Ова е терористички акт: Вучиќ најави целосно разоружување на Србија

2 mins read

Говорејќи на денешната прес-конференција, српскиот претседател рече дека утринава ѝ предложил на премиерката Ана Брнабиќ да биде вратена смртната казна, но, како што рече, предлогот бил одбиен бидејќи Србија во тој случај би била единствена земја покрај Белорусија која ќе има смртна казна

Терористички акт – вака српскиот претседател Александар Вучиќ на денешната прес-конференција го оцени синоќешниот масакр кај Младеновац во кој загинаа осум лица, а 14 се повредени.

„Вечерашниот напад беше терористички напад, акт во кој нашите специјални антитерористички единици имаа задача да го уапсат или неутрализираат терористот“,

рече Вучиќ и додаде дека напаѓачот по апсењето, метафорично кажано, повеќе нема да го види светлото на денот.

По нападот врз нашите деца и врз секој што се нашол таму, рече Вучиќ, ова е напад врз целата држава.

По двете масовни убиства што се случија за помалку од 48 часа, Вучиќ најави дека ќе се воведат мерки за поголема безбедност во училиштата, но и дека ќе се изврши целосно разоружување на Србија.

Секое училиште во Србија ќе има училиштен полицаец

Ако во Белград има 331 училиште, ќе имаме исто толку полицајци, рече српскиот претседател и додаде дека согласно една од мерките во наредниот период во секое училиште ширум Србија ќе има по еден полицаец.

Со тоа, рече Вучиќ, не само што ќе се постигне безбедност, туку и ќе се намали врсничкото насилство во училиштата за 80 отсто, што, како што вели тој, е голема работа.

„Во наредниот период ќе примиме 1 200 нови полицајци и ќе испратиме 1 000 полицајци во училиштата додека за една година не дојдеме до ситуација – еден полицаец да биде секогаш присутен во училиштето. Со тоа безбедноста ќе се зголеми за 99 отсто, а за 80 отсто ќе се намали насилството од врсниците“,

рече српскиот претседател.

Фото: Танјуг

Се заоструваат условите за носење мало огнено оружје

Владата на Србија донесе и мерка со која на српското Министерство за внатрешни работи (МВР) му се наложува да подготви измени во Законот за оружје со кои се заострат условите за неовластено поседување и носење огнено оружје и експлозивни направи.

„Во превод – сите луѓе што имаат оружје, не зборувам за ловечко оружје – а тоа се околу 400 000 луѓе во Србија, ќе подлежат на ревизија. Ќе извршиме целосно разоружување на Србија“,

рече Вучиќ.

Зголемени казни за неовластено поседување и носење оружје

Српскиот претседател рече дека максималната казна затвор за неовластено поседување оружје се зголемува од 12 на 15 години, а со казна до 15 години ќе се соочи и секој оној што ќе носи оружје за кое нема дозвола. Казни се предвидени и за неовластено носење на ладно оружје – ножеви.

„Министерството за внатрешни работи има налог да ги преземе сите мерки кои се во неговата надлежност. Оние што поседуваат нелегално оружје, да го предадат – доколку не го предадат, ќе го најдеме, а последиците ќе бидат страшни“,

додаде Вучиќ.

Говорејќи на денешната прес-конференција, тој рече дека утринава ѝ предложил на премиерката Ана Брнабиќ да биде вратена смртната казна, но, како што рече, предлогот бил одбиен бидејќи Србија во тој случај би била единствена земја покрај Белорусија која ќе има смртна казна.

„Порано бев против смртната казна, но жалам што имав таков став“,

изјави Вучиќ.

Прашан дали во Србија ќе биде прогласена вонредна состојба, со оглед на случувањата изминативе денови ја потресоа земјата, Вучиќ рече такво нешто не е потребно, но дека во наредните 15 дена на улиците ќе има засилено полициско присуство, а потоа, како што рече, ќе се вратиме во нормален живот.

За помалку од 48 часа во Србија се случија две масовни убиства.

Првото се случи на 3 мај во основно училиште во белградската населба Врачар, кога 13-годишен ученик од тоа училиште со пиштол уби девет лица, од кои осум деца и еден возрасен. Во несреќата се повредени уште шест ученици и една наставничка.

Второто масовно убиство се случи синоќа кај Младеновац. Во нападот загинаа најмалку осум лица, а 14 се повредени. Осомничениот напаѓач, 21-годишниот Урош Б., е уапсен рано утринава по обемната потрага на припадниците на Министерството.  

Поврзани вести за убиството кај Младеновац:

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Пригожин се закани со повлекување од Бахмут на 10 мај

Следно

Еден загинат за време на шампионското славје во Неапол, најмалку 200 повредени

Latest from Blog