Лидерите на водечките европски земји испратија порака за поддршка на Украина

1 min read

БРИСЕЛ (АА) – Европските лидери упатија порака за поддршка на Украина на годишнината од војната во таа земја, вклучувајќи ги и лидерите на владите на Италија, Германија, Шпанија, Велика Британија, Франција и Грција, известува Анадолу.

Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, сподели видеопорака на социјалната мрежа Твитер во која ги критикува руските „експанзионистички цели“.

„Украина не е ниту ќе биде сама бидејќи ги брани вредностите на слободата и демократијата врз кои се раѓа европскиот идентитет и се темели меѓународното право“, порача Мелони.

Германскиот канцелар, Олаф Шолц, исто така на Твитер сподели видеопорака во која ја осудува војната што започна пред една година.

Ги поздрави санкциите против Русија и поддршката што Европската Унија и Германија ѝ ја пружаат на Украина.

„Германија цврсто стои покрај Украина, денес и во иднина, бидејќи нашите испораки на оружје не ја продолжуваат војната. Колку побргу рускиот претседател ќе сфати дека нема да ја постигне својата империјалистичка цел, поголеми се шансите за крај на војната. Путин го има тоа во своите раце, тој може да ја заврши оваа војна“, порача Шолц.

Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, на Твитер изрази тага и порача дека неговата земја ќе продолжи да го поддржува народот на Украина и Владата во одбрана на мирот, слободата, нивниот суверенитет и територијалниот интегритет.

Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, на Твитер објави дека Атина непоколебливо стои покрај храбрите бранители на слободата и демократијата.

„Нашите мисли се и со разорениот град Мариупол и нашите сограѓани Грци таму. Стоиме покрај Украина до победата“, порача Мицотакис.

И британскиот премиер, Риши Сунак, на Твитер објави порака со слика од украинското знаме што се виори над Даунинг стрит.

„Една година по руската инвазија, украинското знаме продолжува да се виори над Даунинг стрит и на зградите низ Обединетото Кралство, како знак на нашата непоколеблива поддршка кон Украина и нејзината борба за слобода“, порача Сунак.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, на Твитер напиша порака во која му се обрати на украинскиот народ.

„Народе на Украина, Франција стои на ваша страна, за солидарност, за победа, за мир“, наведе Макрон во пораката.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS)..

Извор: www.aa.com.tr

Претходно

Мицкоски во Велес на увид во градежните работи кај паркингот на социјалните згради во населба Тунел

Следно

Уапсен дилер на дрога во Ѓорче Петров

Latest from Blog