По средбите во Белград со специјалниот преставник за дијалог на Белград и Приштина, Мирослав Лајчак и со заменик-помошникот државен секретар и специјален пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, српскиот претседател Александар Вучиќ за денеска најави обраќање до јавноста.
Лајчак по средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ напиша на Твитер профил дека се завршени подготовките за средбата во Охрид, и како што наведе во твитот, на средбата ги слушнал коментарите на Вучиќ кон Анексот за имплементација и напредок за европскиот договор.
Лајчак во интервју за РТС изјави дека на Косово мора да се формира Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) и нагласи дека „ако ја нема Заедницата, нема ни договор“.
-Формирањето на Заедницата на српските општини „мора да се случи“ и беа предложени 15 постоечки европски модели, но како инспирација, а не како алтернативи, подвлече тој.
Лајчак рече и дека европскиот предлог за Косово е прифатен во целина, но потребен е договор за целосна имплементација. Ако Приштина би рекла дека не ја сака ЗСО, а Србија да не сака прием на Косово во ОН, тогаш „немаше да имаме договор“.
Тој рече дека – ако се погледне предлогот на ЕУ, за кој премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ се договорија на средбата во Брисел на 27 февруари – тој зборува за нормализација, а не за капитулација.
Средбата во Охрид во Северна Македонија на 18 март, истакна Лајчак, има за цел да се постигне договор за исполнување на договорот што има таква поддршка од Брисел што, како што нагласи, не се памети во минатото.
-Отворен и фер разговор со американскиот претставник. Верувам во натамошно подобрување на односите меѓу Србија и САД, напиша Вучиќ на Инстаграм по средбата во Белград со Ескобар, заменик помошник државен секретар на САД.
Од кабинетот на Вучиќ по средбата соопштија дека разговарале за процесот на нормализирање на односите со Приштина, формирањето на ЗСО и можностите за изнаоѓање компромисни и одржливи решенија во дијалогот со посредство на ЕУ.
Вучиќ според соопштенеито, ја „повторил непроменетата позиција“ на Србија во однос на зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот и решавањето на отворените прашања меѓу Белград и Приштина, со акцент на целосно спроведување на досега потпишаните договори и зачувување на државните и националните интереси.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, нешто повеќе кажа во синоќешното интервју за Еуроњуз на англиски јазик, во кое изјави дека мора да се спроведе сето она што е потпишано во дијалогот меѓу Белград и Приштина и што е потпишано од претставниците на ЕУ. Тој рече дека кога станува збор за ЗСО, под покровителство на ЕУ, да се потпишани четири договори – план за имплементација, принципи, управување и Првиот договор.
На прашањето дали се подготвува за нова рунда разговори со претставниците на Косово и кои се „црвените линии“, претседателот на Србија рече дека не често зборува за црвените линии, бидејќи ако многу се зборува за тоа, тогаш нема вистински преговори и „другата страна ќе инсистира само на тие црвени линии“.
Поважно е, додаде Вучиќ, да се разговара соодветно, а тоа „значи да се прават обиди да се најдат компромисни решенија“.
На прашањето дали Србија е подготвена да направи некои отстапки на косовската страна кога станува збор за членството во Советот на Европа или барем да се започне таа процедура, Вучиќ рече дека тие „веќе ја започнале таа процедура во Советот на Европа, без да ја прашаат Србија и дека Србија не им треба за тоа“. Сепак, тој подвлече дека има регулативи и план предложен од Германците и Французите во однос на меѓународните организации:
-Тие го добија мојот одговор на тоа, директно им кажав на (Емануел) Маркон и (Олаф) Шолц што мислам за приемот на Косово во Обединетите нации и некои други работи. Но, ние сме подготвени да разговараме за други прашања, секогаш сме подготвени да разговараме. Исто така, треба да разговараме за некои закони кои мора да се усвојат, а за тоа ќе разговарам во Охрид со моите соговорници и со некои други луѓе. Но, ние сме подготвени да разговараме за многу прашања и тие ги знаат моите црвени линии, рече Вучиќ и повтори дека не сака јавно да зборува за тоа бидејќи сака да остави доста простор за можни компромисни решенија.
Одговарајќи на прашањето дали тоа значи дека постои отвореност, односно дека не е затворена вратата за можноста Србија да каже „да“ за членството на Косово, тој рече: „Во некои организации да. Не зборувам за Советот на Европа, тоа веќе го почнаа без нас“.
ИЗВОР: kurir.mk