Прашањето за постизборните префренции на Мицкоски, кој вечерва гостуваше во дневникот на ТВ Сител, му беше поставено во контекст на уставните измени и на контроверзиите за време на неодамнешната посета на косовскиот премиер Албин Курти на Скопје и на Тетово. Тој прво лаконски одговори дека ВМРО-ДПМНЕ е во коалиција со народот за потоа да додаде дека коалицискиот потенцијал ќе го одредат бројките во освоени гласови и пратеници по изборите
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во октомври минатата година, во гостување во емисијата „360 степени“, беше со поконкретен став. Тогаш рече дека при евентуално идно формирање влада како потенцијален коалициски парнер ја преферира албанската опозиција, но дека е важно и да се има двојно мнозинство во Собранието
Со кого од албанскиот политички блок би коалицирала ВМРО-ДПМНЕ доколку победи на претстојните парламентарни избори, било тие да се предвремени или редовни? Дали тоа би бил опозицискиот фрон на Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши или, можеби, на „Илиндеска“ број 2 ќе седне со ДУИ?
Ова беше едно од прашањата на кои лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски не даде прецизен одговор во своето вечерашно гостување во „Тема на денот“ во дневникот на ТВ Сител.
Воведувајќи го во темата за постизборните коалиции, домаќинот на разговорт го потсети Мицкоски дека Изет Меџити, лидерот на новоформираното Демократско движење пред пет дена во истото студио изјави дека коалиција е можна само со оние партии што ќе ги поддржат уставните измени. Дополнително, тој заедно со Касами и Гаши беше дел од политичарите кои пред една недела го пречекаа косовскиот премиер Албин Курти во Скопје и Тетово, посета која предизвика многу контраверзии поради веењето на знаме на „Голема Албанија“, а не беа испочитувани државната химна и знаме.
Прашан дали ќе коалицира со овие луѓе, а во конктекст на последните случувања, Мицкоски прво лаконски одговори дека ВМРО-ДПМНЕ е во коалиција со народот за потоа да се надоврзе дека коалицискиот потенцијал ќе го одредат бројките во освоени гласови и пратеници по изборите.
„Нашата коалиција е со народот и тоа е многу важно. Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ги заврши изборите, врз основа на бројката којашто ќе ја добие и бројот на пратенции коишто ќе ги освои, тогаш веќе можеме да зборуваме за коалициски потенцијал. Секоја дилема којашто однапред ја поставуваме, без притоа да имаме јасни меѓници, ние не можеме да бидеме сигурни што ќе се случува. Затоа што, ако ние сега однапред нешто претпоставуваме – овој ќе колацирал со тој, оној ќе коалицирал со оној – верувајте тоа така не оди. Па, ние сме коалицирале со многу. Многумина, ако веќе зборуваме за албанските политичари и функционери, сме ги направиле градоначалници, министри итн. Па, потоа тие отишле во прегратките на СДСМ, па некој од таму дошле кај нас, значи тоа е еден процес којшто е цикличен. Нашата цел, како ВМРО-ДПМНЕ, е коалицијата со народот, после тоа ќе седнеме и ќе разговараме и со едни и со други и со трети“,
рече Мицкоски.
Прашан дали изјавата на првиот вицепремиер Артан Груби, а во контекст на истите настани со посетата на Курти, дека треба да се почитуваат државните симболи, можеби влијаат на промена на ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на коалиција со ДУИ, Мицкоски беше поконкретен и рече дека воопшто не сака да го коментира господинот кој се споменува.
„Не би сакал да го коментирам господинот кој го споменавте бидејќи јавноста доволно се изнаслушала и за него, поврзано со разни контраверзии, но и од него многу националистички пораки во минатото коишто биле прилично радикални. Ќе ве потсетам дека недалеку од овде, на една висорамнина, тој ја започна својата политичка кариера со тоа што имаше јасна порака, а пораката знаете која беше, исклучително националистичка, сега да не го губиме времето… Сега тој може да се преправа и да кажува вака така, но суштината е сосема различна“,
вели Мицкоски.
Инаку, настанот на кој алудира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е инцидентот на скопското Кале во 2011 година кога невладини организации, од кои едната со име „Разбуди се“, а на чие чело беше Груби, кои протестираа против изградба на црква на Калето, се судрија со навивачката група „Комити“. Во инцидентот имаше повеќе повредени лица.
Во врска со постизборните коалиции, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во октомври минатата година, во гостување во емисијата „360 степени“, беше со поконкретен став. Тогаш рече дека при евентуално идно формирање влада како потенцијален коалициски парнер ја преферира албанската опозиција, но дека е важно и да се има двојно мнозинство во Собранието.
„Јас ја преферирам албанската опозиција, но честопати го говорам тоа и ќе го повторам во вашата емисија дека, сепак, има едно правило над сите правила и желби, а тоа е правилото на Бадентер кое, доколку сакаме да имаме успешно спроведени реформи, мораме да го почитуваме“,
рече тогаш Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, беше прашан дали би коалицирал со ДУИ, партија за која во периодот на прифаќање на т.н. француски предлог рече дека „влезе во пакт со Бугарија и го предаде македонскиот народ“, Мицкоски тогаш одговори:
„Јас стојам на ставот дека тоа беше историска грешка на Али Ахмети и неговите соработници и без разлика дали утре би соработувале, би седнал и би поставил сериозни критериуми како таа влада би функционирала. Во животот не значи дека ако некој погрешил, вие треба да го отпишете. Христијански е да се седне, да се прости, да се разговара, да се укори, да се вкрстат аргументите и од човекот што погрешил, впрочем, сите сме грешни луѓе, да направиме човек кој ќе биде на вистинската страна на историјата“.
За утрешната седница во Собранието Мицкоски во вечерашното гостување на ТВ Сител рече дека нема да ги има препознатливите транспаренти и маици кои пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги носеа кога во законодавниот дом лани беше прифатен францускиот предлог, туку дека само еден од пратениците (од коалицијата) ќе се обрати, по што ќе биде јасно дека уставни измени нема да има.
ИЗВОР: 360stepeni.mk