Одржана редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика- Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика

February 9, 2023
3 mins read

На 7 февруари 2023 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,5 п.п. до нивото од 5,25%. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Во согласност со зголемувањето на основната каматна стапка, ќе се применува и повисока каматна стапка на кредитот преку ноќ. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, исто така за по 0,5 п.п. Овие каматни стапки ќе се применуваат од 15.2.2023 година. Со овие промени, Народната банка и на почетокот на оваа година продолжува со затегнување на монетарната политика, коешто започна уште од крајот на 2021 година, преку примена на повеќе инструменти, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок.

На седницата беше утврдено дека остварувањата кај клучните макроекономски показатели главно се во согласност со очекуваните. Сепак, амбиентот за спроведување на монетарната политика и натаму е неизвесен и бара претпазливост. Вкупната инфлација почна да забавува кон крајот на минатата година, во согласност и со намалувањето на светските цени, а се очекува дека овој тренд ќе продолжи и во тековната година. Сепак, со оглед на силината и долготрајноста на надворешните ценовни шокови, и покрај поволните поместувања, инфлацијата и натаму е на повисоко ниво и наметнува потреба од внимателно следење на инфлациските очекувања. Во однос на другите показатели коишто се битни за монетарната политика, движењата на девизниот пазар се стабилни, а се забележуваат и поповолни трендови во делот на штедењето во домашна валута и на долг рок.

Со оглед на врзаноста на нашата валута со еврото, при одлучувањето за монетарната политика влијаат и промените во монетарната политика на Европската централна банка, којашто на состанокот на 2 февруари донесе одлука за зголемување на основните каматни стапки за 0,5 п.п.

Во однос на најновите показатели, домашните цени во декември забележаа мал пад, со што годишната стапка на инфлација и натаму забавува сведувајќи се на 18,7%. Просечната годишна стапка на инфлација за целата 2022 година изнесува 14,2% и е во согласност со последните проекции на Народната банка од 14,3%, а произлегува претежно од порастот на светските цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електрична и топлинска енергија и нивниот преносен ефект и врз цените на останатите производи и услуги, во отсуство на доволно домашни ресурси за ублажување на овие шокови. Неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите, и натаму постои поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија, поради што и натаму од исклучителна важност е водењето претпазливи домашни политики и внимателното управување со домашната побарувачка.

Нивото на девизните резерви, заклучно со крајот на јануари, ги задоволува меѓународните стандарди неопходни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута, односно тие и понатаму се на соодветно ниво. Движењата на домашниот девизен пазар и во текот на јануари беа релативно стабилни, при што Народната банка само повремено беше присутна на девизниот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во 2022 година е понизок од очекуваниот, што придонесе за подобри остварувања кај девизните резерви. Најновите остварувања на менувачкиот пазар од почетокот на годината се поволни и засега се во склад со проектираните нето-приливи од приватните трансфери за првиот квартал од 2023 година.

Што се однесува до домашната економска активност, остварувањата во првите три квартали од 2022 година се многу блиску до проектираните (растот е 2,7% при проекции на Народната банка од 2,5%), а расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал се во прилог на очекувањата дека забавувањето на растот ќе продолжи до крајот на годината. Имено, податоците за овој период покажуваат реален годишен пад на прометот во вкупната трговија, по малиот раст во претходниот квартал, како и натамошни неповолни движења кај индустриското производство и извршените градежни работи. Од друга страна, растот кај прометот во угостителството и натаму е висок и забрзува на годишно ниво.

Во однос на монетарните движења, во декември 2022 година кредитната активност и натаму расте на годишна основа, но поумерено, особено во сегментот на домаќинствата, во согласност со очекувањата. Растот кај депозитите забрза и ги надмина очекувањата, при што кај населението се забележува пораст на склоноста за штедење во денари и на подолг рок.

Општо земено, неизвесното и променливо окружување и нагласените ризици налагаат натамошна претпазливост од носителите на политиките. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.

ИЗВОР: kurir.mk

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

VERO marketi

Претходно

Закана за поставена бомба на софискиот аеродром, се евакуираат патниците

Следно

„Секојдневно пријави за лажни бомби, луѓе умираат поради недостиг на лекови, а Ковачевски единствено се грижи за гола власт и исполнување на наредбите на Ахмети“

Latest from Blog

Денеска на Мундијалот: Стартува 3.коло во групната фаза, БиХ оди на победа за пласман во 1/16 финалето

ФОТО:.facebook.com/nfsbih/ Пред нас е стартот на 3.коло од групната фаза на Мундијалот. Коло по кое ќе се знаат и официајално сите учесници во 1/16 финалето, како и двојките. На програмата се дури

ПРВ СЛУЧАЈ НА ЕБОЛА ВО ФРАНЦИЈА: Првиот случај е лекар кој се вратил од Конго

Франција го пријави својот прв случај на ебола за време на актуелната епидемија, откако беше утврдено дека лекар, кој се вратил од Демократска Република Конго (ДР Конго), е позитивен на вирусот. Француското

Уставно-судската пракса ја потврдува посебната улога на државата во организирањето на игрите на среќа

Директорот на Државна лотарија, проф. д-р Александар Климовски во своето излагање на јавната дебата за предлог законот за игрите на среќа и забавните игри, правно и аргументирано истакна дека државата треба да

Божиновска: Отвораме нови можности за соработка со Шпанија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, присуствуваше на прием организиран од шпанскиот амбасадор во земјава, Рафаел Соријано Ортиз, по повод посетата на директорот на Институтот „Сервантес“, Луис Гарсија Монтеро.

Општина Битола стартува со целосна обнова на „Дебарска“, инвестиција вредна над 37 милиони денари

Последиците од 30 годишната негрижа за улицата “Дебарска”, денес се очигледни. Оваа локална самоуправа, согледувајќи ги опасностите, уште пред 2 години започна со подготовка на документација, а сега и со реализација на
Go toTop