Седум ученици загинаа, а уште 99 други беа повредени во силна експлозија во близина на училиште во покраината Кунар во североисточен Авганистан, потврди портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Талибанците, Абдул Матин Кани, објави Ројтерс.
Експлозијата се случила на периферијата на Асадабад, главниот град на покраината што граничи со Пакистан.
Сомневање за небрежност
Сами ул Хак Бајан, раководител на покраинскиот оддел за култура и информации, рече дека првичните наоди укажуваат дека експлозијата е предизвикана од небрежност во магацин со експлозиви што им припаѓаат на рударски компании.
Снимките објавени на социјалните медиуми покажаа автомобили што превезуваат повредени деца до одделот за итни случаи на болница во Асадабад. Снимките, исто така, покажаа тешко оштетена училишна зграда, од која дел се срушил, објави Асошиејтед Прес.
Според Бајан, до 15 од повредените се лекуваат во болница, додека другите се пуштени на домашно лекување откако добиле медицинска помош.
Рударството е важна економска гранка во Авганистан
Авганистан е богат со природни ресурси, вклучувајќи железна руда, бакар, олово, цинк, злато, јаглен и скапоцени камења. Сепак, рударските компании често работат со ниски безбедносни стандарди, што доведува до несреќи.
Во покраината Кунар, експлоатацијата на скапоцени камења, кои рударските компании потоа ги продаваат на аукции, е во пораст во последните години.
Авганистанските власти започнаа истрага за околностите на експлозијата и најавија објавување на дополнителни информации по нејзиното завршување.
Извор: vecer.mk

