ИСТАНБУЛ (АА) – Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес ја најави новата мисија „Балтички стражар“, чија цел е заштита на клучните подводни кабли во регионот на Балтичкото Море, јавува Анадолу.
Говорејќи на состанокот со лидерите на НАТО-земјите што граничат со Балтичкото Море, Руте ја истакна зголемената важност на овие кабли и потребата од справување со новите закани во регионот.
„Денес можам да објавам дека НАТО ја започнува мисијата ‘Балтички стражар’ под надлежност на врховниот сојузнички командант на НАТО“, рече Руте.
„Оваа воена активност е дел од нашите тековни напори за зајакнување на поморското присуство и надзор на клучните области за нашиот сојуз“, додаде тој.
Во рамките на операцијата ќе бидат распоредени различни ресурси, вклучително фрегати, авиони за поморски патролирања и поморски дронови.
„Денес се договоривме да започнеме иницијатива за примена и распоредување на нови технологии, вклучувајќи мала флота на поморски дронови за подобрен надзор и одвраќање“, изјави Руте.
Мисијата „Балтички стражар“ е воведена во услови на загриженост за потенцијални саботажи на подводните кабли и други дестабилизирачки активности во регионот.
„Низ целиот сојуз, сведоци сме на елементи од кампања за дестабилизација на нашите општества преку кибернапади, обиди за атентати и саботажи, вклучувајќи можни саботажи на подводни кабли во Балтичкото Море“, рече Руте.
За да се зајакне будноста на НАТО, мисијата ќе ги интегрира националните системи за надзор со ресурсите на Алијансата.
„Исто така, работиме со сојузниците за интегрирање на нивните национални надзорни ресурси со НАТО, обезбедувајќи севкупно откривање на заканите“, рече Руте.
Тој нагласи дека е потребно цврсто дејствување против заканите за критичната инфраструктура.
„Капетаните на бродовите мора да разберат дека потенцијалните закани за нашата инфраструктура ќе имаат последици, вклучувајќи можни проверки, запленување и апсење“, предупреди Руте.
Иако спроведувањето на законот останува во надлежност на националните власти, тој додаде: „Ние најдобро функционираме кога има комплементарност меѓу напорите на НАТО за откривање на заканите и одвраќање на агресијата и националните напори за спроведување на законот.“
Освен одвраќањето, Руте ја истакна важноста на отпорноста.
„Зголемувањето на отпорноста бара побезбедна, полесно поправлива и поотпорна инфраструктура“, рече тој, додавајќи дека НАТО ќе работи со индустриските оператори за „подобра заштита и обезбедување на виталните подводни ресурси“.
– Инциденти во Балтичкото Море –
Балтичкото Море беше место на неколку големи инциденти со оштетување на инфраструктурата од почетокот на војната на Русија во Украина во февруари 2022 година, што ги зголеми тензиите во регионот.
Најново, Финска објави дека танкерот „Игл С“ бил задржан во врска со инцидентот со оштетување на подводен кабел на Божиќ.
Минатиот ноември, два телекомуникациски кабли кои ги поврзуваат Шведска и Данска беа прекинати. Властите го осомничија кинескиот брод „Ји Пенг 3“, кој поминал над каблите, додека Кина го одби барањето на Шведска за истрага на бродот.
Кабелот „Арелион“ што го поврзува шведскиот остров Готланд со Литванија и кабелот за комуникација „Ц-Лион1“ меѓу главниот град на Финска, Хелсинки, и германскиот град Росток, исто така беа оштетени во средината на ноември во близина на територијалните води на Шведска.
Европските власти сугерираат дека саботажа може да стои зад последните прекини, потенцијално поврзани со тековната војна на Русија во Украина. Но, Кремљ ги отфрли ваквите тврдења како „апсурдни“.
Септемвриските експлозии во 2022 година, кои го оштетија гасоводот „Северен тек“ што пренесува руски гас до Европа, остануваат неразјаснети, потенцирајќи ја ранливоста на регионот на подводни напади врз клучната инфраструктура.
Властите низ Балтичкиот Регион продолжуваат со истрагите за овие инциденти во услови на зголемена будност, бидејќи геополитичките тензии не покажуваат знаци на намалување.
Извор: Anadolu Agency (AA)