Луѓето познати како „суперстогодишници“ – кои живеат над 110 години, покажуваат извонредна способност да го одложат неизбежното. Подробна анализа на здравјето на една од највозрасните луѓе во светот, Марија Брањас, која живееше до 117 години, посочува дека дел од нејзината долговечност може да се поврзе со исклучително „млад“ геном, посочуваат истражувачите од Институтот за истражување на леукемија „Хозеп Карерас“ во Барселона, Шпанија. Некои од нејзините ретки генетски варијанти се поврзани со имунолошкиот систем и здравјето на срцето и мозокот.
Научниците, предводени од епигенетичарите Елој Сантос-Пујол и Алејш Ногера-Кастелс, велат дека ги користат резултатите за „да понудат нови сознанија за биологијата на староста, да идентификуваат биомаркери на здраво стареење и потенцијални стратегии за зголемување на животниот век“, како што објави „Сајенс алерт“ (Science Alert).
Марија Брањас им даде на научниците ретка можност да ги истражат можните механизми што им овозможуваат на луѓето да живеат екстремно долг живот. Жената, инаку, го надмина просечниот животен век на жените во Каталонија за повеќе од 30 години. Според написот, научниците испитувале примероци од крв, плунка, урина и столица што Брањас ги обезбедила пред нејзината смрт во 2024 година, кога била најстарата жива личност во светот. Наводите откриваат дека клетките на Брањас „се однесувале“ како да се значително помлади од нејзината хронолошка возраст.
Во подоцнежните години, Брањас била во извонредно добро здравје, со одлично силно срце и многу ниски нивоа на воспаление. Но, нејзиниот имунолошки систем и цревниот микробиом покажале одлики типични за многу помлада личност. Таа имаше и екстремно ниско ниво „лош“ холестерол и триглицериди, додека нејзините нивоа на „добар“ холестерол биле високи. Заедно, овие фактори можат да помогнат да се објасни нејзиното извонредно здравје и долговечност. Истражувањето е објавено во списанието „Сел репортс медисин“ (Cell Reports Medicine).
И средоземноморската исхрана богата со јогурт веројатно придонела за нејзината долговечност, во спој со генетските и факторите на животната средина.
„Сликата што произлегува од нашиот труд, иако се заснова само на овој исклучителен пример, покажува дека екстремно високиот животен век и лошото здравје не се нужно поврзани“, велат истражувачите.
Но, ваквото единечно испитување ја исклучува пошироката популација. Шпанските истражувачи признаваат дека се потребни поголеми студии за генерализирање на резултатите.
Поголемите истражувања коишто ги споредуваат стогодишниците со пократковечни луѓе, исто така, идентификуваат биомаркери што ги издвојуваат поединците и можат да им помогнат да се спротивстават на болестите. Инаку, стогодишниците се најбрзо растечката демографска група во светот, но само еден од 10 луѓе што достигнуваат 100 години, живеат и по следното 11-то десетлетие.
Извор: kurir.mk