Писмо до децата од Газа

3 mins read

Драго дете. Мина полноќ. Летам стотици километри на час во темнината, илјадници метри над Атлантскиот Океан. Патувам во Египет. Ќе одам до границата на Газа кај Рафа. Одам поради тебе.

Никогаш не си бил во авион. Никогаш ја немаш напуштено Газа. Ги знаеш само преполните улици и сокаци. Бетонските бариери. Ги знаеш само безбедносните рампи и огради чувани од војници кои ја опкружуваат Газа. Авионите, за тебе, се застрашувачки. Борбени авиони. Офанзивни хеликоптери. Дронови. Кружат над тебе. Фрлаат проектили и бомби. Заглушувачки експлозии. Земјата се тресе. Зградите се рушат. Мртвите. Врисоците. Придушените повици за помош од под урнатините. Не запира тоа. Ден и ноќ. Заробени под купиштата искршен бетон. Твоите другарчиња од фудбал. Школските другари. Комшиите. Исчезнати за секунда.

Јас сум репортер. Моја работа е да го видам тоа. Ти си дете. Никогаш не треба да го видиш ова.

Смрдеата на смртта. Гнилите трупови под искршениот бетон. Го задржуваш здивот. Ја покриваш устата со крпа. Одиш побрзо. Твоето маало станало гробишта. Сè што ти беше познато исчезна. Гледаш зачудено. Се прашуваш каде си. Се плашиш. Експлозија по експлозија. Плачеш. Се држиш за мајка ти или татко ти. Ги покриваш ушите. Ја гледате белата светлина на проектилот и ја чекате експлозијата.

Зошто убиваат деца? Што направија? Зошто никој не може да ве заштити? Дали ќе бидете ранети? Дали ќе изгубиш нога или рака? Ќе ослепиш или завршиш во инвалидска количка? Зошто си роден? Дали беше за нешто добро? Или беше за ова? Дали ќе пораснеш? Дали ќе бидеш среќен? Како ќе биде без твоите пријатели? Кој следен ќе умре? Мајка ти? Татко ти? Твоите браќа и сестри?

Некој што го познаваш ќе биде повреден. Наскоро. Некој ќе умре. Наскоро.

Ноќе лежите во темница на ладниот цемент. Телефоните се исклучени, интернет нема. Не знаете што се случува. Има блесоци на светлина. Бранови експлозии и потреси. Врисоци. Не запираат.

Кога татко ти или мајка ти тргнале по храна или вода, ти чекаш. Она страшно чувство во стомакот. Дали ќе се вратат? Ќе ги видиш ли повторно? Дали вашиот мал дом ќе биде следен? Ќе те најдат ли бомбите? Дали се ова твоите последни моменти на земјата? Пиеш солена, нечиста вода. Те разболува. Те боли стомакот. Гладен си. Фурните се уништени. Нема леб. Јадете еден оброк дневно. Тестенини. Краставица. Наскоро ова ќе изгледа како гозба. Не играш со твојата фудбалска топка направена од партали. Не го леташ змејот направен од стари весници.

Сте виделе странски новинари. Носиме јакни на кои пишува PRESS. Имаме шлемови. Имаме камери. Возиме џипови. Се појавуваме после бомбардирањето или пукањето. Долго седиме на кафе и разговараме со возрасните. Потоа исчезнуваме. Обично не интервјуираме деца. Но, имам правено интервјуа кога групи деца се гужваа околу нас. Смеење. Барања да ве фотографираме.

Ме имаат бомбардирано авиони во Газа. Сум бил бомбардиран и во други војни, војни што се случија пред да се родиш. Многу, многу страшно. Сè уште имам кошмари од тоа. Кога ги гледам сликите од Газа, овие војни ми се враќаат како молња. Мислам на тебе.

Сите ние кои сме биле во војна мразиме војна најмногу од сè поради тоа што им прави на децата.

Се обидов да ја раскажам твојата приказна. Се обидов да му кажам на светот дека кога си суров кон луѓето, недела по недела, месец по месец, година по година, деценија по деценија, кога на луѓето им ја негираш слободата и достоинството, кога ги понижуваш и заробуваш во затвор на отворено, кога ќе ги убиваш како да се ѕверови, тие стануваат многу гневни. Им го прават на другите она што ним им било правено. Сум го зборувал тоа одново и одново. Седум години. Малкумина слушаа. И еве сега ова.

Има многу храбри палестински новинари. Триесет и девет од нив се убиени од почетокот на ова бомбардирање. Херои. Такви се и лекарите и медицинските сестри во вашите болници. Такви се и работниците на ООН. Осумдесет и девет од нив настрадаа. Такви се и возачите на Брзата помош и медицинските лица. И спасувачките екипи кои со раце ги креваа бетонските плочи. Такви се и мајките и татковците кои ве штитат од бомбите.

Но, ние не сме таму. Не овој пат. Не можеме да влеземе. Заклучени сме надвор. Репортери од целиот свет одат на граничниот премин Рафа. Одиме затоа што не можеме да го гледаме овој колеж и да не правиме ништо. Одиме затоа што стотици луѓе умираат дневно, меѓу кои и 160 деца. Дневно. Одиме затоа што овој геноцид мора да престане. Одиме затоа што имаме деца. Како тебе. Скапоцени. Невини. Сакани. Одиме затоа што сакаме да живееш.

Се надевам дека еден ден ќе се сретнеме. Ќе бидеш возрасен. Ќе бидам старец, иако за тебе сум веќе многу стар. Кога те сонувам, ти си  слободен и безбеден и среќен. Никој не пробува да те убие. Леташ во авиони полни со луѓе, а не со бомби. Не си заробен во концентрационен логор. Ќе го видиш светот. Ќе пораснеш и ќе имаш деца. Ќе остариш. Ќе се сеќаваш на ова страдање, но ќе знаеш дека поуката од тоа е да им се помага на другите кои страдаат.

Тоа е мојата надеж. Мојата молитва. Те изневеривме. Носиме ужасна вина. Се обидовме, но, не се трудевме доволно. Ќе одиме во Рафа. Многумина од нас. Репортери. Ќе застанеме надвор од границата со Газа во знак на протест. Ќе пишуваме и ќе снимаме. Тоа е она што го правиме. Не е многу. Но, и тоа е нешто. Повторно ќе ја раскажеме твојата приказна.

Можеби тоа ќе биде доволно да стекнеме право да ти побараме прошка.

Крис Хеџис

ИЗВОР: off.net.mk

Претходно

Три децении македонската култура е активен партнер на УНЕСКО

Следно

Повторно тензии на седницата на Парламентот на Албанија

Latest from Blog