Над 20 дипломатско-конзуларни претставништва се без амбасадор или генерален конзул

August 15, 2026
3 mins read

За 11 од нив веќе се избрани кандидати, кои ќе стапат на должност во различни временски периоди по завршувањето на законската постапка, велат од МНР за „Фокус“, посочувајќи дека станува збор за дипломатско-конзуларните претставништва во Атина, Будимпешта, Букурешт, Каиро, Канбера, Лондон, Приштина, Сараево, Софија, Стокхолм и Хаг.

Во моментов, вкупно 24 дипломатско-конзуларни претставништва се без амбасадор или генерален конзул, велат од Министерството за надворешни работи за „Фокус“, посочувајќи дека за 11 од нив веќе се избрани кандидати, кои ќе стапат на должност во различни временски периоди по завршувањето на законската постапка.

„Станува збор за дипломатско-конзуларните претставништва во Атина, Будимпешта, Букурешт, Каиро, Канбера, Лондон, Приштина, Сараево, Софија, Стокхолм и Хаг. До крајот на август се очекува на мандат да заминат амбасадорите во Лондон Илина Мангова, во Хаг Линда Салиеска-Иљазовска и во Канбера Стојанче Китаноски“, велат од МНР.

Неодамна, поточно во јуни, Мангова, Салиеска и Китаноски ги претставија платформите за дипломатски активности пред матичната собраниска Комисија за надворешна политика, додека претходно во мај овој филтер го минаа и Фадил Зендели, Димитар Блажевски и Веле Трпевски, кои ги претставија тезите пред да заминат на дипломатска служба во Копенхаген, Киев и Тирана.

„Паралелно, се водат разговори меѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Владата и претседателот на државата, со цел да се утврдат кандидати за шефови на дипломатско-конзуларните претставништва кои треба да ги пополнат испразнетите позиции“, велат од МНР.

Инаку, законската постапка предвидува дека МНР го предлага кандидатот за амбасадор, по што се бара мислење и согласност од Претседателот, а потоа и агреман или согласност од државата каде што се упатува амбасадорот. Патем, кандидатот треба да ја мине и собраниската комисија за надворешна политика, по што Владата носи формална одлука, а Претседателот потпишува Указ за именување.

Пред неколку месеци, шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски изјави дека интензивно се работи на пополнување на испразнетите позиции во дипломатско-конзуларните претставништва. Како клучна карактеристика на овој процес, тој нагласи дека над 60 отсто од новите кандидати се кариерни дипломати со преку 2 децении стаж во ресорот, што, според него, е во насока на заложбите за професионализација на македонската дипломатска мрежа.

–Ние го сменивме Законот за надворешни работи најмалку 50 проценти од шефовите на ДКП-та да бидат амбасадори од професионалниот состав на МНР, а во пракса одиме со над 60 проценти, и тоа се гледа по последната група именувања – рече Муцунски во една прилика.

Вкупно, Македонија има амбасади во 43 држави и воедно има 9 генерални конзулати. По политичките промени во 2024 година, односно по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ беа отповикани над 10 амбасадори упатени за време на претходната влада на СДСМ, главно со образложение дека не биле на сослушување на собраниската комисија за надворешна политика.

Односно, 8 амбасадори беа отповикани со вакво формално образложение, додека во меѓувреме беа повикани на консултации во МНР и им прекина мандатот на уште неколку амбасадори, меѓу кои беа Љубомир Фрчкоски (поранешен амбасадор во мисијата на ООН во Њујорк), Андреј Жерновски (поранешен амбасадор во Романија), Весел Мемеди (поранешен амбасадор во Рим)…

Исто така, кон крајот на ланската 2025 година отповикани беа и Освит Росоклија од Виена, Австрија, и Слободан Узунов од Њу Делхи, Индија, додека истовремено амбасадорот во Бразил, Игор Попов, беше именуван и за нерезидентен амбасадор во Уругвај. Претходно истата година, пак, со указ на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова беа отповикани:

Јакуп Реџепи (Босна и Херцеговина), Џенк Сејфула (Шведска), Методија Белевски (Белгија и Луксембург), Агнеза Руси Поповска (Бугарија), Емил Крстески (Прага), Зеќир Рамчиловиќ (Црна Гора), Катерина Ставреска (Велика Британија и Северна Ирска) и Пајо Авировиќ (Постојана мисија при Меѓународните организации, со седиште во Виена).

Се на се, за краток период дојде до промена на над десет амбасадори од различни причини – дел се повлекоа сами откако почнаа да бидат повикувани на консултации, други беа отповикани со указ поради одредени прекршувања, при што главна формална причина е тоа што ја прескокнале собраниската комисија за надворешна политика.

Имено, патот за покренување иницијатива за отповикување дузина амбасадори законски го поплочи актуелното владејачко мнозинство, со изгласување автентично толкување на 2 члена од Законот за надворешни работи на крајот на 2024 година. Според автентичното толкување, сослушувањето на амбасадорите во Собранието е задолжително, така што сите што не го минале овој филтер беа отповикани.

Сепак, многумина од „старата гарда“ продолжија да ја извршуваат амбасадорската функција до ден денес, како што е случајот со Никола Тупанчевски во Белград (министер за правда во влада на СДСМ), Горан Милевски во Љубљана (поранешен лидер на ЛДП и пратеник), Едмонд Адеми во Мадрид (советник на поранешниот премиер Зоран Заев)…

Притоа, во оваа група спаѓа и македонскиот амбасадор во Русија, Ненад Колев, дипломат од кариера, за кого се појавија информации дека предизвикал инцидент среде Москва во алкохолизирана состојба. Иако овој „скандал“ се случил пред 2 години, сепак тој беше обелоденет додека земјава неодамна водеше т.н. стратешки дијалог со САД.

Во меѓувреме, актуелната влада именуваше или испрати и нови амбасадори на неколку дестинации. Меѓу нив е нефрологот Игор Николов, кој замина на амбасадорска служба во Париз, Франција. Потоа, тука се Драган Ѓурчевски во Хрватска, Андријана Цветковиќ во Јапонија, Орхан Муртезани во седиштето на НАТО во Брисел итн.

Извор: zurnal.mk

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Пикси на клупата на Ј.Кореја?! Има еден услов…

Latest from Blog

Пикси на клупата на Ј.Кореја?! Има еден услов…

ФОТО: Fudbalski savez Srbije/FB Сензационално или не, сепак Драган Стојковиќ Пикси, има шанси да биде селектор на Ј.Кореја. Оваа информација ја потврди самиот Стојковиќ во интервју за јужнокорејскиот портал „KBS“, кој постави

ГЕРМАНИЈА ВО СЕПТЕМРИ НА ИЗБОРИ СЕ СООЧУВА САМА СО СЕБЕ, АфД води на анкетите

 Етаблираните партии, оние кои сега се власт плус Социјалдемократите кои ја загубија власта во Германија, досега не беа во можност да го спречат порастот на десничарската AfD (Алтернатива за Германија) во анкетите

14 години од смртта на Арбен Џафери – од демонстрациите во Тетово и животот во Приштина до еден од највлијателните политичари во Македонија

На 15 август 2012 година, на 64-годишна возраст, почина Арбен Џафери, долгогодишен политичар, интелектуалец и еден од најзначајните претставници на албанската политичка сцена во Македонија. Денес се навршуваат 14 години од неговата
Go toTop