Македонското Собрание ја изгласа техничката Влада

4 mins read

За помалку од два часа, со 65 гласови „за“ и три “против“, Собранието на Северна Македонија денеска (28.1) избра преодна (техничка) Влада со мандат од 100 дена и со задача да ги спроведе претседателските избори на 24 април и парламентарните избори на 8 мај, на фер и демократски начин, преку учество на министри и дополнителни заменици – министри од опозицијата во клучни ресори.

Премиер е Талат Џафери од ДУИ, со што првпат на чело на Владата застанува премиер – Албанец.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ излегоа од салата во Собранието, не гласаа и не го прифаќаат Џафери за премиер.

Џафери и министрите дадоа свечени изјави по изгласувањето на Владата.

Образложувајќи ги програмата и составот на Владата, Џафери вети дека преодната влада ќе биде одговорна, транспарентна и нема да дозволи да се наруши изборниот процес.

Зборувајќи малку на албански, малку на македонски јазик, тој рече дека нема да се менува зацртаната политика на внатрешен и на надворешен план.

„За мене како мандатар нема разлика дали станува збор за еден или за 100 дена, за техничка или преодна влада, јас оваа доверба, чест и над се, одговорност, ќе ѝ пристапам онака како што сум постапувал во секој предизвик што се појавувал во мојот професионален и персонален живот. Сакам да ве уверам дека во ниту еден миг нема да дозволам да отстапиме од тоа што значи функционална и одговорна институција за граѓаните, со јасни надлежности дефинирани во Уставот“, рече Џафери во обраќањето пред пратениците.

Тој најави дека ќе се залага за спроведување на економските, здравствени, образовавни и социјални потреби на граѓаните и за економски раст. Кажа дека ќе има отворен дијалог со политичките партии, институциите и граѓаните, како и транспарентност во работата.

Кој е Талат Џафери?

Талат Џафери е роден на 15 април 1962 година во гостиварското село Форина.

Завршил воена академија во Белград и Сараево. Од 1985 до 1991 година служел како висок офицер во Народната армија на поранешна Југославија. Oд 1992 до 2001 година бил офицер во Армијата на Северна Македонија.

За време на вооружениот конфликт во Северна Македонија во 2001 година, Џафери се приклучи на редовите на Ослободителната национална армија (ОНА).

На парламентарните избори во 2002 година, Џафери за прв пат беше избран за пратеник, од редовите на ДУИ. Од 2004 до 2006 година беше заменик – министер за одбрана.

На парламентарните избори во 2008 година, Џафери беше реизбран за заменик, додека во 2013 година беше именуван за министер за одбрана во Владата на Никола Груевски.

Од 2014 до 2016 година беше пратеник, а на 27 април 2017 година Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието на Северна Македонија, функција што ја вршеше до добивање мандат за состав на новата влада.

Талат Џафери, премиер на Северна Македонија

Талат Џафери, премиер на Северна Македонија

Милошоски: Еден дезертер си даде оставка, друг ќе седне во премиерската фотелја

Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, повтори дека неговата партија нема да гласа за оваа влада затоа што смета дека премиерското место не треба да го заземе партија со помал број пратеници и партија која се поврзува со висок криминал и корупција.

„Еден дезертер си даде оставка, друг дезертер ќе седне во премиерската фотелја. Ниту оној што стана од фотелјата, ниту оној што ќе седне немаат искрени чувства кон Македонија и затоа исто како и Ковачевски, најлошиот премиер досега, не очекувајте ниту од Талат Џафери да биде подобар и да работи за успешна и напредна држава“, рече Милошоски.

Тој обвини дека СДСМ е претворена во „приврзок на ДУИ“ и дека „СДСМ, ЛДП и НСДП, заради коруптивни побуди, денес македонскиот народ го направија кираџија во сопствената држава“.

„СДСМ, ЛДП и НСДП ви приредија понижувачка ДУИ-зација на државата, ставајќи го на чело на државата, Талат, другарот на Рамиз Мерко и Пуцко Петрол – познатите европејци во Македонија“, додаде Милошоски.

