Колку што трае проблемот со затворените хируршки сали на Клиничкиот центар во Скопје, толку трае и голготата на 75-годишниот скопјанец Р.М кој отишол на лекар поради гангрена на ногата. Откако се „прошетал“ низ шест клиники и на крај му понудиле термин за снимање после еден месец, неговото семејство побарало помош во приватна клиника.
Прегледите, снимањата и операцијата ги чинеле околу 7.000 евра.
„Никој не те прашува дали имаш да платиш или немаш. Со тоа што се оперира побрзо го изгуби само прстот. Инаку ќе останеше најмалку без стопалото“, вели член на неговото семејство за РСЕ.
Патешествието на Р.М. почнало неколку дена пред 18 мај, кога официјално беа затворени хируршките сали поради непријатна миризба.
Оттогаш, дел од салите работат со надворешни компресори и се оперираат само итни пациенти. Дел се препраќаат во двете други болници во Скопје, ГОБ „8 септември“ и „Св.Наум Охридски“.
Сите останати операции се одложени на неодредено време.
„Прво бевме на ургентно во Клинички центар. Не го ни прегледаа, имаше пациенти од сообраќајни несреќи и други итни случаи. Не препратија во ГОБ„8 септември“, од таму на пластична хирургија, па на торакална хирургија. Тука му направија преврска. Следна беше васкуларна хирургија, каде ни рекоа дека ќе го повикаат кога ќе се отворат салите и кога ќе има место. Кој со болки, може да чека да им проработат салите и кога тоа ќе биде?“, прашуваат од семејството на скопјанецот.
Повик за операција чека и мајката на скопјанката Јасмина Богдановска. Таа отишла на однапред закажан термин за катаракта на око, но ѝ кажале дека сега не се прават операции.
„Мајка ми е пензионер, не располага со некој голем буџет, па ќе чека. Не е некоја итна операција, но е неизбежна за да ѝ се подобри видот. Се надевам дека за брзо време ќе ни се јават“, вели Богдановска.
Причина за хаваријата во хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се проблеми во инсталацијата за кислород и во компресорската станица.
Закажаните операции ќе се одложат најмалку за три месеци
Александар Каревски, ортопедски хирург во ГОБ „8 септември“, вели дека кај нив двојно е зголеменот напливот на пациенти од други болници.
„Работиме со целиот наш капацитет за итни случаи. Скршеница мора итно да се оперира, амдомен мора итно да се оперира… Лекари имаме, но немаме медицински сестри, инструментарки, бројот на кревети е ограничен. Ние можеме да работиме, работевме и кога беше случајот „Ласкарци“, и во Ковид-пандемијата, но колку пациентите можат да издржат? Ситуацијата станува критична за пациентите“, вели Каревски за РСЕ.
Тој проценува дека операциите што претходно биле закажани, ќе се одложат за најмалку три месеци.
„Како би реагирал кој било нормален човек, што секој ден живее со болки, чекал со месеци и кога му дошол терминот за операција, се случува ова? Луѓето мислат дека ние не сакаме да ги оперираме. Им велиме ако не им се чека, да си го бараат чарето. Голем број од пациентите кои беа закажани земаат кредити и одат да се оперираат во приватни клиники“, вели Каревски.
Тој апелира проблемот итно да се реши, а како привремено решение предлага употреба на боци на кои анестезиолошките машини се прилагодени да работат.
Откако почна препраќањето пациенти, Љубен Арсенков, директор на болницата „Св.Наум Охридски“), во изјава за РСЕ рече дека се организирале како за вонредна ситуација.
И во оваа болница од корист би биле дополнителен број сестри, болничари и техничари. Но, таков кадар од Клинички центар досега не е пратен ниту во ГОБ„8 септември“, ниту во „Св.Наум Охридски“.
Надворешни компресори додека се чекаат резултати од Германија
Ортопедите и траумотолозите од клиниката ТОАРИЛУЦ(трауматологија, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар) почнале да оперираат во четири од шест хируршки сали, вели Александар Трајановски, директор на ТОАРИЛУЦ.
„Работиме со надворешни компресори. Правиме по 15-16 операции дневно. Покрај итните, ги вративме и елективните(закажани) пациенти, за да не чекаат“, вели Трајановски за РСЕ.
Заменик министерката за здравство Маја Манолева донесе наредба Универзитетските клиники кои се сместени во зградата на хируршки клиники во Клиничкиот центар операционите сали да почнат со работа со надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух.
Министерството за здравство им укажа и на клиниките да набават надворешни компресори.
Во наредбата до клиниките за урологија, за ТОАРИЛУЦ, за неврохирургија, за дигестивна хирургија, за пластична и реконструктивна хирургија, за торако-васкуларна хирургија, за детска хирургија реализирањето на оперативниот програм да се организира по принцип работа во две смени (прва и втора), а оперативниот план и редослед на пациентите да се реализира согласно распоред утврден од стручниот колегиум на секоја клиника.
Владата на седница на 6 јуни донесе одлука опремата на централната компресорска станица да се замени со нова.
Министерот за здравство, Илир Демири на прес-конференција на 27 мај кажа дека ќе се чекаат резултати од испитувања во лабораторија во Германија, која треба да утврди што го предизвикува непријатниот мирис во хируршките сали.
Случајот е пријавен и во Јавното обвинителство.
Кога ќе стигнат резултатите од Германија и дали Јавното обвинителство ќе отвори предмет – засега нема информација.
Извор: Радио Слободна Европа