Кога може да се очекуваат нови имиња на корумпирани функционери на американската „црна листа“, амбасадорката на САД во земјава вели дека такво нешто не може да се прецизира. Причината, како што посочи, е темелниот и внимателен процес на ревизија што го вршат надлежните служби во американскиот Стејт департмент
Името на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко нема да биде последното што ќе се најде на американската „црна листа“. Таа ќе се проширува со нови лица, изјави денеска американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, но, како што додаде, не може да прецизира кога тоа ќе се случи.
Причината, како што посочи Агелер, е темелниот и внимателен процес на ревизија што го вршат надлежните служби во американскиот Стејт департмент за лицата кои потенцијално можат да се најдат на „црната листа“ како струшкиот градоначалник.
„Верувам дека веќе сите сте запознаени со изјавата и од Стејт департментот, од портпаролот и со мојата изјава. Тие изјави зборуваат сами за себе, односно го објаснуваат цел овој процес. Би сакала само да додадам дека овој процес на назначување трае подолго и бара време. Тоа е процес кој внимателно се спроведува, така што се врши ревизија на сите докази, на се што е утврдено. Во секој момент има листа на имиња кои се во процес на разгледување така што кога ќе се утврдат сите факти тогаш се донесува одлуката. Не би можела да кажам точно за временските рокови кога би се реализирале овие процеси. Сметам дека ќе има и други лица, но не би можела да кажам точно кога, бидејќи, како што веќе напоменав станува збор за процес кој се спроведува со големо внимание и САД имаат навистина сериозен пристап“,
рече Агелер за време на денешната посета на Штип со министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Соединетите Држави, посочи Агелер, сметаат дека Северна Македонија и нејзините граѓани имаат право да имаат избрани претставници на кои може да им веруваат, но тука, како што додаде, завршува ангажманот на САД.
„Ние не можеме да кажеме што понатаму и какви мерки Владата и судството на Северна Македонија да преземат, но ние ќе продолжиме да соработуваме со оние што имаат добра волја за процесите докрај да се реализираат. Ова е сериозно прашање за нас, но тука имаме и прекрасни партнерства со претставници од Владата и други претставници од земјата со кои имаме навистина одлични односи и ќе продолжиме со нашите заложби за да обезбедуваме секаков вид на помош за и понатаму да продолжи нашето партнерство и соработка“,
рече Агелер.
Во врска со прогласувањето на струшкиот градоначалник за непожелна личност во САД, американската амбасадорка истакна дека тоа направено согласно законите на САД врз основа на цврсти докази за корупција.
„Во однос на назначувањето на г. Рамиз Мерко од страна на г. (Ентони) Блинкен (за неподобен за влез во САД), тоа е согласно законите на Соединетите Американски Држави, кога постои цврст докази за корупција да се преземе мерка од страна на државниот секретар за санкционирање на такво лице, со тоа што на ова лице и на неговото семејство им е оневозможен влез во Соединетите Американски Држави“,
изјави американската амбасадорка во земјава.
Ставањето на струшкиот градоначалник на американската „црна листа“, според премиерот Димитар Ковачевски, е само уште една потврда дека на истражниот и правосудниот систем на државата му е потребен ремонт.
Истражните и правосудните органи во земјава ќе треба да ги испитаат наводите на кои се заснова одлука на Соединетите Американски Држави за ставање на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на „црна листа“ и да се запрашаат како САД дошле до такви сознанија, но и не и нашите органи. Ова се двете пораки што денеска ги упати премиерот, а кои како што рече произлегуваат од вчерашното соопштение на Стејт департментот.
Прашан дали ќе бара од советничката група на СДСМ во Општина Струга да му ја откаже поддршката на градоначалникот Мерко, премиерот со став дека околу тоа добро ќе треба да размислат сите советнички групи во општината, бидејќи се избрани од граѓаните.
„Во однос на правните и на етичките аспекти, во однос на мандатот на градоначалникот на Струга тој ќе мора да одговори на тоа прашање, бидејќи тој е избран функционер на непосредни избори. Во однос на динамиката на советничките групи во Општина Струга сите ќе треба добро да размислат како ќе продолжат понатаму со оглед на наводите кои што се наведени, бидејќи да не заборавиме дека тој градоначалник бил градоначалник во повеќе мандати и во тие мандати соработувал со сите советнички групи во општината без исклучок. Затоа ќе треба да седнат да размислат како ќе продолжат понатаму бидејќи сите тие се избрани од граѓаните да ги штитат и да ги унапредуваат правата на граѓаните“,
рече Ковачевски.
Од Демократската унија за интеграција чиј кадар е струшкиот градоначалник, досега во јавноста се огласи само министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој рече дека ДУИ е политичка партија што секогаш била за ветинг за сите функционери.
„ДУИ како политичка партија секогаш била за ветинг и ДУИ го бара ветингот за сите функционери кои доаѓаат од централно и локално ниво“,
рече Шаќири пред почетокот на дебатата за промоцијата на анализата „Политичко образование во Северна Македонија“, во организација на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) и Претседателскиот центар за политичко образование ПЦПО.
ИЗВОР: 360stepeni.mk