Пратеникот Дарко Каевски од СДСМ рече дека со поддршката за Владата, „СДСМ го става интересот на државата на прво место“.

„Нема да дозволиме ДПМНЕ да фрли дамка на изборниот процес а со тоа и на двојната победа на проевропскиот фронт на претседателските и на парламентарните избори. Заедно со мнозинството пратеници, заедно со граѓаните нема да дозволиме деструктивните сценарија на ДПМНЕ да успеат“, рече Каевски.

Ахмети: Сите сме победници со Охридскиот договор

Прв пат по подолго време на собраниската говорница излезе и Али Ахмети, претседател на ДУИ. Како одговор на критиките во излагањата на пратеникот Милошоски и на Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, Ахмети кажа дека државата бележи напредок и воспоставила рамноправност.

„Дали беше подобро тогаш кога јас и мојата генерација бев следен како непријател и терорист или денеска кога заедно управуваме со нашиот дом. Вие не враќате 22 години назад, како да сме пак кираџии, како Џафери да е кираџија. Не е вистина дека сме кираџии. Едно е вистина, Охридскиот договор ни го даде правото да бидеме еднакви, не го измени само статусот на Албанците, туку и ја смени државата за добро и на Турците, Србите, Власите..Сите сме победници со Охридскиот договор“, рече Ахмети.

Нови министри и дополнителни заменици- министри

Прв заменик – премиер, според договорот меѓу владејачките СДСМ и ДУИ, ќе биде Бојан Маричиќ, кој исто така останува и вицепремиер за европски прашања. Артан Груби кој досега ја извршуваше функцијата прв вицепремиер и министер за политички систем, ќе биде министер за политички систем.

На опозицијата и припаѓаат министерските места во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика и дополнителни заменички места во министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на овие места ги предложи Панче Тошковски за технички министер за внатрешни работи и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика. За дополнителен заменик– министер за финансиии е предложена Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а Цветан Трипуновски за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Познати се и имињата на министрите и дополнителните заменици министри од редовите на СДСМ. Митко Бојмацалиев, шеф на Кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, е кандидат за дополнителен заменик министер за внатрешни работи. Во министерските места во култура, животна средина, транспорт, одбрана и земјоделство предложени се досегашните министри.

За дополнителни заменици министри од СДСМ предложени се Викторија Аврамовска Мадиќ во Министерството за правда, Маја Манолева во Министерството за здравство, Александар Бајдески во Министерството за информатичко општество и администрација, Филип Николовски во Министерството за финансии и Мики Крстев во Министерството за локална самоуправа.

За дополнителен заменик министер за труд и социјална политика предложена е досегашната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Освен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поддршка нема и од коалицијата која ја сочинуваат партиите „БЕСА“, „Алтернатива“ и „Демократско движење“ бидејќи нивен претставник сè уште не е избран во Државната изборна Комисија (ДИК).

Поради тоа, шестмината пратеници од коалицијата ја бојкотираат работата на Собранието.

Техничката влада предводена од Џафери, ќе биде трета, по тие на Емил Димитриев во 2016 и на Оливер Спасовски во 2020 година. Тогаш беше воведена поради недовербата во изборниот систем, а по избивањето на аферата со масовното прислушување и политичката криза во земјава.

Првата ваква влада во 2016, кога власта ја имаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, беше избрана без поддршка од тогаш опозицискиот СДСМ.

Џафери и министрите во неговата влада, ќе останат на функција до формирањето на новата, по изборите на 8 мај. Мандатот на дополнителните заменици-министри, пак, ќе заврши порано односно со објавувањето на конечните резултати од изборите.

На 8 мај, покрај за парламентарни, ќе се гласа и во втор круг претседателски избори. Првиот круг од трката за шеф на државата, пак, ќе се одржи на 24 април.

Ова ќе бидат 11- ти парламентарни, а осми по ред претседателски избори на кои граѓаните ќе гласаат непосредно од осамостојувањето на државата во 1991 година.

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

Две маскирани лица извршиле вооружен напад на црква во Истанбул

Следно

Напад во католичка црква во Истанбул

Latest from Blog