Иако според ревизорите државата не знае точно зошто се случува долгогодишниот „одлив на мозоци“ во странство, за младите причините за иселувањето се јасни: корупција, криминал, непотизам.
Дејан Радуловски е 23-годишен студент кој истовремено студира на постдипломски студии по историја и на политички науки на Правниот факултет во Скопје, но и работи во кафуле.
Тој е свесен дека неговите врсници секојдневно заминуваат од земјава и според него причините не се да заработат повеќе пари, туку поради тоа што за на лекар им е потребен пријател, или пак, бидејќи нивното дете во училиште не добива ист третман како дете на некој „битен човек.“
„Корупцијата и непотизмот според мене се главните причини, а класичен показател за тоа е што ни се иселува елитата, односно луѓе што навистина имаат капитал“, вели Радуловски во поткастот „Зошто“ на Радио Слободна Еропа.
Иако Радуловски сака да остане во земјава, вели дека не е сигурен дали ќе биде така, со оглед дека вложил многу труд кој не би сакал да му пропадне ако државата не му овозможи да работи според неговата струка.
Заминуваат илјадници
Со години од Северна Македонија заминуваат секаков тип на луѓе, но особено е загрижувачка бројката од околу 2.500 високообразовани кадри кои се иселуваат на годишно ниво, поради што загубите за државата се пресметуваат во стотици милиони евра.
Вакви пресметки направија државните ревизори во извештај кој го работеле во април 2024 година.
Тие ја анализирале ефикасноста на мерките за спречување на одливот на високообраовани и стручни кадри. Заклучиле дека државата не знае конкретно какво образование имаат луѓето што заминуваат, колкава е нивната возраст, ниту причините поради кои се иселуваат во странство.
Претседателот на Младинскиот образовен форум Ристо Савески вели дека бројките се само потврда на трендот на негрижа на државата и државните образовни институции за иднината на земјата, а тоа се младите.
Савески исто така посочува дека и истражувањата на нивната организација велат дека високото ниво на корупција е меѓу главните причини за иселувањето на младите, а потоа и генерално незадоволство од функционирањето на системот.
„Бројките од истражувањето на ревизорите се пропорционални на бројките кои ги добивме во наше истражување за неискористен студентски потенцијал. Од 2012 година до денес се стипендираат студенти да студираат на странски универзитети, а не знаеме дали се вратени во државата да ги обработат годините за кои се обврзале, а клучното е дека и државата не знае дали се вратени“, вели Савески.
Краткорочни мерки би можеле да бидат: ревидирање на програмите за стипендирање за студирање на странски универзитети, за државата директно да не го стипендира одливот на мозоци од Македонија; треба исто така да се обврзат студентите кои излгваат во странство реално да се вратат и да ги одработат годините кои ги студирале, и треба да се носат мерки кои ќе влијаат директно на развојот на образованието, вели Савески
Проблемот со иселувањето од Северна Македонија зафаќа широки размери. Луѓе секојдневно ги пакуваат куферите, користејќи ги олеснувањата на земји како Германија кои креираат политики за да го пополнат својот недостиг на работна сила во здравството, градежништвото, образованието…
Во топ десет земји по емиграција
Работа се бара во Италија или скандинавските земји, но тренд во последните неколку години е Хрватска, која нуди работни места во туризмот и угостителството.
Тоа го наведуваат и ревизорите кои цитираат извештај на Меѓународната организација за миграција ИОМ, кој вели дека Северна Македонија во 2019 година според стапката на емиграција во странство била во топ десет земји во светот.
Проценките на Светската банка, пак, покажуваат дека 40 отсто од високообразовниот кадар од Северна Македонија ја има напуштено државата.
Загуби од 80 милиони евра годишно
Иселувањето носи и големи загуби за државата и економијата. Анализите на ревизијата покажале дека во период од осум години државата за 2.500 луѓе годишно во просек инвестирала по околу 5 милијарди денари или вкупно за целиот период потрошила 44,7 милијарди денари.
Тоа е над 80 милиони евра годишно, или за периодот од осум години загуби од околу 650 милиони евра.
Но, бројките се повисоки според пресметките кои ги направиле ревизорите за вкупниот економски ефекти од иселувањето кој доаѓа до 8,34 проценти од Бруто домашниот производ (БДП) на годишно ниво.
Тоа е износ од 458 милиони евра ако се земе последниот буџет за 2024 година проектиран на 5,5 милијарди евра.
До овие бројки ревизијата дошла пресметувајќи 0,8 отсто од БДП што годишно ја чини државата поради одливот на кадрите, плус ефектот од изгубен БДП заради иселувањето проценет на 5,15 отсто од БДП и плус инвестицијата во образование што го дала државата за овие луѓе од 3,19 проценти од БДП. Тоа е еднакво на 8,34 отсто од БДП на годишно ниво.
Негативниот тренд ќе продолжи
Ако овие пресметки се само за одливот на кадри со високо образование, сумите за загубите се уште повисоки и ќе продолжат уште долго време ако се земат предвид податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) од крајот на 2023 година.
ДЗС објави дека моменталниот годишен просек на иселување е 12 000 луѓе и дека се очекува негативниот миграциски тренд да продолжи во следните 30 години.
Прогнозите на институцијата се дека до 2070 година во земјава ќе има речиси 1,2 милиони жители.
Ако се земат предвид податоците од Пописот во 2021 според кои во државата живеат 1.836.713 лица, тоа значи дека за помалку од пет децении ќе има намалување за повеќе од половина милион жители или за 35 отсто.
Ниту мерки, ниту нови стратегии
Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не спроведува доволно ефикасни мерки за намалување на одливот на високообразован кадар од државата, наведуваат ревизорите.
„Не е усвоен нов стратешки документ откако истекла важноста на Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020 година. Мерките од стратегијата не се целосно имплементирани, не е воспоставен систем за следење и управување со интелектуалната емиграција и нема сеопфатна база на податоци за емиграцијата од државата“, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Државата нема ниту воспоставен мониторинг на имплементација на мерките и активностите од Стратегијата, ниту пак е извршена оцена на ефектите од имплементацијата на мерките.
Владата усвоила Резолуција за миграциона политика за да го намали интензитетот на емиграција во странство на луѓе со високо ниво на образование, но усвојувала нови стратешки документи без да ги оцени резултатите од претходните, велат ревизорите.
Национална стратегија за вмрежување, соработка и спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри 2013-2020 бил единствениот стратешки документ за јавни политики за „одливот на мозоци’’, но овој документ не бил објавен во Службен весник, ниту на веб страната на Министерството за образование и наука.
Усвоен бил еден Акциски план за 2013/2014 година со активности, рокови за извршување, финансиски средства, извори на финансирање, надлежни тела за реализација на целите и индикатори за успешност.
Но, утврден е низок степен на имплементација на мерките и активностите од Акцискиот план, поради недоволна координација на институциите.
Извор: Радио Слободна Европа