ИСТАНБУЛ (АА) – Откако Туркије ја прекина трговијата со Израел поради бруталните напади на таа земја врз Газа, нејзиниот извоз во Палестина се зголеми, изјави Мухамед Ал-Амур, палестински министер за национална економија, јавува Анадолу.
„Откако Туркије го прекина извозот во Израел, оваа трговија е ограничена само на Палестина, така што има зголемување на турскиот извоз во Палестина“, изјави Амур за Анадолу.
Министерот Амур присуствуваше на 40. министерска сесија на Постојаниот комитет за економска и трговска соработка (COMCEC) на Организацијата за исламска соработка (ОИС) во Истанбул.
Изразувајќи благодарност за поддршката од турскиот народ, претседателот Реџеп Таип Ердоган и турската Влада, тој се заблагодари за долгогодишната солидарност со палестинскиот народ, особено во оваа критична фаза додека Палестинците се соочуваат со брутална војна во Појасот Газа и на Западниот Брег.
„Нивниот братски став и поддршка (Туркије) позитивно влијаеја врз духот на палестинскиот народ во сите региони, а нивната континуирана поддршка имаше голем ефект во олеснувањето на оваа војна против нашиот народ“, додаде тој.
Истакна дека ги цени напорите на Туркије да изврши меѓународен притисок врз Израел да ја запре суровата војна.
– „Палестина е изземена од трговска забрана на наше барање“ –
Министерот истакна дека по почетокот на војната во Газа турската Влада со одлука на претседателот Ердоган на 2 мај ги прекинала трговските односи со израелската Влада, со цел да ја одврати израелската Влада и да изврши притисок врз неа да ја прекине војната.
„Ја разгледавме ситуацијата во однос на механизмите за да се осигуриме дека палестинскиот пазар нема да биде лишен од турски производи. Како резултат на студиите за ова прашање, се договоривме за специфичен механизам за регулирање на трговските односи и побаравме од турската Влада да ги изземе палестинските територии од одлуката на Туркије да ја забрани трговијата со Израелците. Се договоривме за механизам за контрола на овој процес и гарантирање дека турските стоки, кои не се опфатени со турската забрана за извоз на палестинскиот пазар, подлежат на специфична регулатива во палестинскиот закон и во рамките на механизмите одобрени од палестинското Министерство за национална економија.”
Тој посочи дека во тек е подетална работа за да се обезбеди стоката што се извезува од Туркије да стигне само на палестинскиот пазар и дека страните се договориле за овие механизми на средбата со турскиот министер за трговија Омер Болат на 8 јуни.
– „Потребни ни се основните производи на Туркије за опстанок на нашиот народ“ –
Амур рече дека им е потребна и поддршка од Арапите и муслиманите за да обезбедат елементи што ќе овозможат опстанок на економијата на земјата во сенката на војната на која е изложена Палестина, истакнувајќи: „Ние тргуваме со Туркије долго време и потребни ни се основните турски производи за опстанок на нашиот народ.“
Тој му се заблагодари на министерот за трговија Омер Болат за континуираната поддршка за извозот во Палестина преку спроведување на упатствата на Министерството.
Тој рече дека на денешната средба е донесена одлука за зголемување на трговската размена и извозните квоти меѓу двете земји, додавајќи дека извозот на палестински урми во Туркије ги поддржува палестинските производители.
– „Производите што претходно се купуваа преку Израел сега се увезуваат директно“ –
Министерот рече дека пред војната и пред одлуката на Туркије за извозот, трговијата меѓу Палестина и Туркије се одвивала преку Израел.
„Сепак, откако Туркије го забрани извозот во Израел, оваа трговија беше ограничена на Палестина, а тоа доведе до зголемување на турскиот извоз во Палестина. Дел од нашиот увоз од Туркије се правеше преку израелскиот пазар и преку израелските трговци. Откако тоа беше забрането, сите трансакции на палестинскиот пазар почнаа да се вршат преку палестински трговци и така бројките се зголемија. Затоа има забележително зголемување на трговските односи меѓу Туркије и Палестина.“
Ал-Амур истакна дека денес имале можност да разговараат за сите детали со министерот за трговија Омер Болат и рече дека ги потврдиле воведените нови механизми, така што турските производи ќе стигнат само до палестинските потрошувачи на палестинскиот пазар.
– „Овие производи стигнуваат до палестинскиот пазар под строги процедури“ –
Ал-Амур рече дека турските стоки сега се контролираат со механизам воведен со консензус и договор меѓу палестинското Министерство за национална економија и турското Министерство за трговија, за што рече: „Овие производи стигнуваат до палестинскиот пазар во рамките на строгите процедури.”
Истакнувајќи дека во трговската традиција постои извозна шифра, тој рече: „Пред одлуката на Туркије да го забрани извозот во Израел, имаше шифри 624 за Израел и 625 за Палестинците. По преземените мерки од Туркије, израелскиот код беше стопиран и целиот турски извоз во Палестина се одвиваше само преку палестинскиот код и со овој механизам го ставивме прашањето под контрола. Во Министерството за економија имаме и внатрешни процедури во однос на палестинските увозници. Примарна и крајна цел на овие постапки е да се обезбеди стоката што доаѓа од Туркије преку палестински трговци да стигне до палестински територии. Тоа е целта на оваа постапка“, објасни Амур.
– „Неоснованите обвинувања служат само за израелската Влада“ –
Министерот рече дека сакаат да ги зголемат економските односи меѓу Туркије и Палестина на повисоко ниво.
„Доколку Алах дозволи, оваа неправедна војна против нашиот народ ќе заврши и ќе се создаде позитивна средина за интензивирање и продлабочување на овој однос со Туркије. Во моментов сме во процес на формирање на индустриската зона Џенин, заедничка индустриска зона меѓу Туркије и Палестина. Основањето на оваа индустриска зона беше прекинато во минатото, но поставивме нови основи за да ја доведеме во фаза на завршување колку што е можно поскоро и заедно да видиме заедничка палестинско-турска индустрија“, рече тој.
Тој истакна дека хоризонтот за меѓусебната економска соработка меѓу Туркије и Палестина ќе расте уште повеќе во наредниот период.
„Има големи можности за инвестирање во Палестина и очекуваме турските инвеститори да инвестираат. Кога ќе заврши оваа неправедна војна и кога ќе се погледнат политичките хоризонти, доколку сака Алах, ќе има голема соработка меѓу турските и палестинските бизнисмени под покровителство на владите на двете земји“, рече Амур.
Тој, исто така, додаде дека се упатени некои неосновани обвинувања против турската Влада и заклучи со зборовите: „Тие ѝ служат само на израелската Влада и ја поддржуваат војната на Израел против нашиот народ.“
Извор: Anadolu Agency (AA)