Килијан Мбапе верува дека има доволно аргументи за освојување на Златната топка за 2026 година. Французинот зад себе има импресивна сезона, но без тимски трофеј со Реал Мадрид и без пласман на Франција во финалето на Светското првенство.
Мбапе постигна 42 гола на 44 натпревари за Реал, а со 25 погодоци беше најдобар стрелец во Ла Лига. Во Лигата на шампионите постигна 15 гола и ја освои Златната копачка.
На Светското првенство продолжи во ист ритам. Постигна 10 гола, повторно беше најдобар стрелец и стигна до вкупно 22 погодоци на мундијалите, со што го надмина Лионел Меси.
„Верувам дека можам да ја освојам Златната топка. Тоа е една од моите цели, и тоа краткорочни“, изјави Мбапе за „Франс Фудбал“.
Французинот смета дека индивидуалниот учинок треба да има поголема тежина при изборот.
„Немаше фудбалер подобар од мене. Зборуваме за достигнувања, голови во најголемите натпреварувања и на Светското првенство, најголемиот фудбалски настан“, додаде тој.
Сепак, неговата кандидатура има сериозна слабост. Реал Мадрид сезоната ја заврши без трофеј, откако не ги освои Ла Лига, Купот на кралот, Суперкупот на Шпанија ниту Лигата на шампионите. Во ЛШ беше елиминиран од Баерн Минхен во четвртфиналето.
Ниту Франција не стигна до самиот крај на Мундијалот. „Триколорите“ беа елиминирани во полуфиналето од Шпанија со 2:0, иако Мбапе го заврши турнирот со 10 гола и „Златната копачка“.
Главен ривал во трката за признанието му е Ламин Јамал, кој со Шпанија го освои Светското првенство и со Барселона триумфираше во Ла Лига.
Мбапе, сепак, верува дека неговите индивидуални достигнувања се доволни за најголемото признание.
„Мислам дека оваа година направив нешта што се разликуваат од другите. Затоа верувам дека можам да ја освојам“, заклучи напаѓачот.
Добитникот на „Златната топка“ ќе биде прогласен на 26 октомври во Лондон.
Извор: sportmanija.mk


