Научници од Финска тврдат дека ги откриле коренот и причинителите за пелтечењето кај луѓето. Тоа потенцијално може да овозможи нови методи на лекување, но и поука за тоа како да се разговара со луѓето кои пелтечат.
Пелтечењето, вообичаено, е стресно за оние кои страдаат од тоа нарушување, особено затоа што другите честопати реагираат навредливо, со потсмев, агресивно или неправилно на тоа нарушување на говорот. Неволните повторувања на слогови и звуци, како и блокадите на некои гласови може да предизвикаат вознемирување, фрустрации, несигурност. Слабоста може да стане и физички видлива, ако се појави црвенило на лицето или потење. Треба да се истакне и дека пелтечењето не е признак за карактерот или интелигенцијата на засегнатото лице. Луѓето кои пелтечат точно знаат што сакаат да кажат, но не можат течно да го кажат во мигот.
Истражувачите сега, според наводите, велат дека можната причина за појава на ваквото говорно нарушување се структурни промени во мозокот кај луѓето кои пелтечат.
Пелтечење – зошто се појавува, кои се симптомите и последиците?
Долго време се сметаше дека се работи за психолошко или емоционално нарушување. Според новите сознанија, пелтечењето е невролошки предизвикано говорно нарушување на регулацијата на создавањето говор во мозокот.
Финските научници, веруваат, ја пронашле областа на мозокот каде што лежи коренот на пелтечењето. Според тимот предводен од Јухо Јоуца од Универзитетот на Турку, таа се наоѓа во областа на базалните ганглии на путаменот, којшто се наоѓа во средишните области на големиот мозок и е дел од сивата материја. Тоа е важно за моторните вештини на лицето, односно мимиките и гримасите.
Нарушувањето во течниот говор може да има различни причини. Постои генетска предиспозиција којашто може (или не) да доведе до пелтечење. Покрај тоа, и невролошките болести како Паркинсонова болест или мозочен удар може да доведат до пелтечење. За целите на истражувањата, финските научници испитувале и пациенти кои почнале да пелтечат по мозочен удар. Притоа, ударот го зафатил само делот од мозокот каде што се наоѓа предметната мозочна мрежа.
Испитаниците ги покажале истите структурни промени во јазлите на мозочната мрежа како и оние луѓе кои развиле пелтечење во детството. Според испитувањата, ова покажува дека пелтечењето секогаш потекнува од оваа област во мозокот, без оглед на генетските или невролошките причини.
Нови методи на лекување
Според неврофизиологот проф. д-р Мартин Зомер, шеф на Интердисциплинарната работна група за говорни нарушувања на Одделот за неврологија при Универзитетскиот медицински центар во Гетинген, Германија, овој научен труд само потврдил дека левата хемисфера на мозокот е клучна во создавањето на говорот. Тоа покажува и дека двата облика на пелтечење – неврогенетивното, предизвикано од мозочен удар и пелтечењето коешто се јавува во раното детство не се многу различни. Зомер инаку и самиот го има тоа нарушување и е советник на германската Федерална асоцијација за пелтечење (БВСС).
До денес, не постојат делотворни фармаколошки или невромодулаторни можности за лекување. Но, според финските научници, локализацијата на структурната промена би можело да значи создавање нови методи на лекување, како што е длабока мозочна стимулација насочена кон предметната мозочна мрежа.
– Секако дека е можно да се врши третман врз основа на овие наоди, но потребни се неколку средни чекори за да се разбере која електрода – каде треба да се закачи и со кој поларитет, а тоа не е така лесно. Сè уште сме далеку од таа цел, појасни д-р Зомер.
Се проценува дека во Германија, која има речиси 84 милиони жители, има околу 800.000 луѓе кои пелтечат. Говорејќи за децата, момчињата се погодени почесто од девојчињата. Лековите, терапиите со дишење и опуштање или кои било други третман, всушност не го лекуваат пелтечењето, како што ветуваат некои терапевти.
– За жал, сè уште имаме „надрилекари“ кои ветуваат „чудесен лек“, така да се каже. Затоа треба да се внимава. Дури и најтешкото пелтечење може да се спречи со едноставни методи, како што е тн. говорен метроном. Но, тогаш пелтечењето не исчезнува, туку само се затскрива зад изменетиот начин на говорење, изјави Зомер.
Како да се помогне?
Засегнатите често се обидуваат да избегнат одредени зборови или начини на разговор – поради срам или страв. Ова може да води и кон повлеченост од секојдневниот живот и изолираност.
– Најголемата опасност, кога пелтечите, е „да ја држите устата затворена“. И многу засегнати лица го прават токму тоа. Избегнувањето разговор е неповолно, бидејќи значително ги ограничува можностите за развој на тие луѓе. Затоа е важно да не молчите, туку кажете сè што сакате!, советува Зомер.
– Од друга страна, пак, она што не им треба на луѓето кои пелтечат честопати се добронамерните совети, на пр.: Диши длабоко, концентрирај се, смири се. Таквиот совет само нервира и вознемирува, појасни неврологот.
Советот тука гласи: Чекајте, гледајте и слушајте. На луѓето кои пелтечат им треба повеќе време, а многу е болно да прекинеш некого. Освен тоа, можеби тоа не е она што всушност сакаше да го каже пред пелтечењето, а потоа работите се комплицираат…
И групите за самопомош може да помогнат да се надмине стравот од зборување. Обично е корисно да се соочите и справите со пелтечењето така што ќе им се доверите на семејството, пријателите, колегите итн. и отворено да разговарате за тоа.
Извор: kurir.mk