Пендаровски: Неодамнешното двојно убиство ни покажа дека радикалните структури и говорот на омраза можат да резултираат со трагични последици

December 11, 2023
2 mins read

Затоа сметам дека првенствена задача на сите демократски политички структури е јакнење на отпорноста на институциите и континуирана борба против екстремистите, без дневнополитички калкулации, порача Пендаровски на конференцијата по повод Меѓународниот ден на човековите права

Неодамнешното двојно грозоморно убиство на површина го извлече фактот дека дел од радикалните структури, не само што се активни кај нас туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици. Времето на растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава и, за жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок.

Ова, како што информираат од кабинетот на шефот на државата, го истакнал претседателот Стево Пендаровски во синоќешното обраќање на конференцијата по повод Меѓународниот ден на човековите права, 10 Декември, во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Затоа сметам дека првенствена задача на сите демократски политички структури е јакнење на отпорноста на институциите и континуирана борба против екстремистите, без дневно политички калкулации“,

нагласил Пендаровски.

Тој ја посочил важноста на одбележувањето на 75-годишнината од донесувањето на Универзалната декларација за човекови права од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, токму на овој ден во далечната 1948 година, кој од тогаш се одбележува како меѓународен Ден на човековите права.

„Седум и пол децении подоцна имаме право да бидеме горди на промените кои во светски рамки се случија во однос на заштитата и промоцијата на човековите права и слободи во однос на стартната основа од која тргнавме. Треба да имаме предвид дека почетокот на борбата за човековите права беше само неколку години по ужасните страдања во Втората Светска Војна за кои одговорноста ја имаа тоталитарните и репресивни режими како што беа нацизмот и фашизмот“,

истакнал претседателот на конференцијата.

Тој навел дека епохата на глобалното демократско назадување низ која проаѓаме како своја прва жртва ги има човековите права и слободи како на национално, така и на меѓународно ниво.

„И покрај тоа што на регионално и глобално ниво постојат повеќе меѓународни организации чија што примарна надлежност е, меѓу другото, заштитата на човековите права, како што се Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ, но и судски институции како Меѓународниот кривичен трибунал со надлежност да ги гони најтешките прекршувања на човековите права, се чини дека времето на глобалниот консензус за човековите права е зад нас, а надоаѓа една нова ера на војни, репресија и авторитарни режими“,

нагласил Пендаровски.

Според него, напредокот и благосостојбата на нациите и меѓународниот мир се можни само ако нациите ги почитуваат индивидуалните и колективните човекови права и никако поинаку.

„Нашата држава преку сопственото искуство постави значајни стандарди за почитувањето на човековите права во нашиот регион и пошироко. Иако и нашето општество не беше имуно на национализмите на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, сепак, Македонија уште од почетокот на својата независност одлучи дека ќе гради општество на еднакви и слободни граѓани со почитување на индивидуалните и колективните човекови права и слободи“,

рекол шефот на државата.

Пендаровски оценил дека Охридскиот рамковен договор од 2001 година постави стандарди за заштита на колективните права на заедниците кои и по повеќе од две децении сè уште се сметаат за исклучителен пример за градење на мултикултурна демократија не само во регионот, туку и во Европа.

„И тогаш и сега сум убеден дека тој нов општествен договор ни овозможи да ја зачуваме државата и мирот и да градиме заедничка иднина. Сепак, времето на растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава. За жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок. Добар дел од овие напади се резултат на пропагандни кампањи од странски центри или на нивна директна инфилтрација и поддршка на радикални политички организации“,

истакнал претседателот во своето обраќање.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Борис ќе прави камбек како премиер?

Следно

Украина: Најмалку четири лица се повредени во руски напад врз Киев

Latest from Blog

Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, на планините и на повисоките места од снег

Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, на планините и на повисоките места од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Во текот на ноќта врнежите ќе бидат

САД: Странските терористи во Сирија мора да ја напуштат земјата

ВАШИНГТОН (АА) – Вршителот на должноста државен потсекретар за политички прашања, Џон Бас, кој имаше средби во Анкара, рече дека ги разбираат безбедносните грижи на Туркије и дека странските терористи во Сирија

Не помина ни интерпелацијата за Исени

Вечерва во Собранието се гласаше за интерпелацијата на заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени. Истата не е помина бидејќи 4 пратеници гласаа за, додека пак 62 гласаа против. Интерпелацијата ја поднесе
Go toTop