канали на социјалните медиуми до биографијата на секој пратеник и пратеничка.

Владата ја заврши 2022 година со пад во користењето на социјалните медиуми

Според истражувањето Владата ја завршила 2022 година со пад во користењето на социјалните медиуми при што 20 од вкупно 21 министри биле активни на Фејсбук во 2022 година. Твитер бил изборот на 12, додека Инстаграм на 17 министри. Вкупно 12 министри биле активни на сите наведени платформи, додека еден министер не користи ниту еден социјален медиум.

Анализата го опфаќа и онлајн присуството на министерствата и веб-платформата на Владата. Свои официјални веб-страница имале сите 17 институции, додека исто толку биле активни на Фејсбук. На Твитер свое присуство имале осум министерства, а Инстаграм бил изборот на само две, додека официјално јутјуб-канал користеле четири министерства.

„Само Владата и Министерството за политички систем се истовремено активно присутни со веб-платформа, како и со свои кориснички сметки на Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутјуб. Позитивна вест е што втора година по ред не постои министерство кое не нуди барем две опции да биде контактирано од граѓаните и медиумите преку дигиталните алатки“,

се посочува во анализата.

Комуникологот Кордалов истакнува дека ковид-пандемијата ја нагласила потребата од забрзано присуство на институциите на дигиталните канали, но според сите истражувања кај граѓаните и понатаму постои незадоволство од степенот на јавните услуги кои тие ги даваат.

„Потребно е да се прифати дека граѓаните се тие кои ги финансираат овие јавни услуги и тие имаат право да добијат брзи, ефикасни и навремени услуги како на централно, така и на локално ниво. Тоа вклучува и избор за секој човек, дали сака да ја изврши услугата онлајн, во хартиена форма, односно да оди на шалтер или тоа да го направи за неколку секунди преку официјална веб-страница или мобилна апликација за е-услуги“,

истакнува тој.

Кај единиците на локалната самоуправа има раст, но и пад во користењето на социјалните медиуми

„Од градоначалниците, минатата година, 80 биле активни на Фејсбук. На Твитер биле активни само шест градоначалници, додека, пак, на Инстаграм тој број изнесувал 40, односно половина. Само четворица градоначалници лани истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, а само еден градоначалник не е присутен на ниту еден од социјалните медиуми“,

се додава во анализата.

Според податоците на ИДУЕП во 2022 година сите 81 општина имале свои официјални веб-страници, а 60 биле присутни на Фејсбук. На Твитер свое присуство имале само 2, Инстаграм бил изборот на само 9 општини, додека Јутјуб низ годините користеле 39 општини. Само Град Скопје и Општина Карпош истовремено се присутни на Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутјуб. Лани, дури на 13 општини граѓаните не можеле да им пристапат преку која било од овие социјални медиуми, наведува анализата.

Во анализата на ИДУЕП се констатира дека огромен проблем претставуваат затворените кориснички сметки на јавните функционери. Тие упатуваат совет до функционерите или да ги отворат своите профили на социјалните медиуми или, пак, дополнително да отворат свои официјални страници и канали каде граѓаните и медиумите ќе можат да ги контактираат, да им ги испраќаат своите мислења, предлози и критики.

Според Корадлов, кој е и координатор на Програмата за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП, со недоволното искористување на дигиталните алатки, властите и институциите пропуштаат сериозна шанса да ја намалат општествената апатија кај младите бидејќи тие се и најголеми корисници на дигиталните алатки.

„Сериозен недостаток претставува што секаде примат се дава на личните дигитални платформи на јавните функционери, наместо еднакво и на јавните институции кои тие во моментот ги раководат. Со ваквиот пристап, за жал, се пропушта нова шанса да изградиме целосно професионална администрација, да обезбедиме континуитет во функционирањето на институциите, а наместо тоа и понатаму преовладува партизацијата и концентрација на моќта во една личност наместо кон системско јакнење на јавните институции“,

посочува Кордалов.

Основните препораки кои произлегуваат од анализата до институциите и јавните функционери се двонасочна комуникација, односно многу повеќе вклучување, слушање и одговарање на барањата од јавноста, а помалку ПР-памфлети и реклами на дигиталните алатки; градење на интерни професионални ПР-тимови кои ќе се фокусираат на прашањата и барањата од граѓаните и медиумите, наместо само кон имиџот и сликата за функционерите. Се препорачува и поставување на дигиталните канали како дел од задолжителните елементи за двонасочна комуникација го граѓаните и медиумите, бидејќи тие се должни да бидат присутни секаде каде што на јавноста ѝ е наједноставно и најдостапно да стапи во контакт со нив.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

ПОЧИНА ТРАЈКО ДИМИТРОВ, АРХИТЕКТОТ НА ПРИРОДОНАУЧНИОТ МУЗЕЈ, БАЗЕНОТ „МЛАДОСТ“, „ПАЛОМА БЈАНКА“

Следно

Момче украло возило на мензата на Клинички и направило сообраќајка

Latest from Blog