„Она што се случува во Газа наликува на целосно уништување на цивилното население“

3 mins read

САНКТ ПЕТЕРБУРГ (АА) 

На Санктпетербургшкиот меѓународен економски форум (SPIEF), претседателот на Русија, Владимир Путин, во Лахта-центарот им беше домаќин на директорите на водечките светски новински агенции. На средбата Анадолу Агенција (AA) ја претставуваше заменик-генералниот директор и главен и одговорен уредник, Јусуф Озхан, известува Анадолу.

Во своето обраќање Путин зборуваше за дадената дозвола од страна на САД и некои европски земји, Украина да може да го користи странското оружје на руска територија.

„Каква е улогата на украинската Армија тука? Тие ги одредуваат целите. Сепак, тие не одлучуваат дали овие цели ќе бидат погодени или не. Тоа Пентагон го прави со ATACMS (Army Tactical Missile System) и Британците со Storm Shadows“, истакна Путин.

Нагласувајќи дека Русија ќе одговори „асиметрично“ на споменатите напади, Путин додаде:

„Ќе направиме проценка. Се разбира, прво ќе го развиеме нашиот систем за противвоздушна одбрана. Русија има право да испрати оружје со долг дострел за гаѓање чувствителни цели кон подрачјата на земјите кои на Украина ѝ испорачуваат оружје.“

– Знаеме дека претседателот Ердоган вложува ефективни напори за решавање на проблемот (во Газа)

Главниот и одговорен уредник на АА, Озхан, го праша претседателот Путин:

„Би сакал да го продолжам прашањето што ви го поставив пред 3 години во рамките на Економскиот форум. Во врска со израелските напади на Газа, гледаме дека милиони луѓе низ светот, во САД, Европа и многу други места, излегоа на улиците со барање од нивните влади да најдат решение за овој проблем. Дали Русија има план за ова прашање? Дали планира да преземе иницијатива во рамките на Советот за безбедност на Обединетите нации?“, на што претседателот на Русија одговори:

„Прво би сакал да го кажам следното. Ние, се разбира дека сме против сите манифестации на тероризам. Ние сме против нападите врз цивилите каде било и во која било земја, но она што се случува сега во Газа како одговор на терористичкиот напад во Израел не наликува на војна. Тоа наликува на целосно уништување на цивилното население“.

Обвинувајќи ги САД за она што се случува во Газа, Путин рече:

„Ние веруваме дека тоа е резултат на американската политика. Тие го монополизираа процесот на решавање на проблемот. Ги отфрлија настрана сите претходно воспоставени алатки на колективни иницијативи за решавање на овој исклучително тежок проблем“.

Путин посочи дека американската администрација по прашањето за Газа можеби зазела пристап на „помалку мислења, побрзо решение“ и додаде:

„Сепак, се виде дека во практика тоа не е така. Не е можно да се реши проблемот и со некоја финансиска помош. Вистината за проблемот е дека треба да се решат политичките проблеми. Тоа значи создавање две држави, како што е предвидено со одлуката на Обединетите нации за формирање две држави на тие територии. Една палестинска држава и една еврејска држава“.

Потенцирајќи дека не е можно да се реши ситуацијата без да се решат основните проблеми за кои станува збор, Путин рече:

„Државата Палестина ја имаме признаено многу одамна, уште во периодот на Советскиот Сојуз. Од тој аспект нашиот пристап не е сменет“.

Подвлекувајќи дека претседателот Реџеп Таип Ердоган вложува значителни напори за решавање на проблемот, Путин истакна:

„Знаеме дека претседателот Ердоган вложува ефективни напори за да го реши овој многу итен проблем кој трае многу долго. Имајќи го предвид авторитетот на претседателот Ердоган во регионот, светот и во исламскиот свет, очекуваме неговиот придонес да биде забележлив. Од наш аспект, земајќи ги предвид нашите долгогодишни односи со Израел, подготвени сме да направиме сѐ за Русија да може да ја реши оваа ситуација“.

– Развивање енергетска и комерцијална соработка со Туркије

Осврнувајќи се на економските односи меѓу Туркије и Русија, Путин истакна дека изградбата на нуклеарната централа „Аккују“ (НЕЦ) напредува според предвиденото.

Наведувајќи дека на проектот работеле голем број турски експерти, Путин рече дека НЕЦ „Аккују“ отвори нова област за турската економија и за нејзиниот енергетски сектор.

Споделувајќи го ставот на претседателот Ердоган дека донел стратешка одлука со изградбата на нуклеарната централа „Аккују“, Путин истакна:

„Покрај многубројните придобивки, тоа ја намалува и зависноста од јаглеводородни ресурси. Имаме доверливо партнерство и на ова поле“.

Зборувајќи за формирањето на центарот за природен гас во Туркије, кој се планира да биде електронска платформа за трговија со гас, првенствено кон Европа, Путин рече:

„Би сакал да ви го свртам вниманието кон една тематика. Додека Туркије соработува со Украина во некои области, Украина се обидува да ги погоди гасоводите што носат гас кон Туркије. Ова не е ниту шега ниту претерување од кој било вид. Две беспилотни летала беа соборени од системите за електронско војување на руската Армија и паднаа во близина на пумпна станица за гас на брегот на Црното Море. Ве молиме, информирајте го нашиот пријател, претседателот Ердоган, за фактите по ова прашање. Со беспилотни поморски средства постојано се напаѓаат бродовите што ги штитат системите за испорака поставени на дното на Црното Море.“

Посочувајќи на подобрените комерцијални односи со Туркије и обемот на трговијата меѓу двете земји, Путин рече:

„Ми се чини дека економскиот блок на Владата во Туркије од неодамна се фокусира на земање заеми, инвестиции и добивање грантови од западните финансиски институции. Ова веројатно не е лоша работа, но доколку тие се поврзани со ограничувања на трговските и економските односи со Русија, тогаш турската економија ќе изгуби повеќе отколку што ќе добие. Според мене, постои таква закана.“



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

Претходно

Зошто децата се менуваат „преку ноќ“?

Следно

Ердоган: „Наша човечка должност е да реагираме на ситуацијата на лудило во Газа“

Latest from Blog