Охрид СОС: Современото архитектонско наследство во Охрид е во опасност

March 6, 2025
2 mins read

Современото архитектонско наследство во Охрид е во опасност, предупредуваат од Охрид СОС, по објавата на општината дека со новиот детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7, објектот на на ООУ „Григор Прличев“ е планиран за рушење, а на негово место е предвиден објект со многу поголем обем.

Наместо ставање на листата на архитектонско културно наследство на Охрид од втората половина на минатиот век, или оној модернистички период, постои опасност тој да биде уништен, заедно со градската куќа во непосредна близина и објектот на Маларична, истакнуваат од Охрид СОС.

Основното училиште „Григор Прличев“ е лоцирано во центарот на Охрид, но сепак во релативно мирен дел од градот, опкружен со зеленило, образовни објекти (помеѓу две средни училишта и детска градинка), јавни установи и сл. Училишната зграда, проектирана од архитект Љубен Најденов, со своето програмско решение и функционалност е пример за современо решавање на ваква типологија на објекти. Со своите формално-обликовни принципи го надополнува просторот, давајќи му една уникатна визуелна нота. Со својата височина (П+1) не ги нарушува останатите објекти, меѓу другото објектот на Маларична амбуланта и старата градска куќа на ул. „Димитар Влахов“. Помеѓу нив има доволно простор, каде се наоѓа училишниот парк.

Иако во суштина станува збор за издолжен блок поставен во правец исток-запад, неговиот волумен кон јужната страна, каде всушност се позиционирани училниците, е умешно расчленет на еднакви кубични модули ротирани под 45°, со кои неговата структура се уситнува и доведува во контекст на наследената архитектонско-урбанистичка средина. Понатаму, катот е повлечен во однос на приземјето за цел еден распон, што дополнително влијае на ненаметливата естетика на објектот, како и на игрите на светлина и сенка. Воедно, вовлекувањето на модулите на катот овозможува секоја училница на ова ниво да има сопствена пространа тераса која се развива врз покривот на соодветниот приземен модул. Училниците од приземјето, од своја страна, се директно поврзани со паркот, веројатно со иницијална намена за настава или активности надвор. Поставеноста на училниците на јужната страна од објектот, а дополнително и ротирањето на кубичните модули за 45°, резултира со нивна обилна осветленост од природна светлина и доволно сонце; впрочем Охрид е познат по огромниот број сончеви денови во годината.

Сето ова придонесува објектот на ООУ „Григор Прличев“ да поседува исклучителни квалитети, не само во однос на својата примарна функција, туку и како архитектонски белег на едно време – модерната архитектура од средината на XX век. Со новиот детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7 овој објект е планиран за рушење а на негово место е предвиден објект со многу поголем обем. Наместо ставање на листата на архитектонско културно наследство на Охрид од втората половина на минатиот век, или оној модернистички период, постои опасност тој да биде уништен, заедно со градската куќа во непосредна близина и објектот на Маларична.

Со ова ќе се загуби уште вреден објект од Модерната, а Охрид дополнително ќе загуби значајно културно наследство и дел од својата колективна културна меморија, сметаат од СОС Охрид.

Името Љубен Најденов веројатно не ѝ е познато на охридската јавност, иако значаен дел од неговиот авторски опус е поврзан со поновата историја на Охрид и Струга. Ретки се и локалните архитекти и урбанисти кои знаат дека тој е авторот на старата училишна зграда на OОУ „Григор Прличев” во Охрид, изградена во 1958 година.

Љубен Најденов е роден во Горна Џумаја во 1930 година. Дипломирал на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје (1954). Магистрирал на Универзитетот во Беркли, САД (1965). Бил редовен професор на Архитектонскиот отсек. Освен со педагошка и публицистичка дејност се занимавал и со архитектонско проектирање. Учествувал на повеќе анонимни архитектонски конкурси. Неговиот опус е богат и разновиден, а најзначајни се: хотелот „Ривиера“ во Охрид (1959); Стоковната куќа во Охрид (1961); Домот на културата во Делчево (1971); хотелот „Дрим“ во Струга (1973-77), заедно со архитектот Андреј Токарев; Клиниката за кардиологија во Скопје (1978). Објавил повеќе трудови што ја третираат проблематиката од областа на проектирањето на училишни објекти. Починал во 1979 година во Скопје. Во чест на неговите заслуги за македонската архитектура, Друштвото на архитектите на град Скопје доделува награда (Повелба) која го носи неговото име.

ИЗВОР: racin.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

YouTube подготвува големи промени: Дали ќе стане сличен на другите големи платформи?

Следно

Кочоска: Да сум погрешила кон Славјанка би се извинила, времето ќе покаже кој бил во право!

Latest from Blog

Проданоски: Со почит и единство Прилеп го одбележува Меѓународниот ден на Ромите

Со низа активности и пораки за единство, Општина Прилеп го започна одбележувањето на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите. Градоначалникот Дејан Проданоски упати честитка до припадниците на ромската заедница, истакнувајќи дека

Бојкоски: Советот на Општина Битола ќе работи побрзо и поорганизирано

Советот на Општина Битола денска расправа по точката на дневен ред Деловник за работа на Советот на Општина Битола. Претседателот Бојан Бојкоски со новиот Деловник за работа на Советот на Општина Битола освен

Тоневски: Општина Пробиштип обезбеди бесплатни ортопедски прегледи за децата

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, информираше дека е потпишан Меморандум за соработка помеѓу Општината и ЈЗУ Здравствен дом „Нада Михајлова“, со кој се обезбедува значајна поддршка за најмладите во општината. Со

Ново партнерство со САД: Божиновска со меморандум за енергетска стабилност

Во рамки на официјалната посета на висока владина делегација на Соединетите Американски Држави, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска потпиша Меморандум за разбирање со САД за унапредување на безбедноста
Go toTop